Ако летово планирате да уживате во утринско кафе со поглед кон езерската шир, подобро подгответе паричникот – едно кафе може да чини и до 250 денари.
Во Охрид, туристичката сезона веќе ги диктира правилата на пазарот, а цените во кафулињата и рестораните покрај езеро достигнуваат нови височини.
„Не е исто кога пиете кафе во центарот на Скопје и кога сте со нозете во вода и со поглед кон Галичица. Тоа е доживување, и тоа се плаќа“, вели угостител од градот, кој со години го води едно од пофреквентираните кафулиња на Кејот.
Според него, цената не се базира само на пијалакот, туку и на амбиентот, музиката во живо и локацијата.
Но, не размислуваат сите така. Дел од жителите на Охрид велат дека годинава цените се „надувани“, особено за обичните граѓани и домашните туристи.
„Минатата година плаќавме 120 денари за кафе, сега 200. За две еспреса и за два цедени сокови плативме скоро 1.000 денари. Па не е ни злато, ни шампањ“, револтирано коментира Емилија од Скопје.
Просечните цени на пијалаците ова лето се: кафе од 150 до 250 денари, пиво од 150 до 300, а цеден сок и над 300 денари.
Туристите од странство генерално не се жалат. За нив, како што велат угостителите, тоа е сосема нормално.
„Ние сме тука со пријатели од Холандија, и тие велат дека е евтино. Во Амстердам плаќаат 6 евра за обично еспресо“, раскажува Александар, кој води туристичка агенција.
Сепак, голем дел од локалните гости, особено оние што доаѓаат за викенд од внатрешноста, велат дека Охрид станал град за елита.
„Одамна го изгубивме шармот на достапноста. Секој летен престој е сѐ поскап, а платите не се зголемени. Кафе, сок и едно пиво – една дневница“, се жали возач од Битола кој редовно доаѓа во Охрид со семејството.
Од друга страна, угостителите тврдат дека и тие едвај врзуваат крај со крај.
„Кириите за локалите се астрономски, платите за келнери се 800 евра месечно, а трошоците за набавки и струја се удвоени. Ако сакаме да опстанеме, мораме да ги усогласиме цените“, вели сопственик на кафе-ресторан во центарот на Охрид.
Се чини дека летниот луксуз веќе има своја тарифа – и додека некои уживаат во мирисот на кафе покрај езеро без да прашаат колку чини, други со тага ја избегнуваат сенката покрај вода, сонувајќи за некои подобри времиња.
Б.З.М.