20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДаночната реформа е воведување нов арач за фирмите и граѓаните, не и...

Даночната реформа е воведување нов арач за фирмите и граѓаните, не и подобри услуви за живот и за водење бизнис!

Најавата за даночна реформа од страна на Министерството за финансии предизвика негативни реакции кај бизнис здруженијата и експертите. Доколку се сублимираат нивните ставови кои ги дадоа за Денар може да се констатира дека од најавените промени во даночната политика стопанствениците гледаат нов финансиски удар врз вработењето. За државата пак реформите ќе ја намалат сивата економија.

По средбата на бизнис заедницата со владата на која надлежните ја презентираа даночната реформа, од Сојузот на стопански комори за Денар велат дека, во однос на потребата од обезбедување на дополнителни финансии во државниот буџет во тешки услови на криза, стопанството очекувало поинаков пристап, во кој зголемување на даночните оптоварувања би бил само еден сегмент кон кој ќе се прибегне откако ќе се исцрпат другите можности. Од ССК додаваат дека од презентираното не гледаат реформа во практична смисла на зборот, туку нови даночни оптоварувања со кои во најголем дел се таргетирани компаниите, но и граѓаните.

„Очекувавме поинаков пристап кој првенствено ги тргнал со рационализација на приходите на буџетот и нивна прераспределба, потоа намалување или целосно исклучување на некои буџетски оптоварувања што би се постигнало на пример преку реструктурирање на државните компании кои секоја година ангажираат значајни средства. Потоа очекувавме да видиме мерки со кои ќе се влијае на зголемување на даночните приходи со внесување на нерегистираните бизниси во системот кои се околу 23 до 25 отсто, и на крај да се оди во делот на позајмување на средства преку кредитни линии или наметнување на корекција на даноци. Тоа би била реформа. За ова што сега се најавува во овој сензитивен момент не е најдобро време, ниту начин. Со оданочување на реинвестираната добивка им се праќа погрешен сигнал на компаниите „не инвестирајте“, што може да негативно да влијае на одлуката дали и колку да инвестираат. Досега даночното ослободување беше значаен стимул за инвестиции во машини, простор, вработени. Третиот пензиски фонд компаниите го користеа за стимулирање на вработените, но сега и тоа може да биде променето со што удар ќе претрпат и осигурителните компаниите. Исто така и спортот нема да ја добива поддршката како досега. Во однос на ДДВ, треба да кажеме дека цените на енергенсите рушат рекорди, доволно е струјата да ја платиме ништо нема да остане за оданочување“, велат од ССК

И претставниците на Организацијата на работодавачи потврдуваат за Денар дека присуствувале на презентацијата на предлог даночната реформа, и велат дека добро е тоа што засега таа не е конечна и има простор за промени и доработки. И од ова бизнис здружение се на став дека во најголемиот дел од новитетите станува збор за даночни оптеретувања врз бизниост и граѓаните.

„Ниту една мерка не доведува до поповолни услови за работење на компаниите, туку напротив дополнително оптоварување. Тоа што можеме со сигурност да кажеме и со кое бизнис секторот беше усогласен е дека владата треба на друго место да го бара изворот за финансирање, односно да се позанимава посериозно со она што го потенцира Европската унија, а тоа е сивата економија која ни е многу повисока од она што е дозволиво за една држава. Многу е лесно да ги оптоваруваме компаниите кои што се во системот кои ги пријавуваат сите свои движења во системот. Треба да се позанимаваме со фантомските компании, оние кои немаат никакво финансиско пријавување. Од таму треба државата да бара надополнување на буџетските средства“, велат за Денар од Организацијата на работодавачи.

Од Стопанската комора пак, велат дека наместо властите да се фокусираат на барањата на бизнисот, од Илинденска број два им пристигнале даночни реформи кои отвораат нови прашања. Поради инфлаторните движења, каматните стапки од ден на ден се зголемуваат на финансиските пазари. Земјава пред неколку месеци упати барање за задолжување преку еврообврзница и барање до Меѓународниот монетарен фонд за користење линија за претпазливост и за ликвидност, додаваат од Стопанската комора. До денес на бизнисот сѐ уште не му е познато до каде се постапките во врска со овие аранжмани за прибавување ликвидни средства, кои денес чинат многу повеќе.

„Нели е нормално во нацрт-концепт за даночни реформи да се предвидат и прецизни рокови и услови на кои ќе се обврзе државата за понуда на поквалитетни услуги спрема приватниот сектор; рокови за дигитализација на нејзините процеси, за укинување на парафискалните давачки, како и за намалување на сивата економија и на корупцијата? Односно бизнисот очекува понуда на пинг-понг решение, што значи дека пред државата да одлучи да ги зголеми даноците треба да им докаже на даночните обврзници дека е ефикасна, ефективна, транспарентна и дека нуди квалитетни услуги“, велат од Стопанската комора

Свој став за актуелната ситуација има и експертот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт, кој беше и дел од Министерството за финансии. Според него ако не се воведе прогресивен данок, и на личен доход, и на добивка, а се воведат придонеси на хонорарците, тоа ќе значи дека со оваа реформа всушност ќе се даночат сиромашните, а не богатите, и тоа ќе има катастрофални економски и социјални последици. Во однос на новите даноци за граѓаните тој вели: „Не можете да зборувате за праведен данок, ако сакате да даночите хонорарци кои едвај крпат крај со крај, а не сакате да даночите милионери. Не можете да зборувате за транспарентност, ако најавувате реформа за која никој не знае што точно предвидува.“

Според очекувањата на властите новата реформа во даночната политика би можела да прибере нешто над 50 милиони евра, пари од граѓаните и фирмите.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП