Состојбата со природниот гас во поголемиот дел од Европа од ден на ден се проблематизира. Најголемата загриженост на државите од Западна Европа, а особено на членките на НАТО каде членува и Македонија е што доколку Русија реши да ја прекине во целост испораката на овој енергенс за сите оние држави кои воведоа санкции на официјална Москва. И земјава рамо до рамо со совоите сојузници го стори истото и поддржува санкции против Русија. И сето ова се случува кога во Македонија, поточно во Скопје нема компанија која следнава зима ќе го превземе бизнисот со топлинска енергија, а таа се произведува токму од природен гас кој досега беше увезен од Русија.
Речиси еден месец помина како Регулаторната комисија за енергетика и ги одзеде лиценците за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија на Балкан Енерџи Груп, но засега Владата не покажува загриженост да најде компанија која ќе ја превземе работата. Иако правилата велат дека, откако Регулаторната комисија за енергетика ќе ја извести Владата дека и се одземени лиценците за работа на постоечката компанија, властите треба да почнат постапка за избор на нова фирма која ќе ја превземе дејноста, сепак од Владата за Денар велат ќе го почитуваат законското решение во целост кое превидува рок за избор на нова комапнија од 90 дена.
„Ако носителот на лиценца којшто има обврска за обезбедување на јавна или универзална услуга побарал од Регулаторната комисија за енергетика да му престане лиценцата, или ако лиценцата е одземена во согласност со членот 50 од овој закон, за одлуката со која престанува или со која се одзема лиценцата Регулаторната комисија за енергетика веднаш ја известува Владата и во соработка со министерството предлага неопходни мерки за обезбедување на јавната, односно универзалната услуга. Во случаите од ставот (1) на овој член Владата, на предлог на министерството и Регулаторната комисија за енергетика во рок не подолг од 90 дена од денот на влегувањето во сила на одлуката за престанување, односно одземањето на лиценцата, во согласност со одредбите од овој закон спроведува постапка“, стои во одговорот кој Денар го доби од Владата.
Една од опциите е работата да ја добие и државната енергетска компанија АД ЕСМ. Но засега нема никаква одлука ни од државната фирма, сепак за тоа последен збор ќе има Владата. И самиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски на неколку пати потенцираше дека најдобро решение според искуствата на земјите од опкружувањето е дејноста со топлинската енергија да биде на државата. Тој веќе изрази загрижениост дека ќе биде голем предизвик да се набави природен гас оваа зима.
„Јас верувам дека ние како држава сме способни да најдеме и од други места природен гас за да дојде во Македонија. Доколку има природен гас, јас верувам дека ќе има, но не можам однапред да кажам имајќи во предвид дека и земји како Германија и Франција се соочуваат со намалена испорака на природен гас“, изјави Марко Бислимовски претседател на РКЕ.
Законска должност на вршителот на дејноста или на компанијата задолжена за затоплување на скопјани со топлинска енергија е да има резерви за 15 дена од алтернативно гориво како што се мазут или пак од дизел гориво за да може да произведува топлинска енергија. Инаку, до завршувањето на постапката за избор, вршителот на енергетската дејност којшто побарал престанување или на кого му е одземена лиценцата, е должен да продолжи со обезбедувањето на јавната, односно универзалната услуга, како и да остварува приход со примена на важечките цени и тарифи. И покрај ваквата состојба, од Регулаторна ги предупредија граѓаните да продолжат со редовно плаќање на сметките за парно греење. Балкан Енерџи Груп остана без лиценците за работа откако го извести регулаторот дека нема финансиска кондиција да продолжи со дејноста, односно да набавува природен гас по цени за најмалку 5 пати повисоки од пред војната во Украина. И на почетокот на годинава, во ек на грејна сезона, БЕГ се соочуваше со слични проблеми, па владата реши преку ЕСМ да ги спаси скопјани и да им ги задржи радијаторите топли. Каква ќе биде следна зима за граѓаните на Скопје кои се грејат на парно, засега останува енигма.
И.П