6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнисмените да се обединат и заеднички да ја извадат државата од оваа...

Бизнисмените да се обединат и заеднички да ја извадат државата од оваа економска криза!

Стопанската комора апелира до бизнис заедницата што поскоро да се обедини и како што велат да се засукаат ракавите за што поефикасно справување со моменталната криза која навестува дека доколку не се превземат сериозни чекори последиците може да бидат многу сериозни.

Од Стопанската комота велат дека е потребно да се отвори серија од неколку прес конференции на кои ќе се искаже моменталната состојба која владее во реалниот сектор. Од ова бизнис здружение велат дека во соработка со 160 компании добиваат се повеќе алармантни и загрижувачки информации кои треба да се проследат до јавниот сектор.

На неколку пати во последниот месец претставници на Управниот одбор на Стопанската комора ги констатира алармантните состојби и пораката што ја испраќа до јавниот сектор е дека во вакви моменти искуствата на бизнис заедницата покажуваат дека информациите до кои доаѓа приватниот сектор треба да бидат приоритетни и најзначајни бидејќи нивното сигнализирање и мерките кои се преземаат имаат огромно значење во временската димензија во која се поставени. Просто и едноставно кажано, стопанствениците не можат да чекаат да се видат статистичките податоци па дури потоа да се прават некакви интервенции, туку треба да се верува на секторот кој јасно и гласно ги добива тие во секојдневната комуникација.

„Дека сме во право во однос на оваа работа и мислиме дека тоа е правиот пат е и најновата компаративна анализа што доаѓа од нашиот најголем трговски партнер Сојузна Република Германија која е од петокот, пред два дена, а која кажува дека според анализите на Економскиот институт од Минхен се очекува падот на германското стопанство во наредниот период да биде од 15 % поради недостиг на суровини најмногу во автомобилската индустрија, што значи дека почнуваат да се остваруваат нашите прогнози изнесени уште пред еден месец дека ако дојде до ваква ситуација кај нашиот најголем трговски партнер, последици ќе има и врз македонското стопанство. И денес тоа го имаме како последица бидејќи дел од работниците седат дома и не работат, а проблем е што не се работи во повеќе смени. Зборуваме во име на 594.243 лица, вработени во приватниот сектор. Само за споредба, во јавниот сектор по сите основи работат само 18 % од луѓето, така што мислам дека е јасна тенденцијата за што зборуваме, во чие име зборуваме и каде треба да се насочат активностите“, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора.

Од Здружението на градежништвото, велат дека нивниот сектор се наоѓа во една од најголемите кризи досега. Импликации од овој проблем има во сите сфери, а најмногу во доменот на јавните набавки. Информациите од градежниот сектор велат дека кај тековните јавни набавки и проекти кои повеќе години се реализираат, има проблем кај компаниите, работат во услови на непроменети цени пропишани во договорите, дополнително онаму каде што има пропишано клизна скала истата не функционира, односно не ги одразува зголемувањата на цените во реалноста. Градежниците велат дека кај оние капитални проекти кои се пропишани и евалуирани но не се започнати, проблемот е што цените кои се пропишани и евалуирани повеќе не се исти со оглед дека од ден на ден се зголемуваат.

„Со оглед на намаленото учество на градежништвото во Бруто-домашниот производ од 0,5 процентни поени и со оглед на бројот на вработени во однос на што има тренд на опаѓање и над 2.000 откази, како и во услови на работење за време на тешка здравствена, економска и воена криза, а што е поважно во услови на ниска реализација на капитални инвестиции и лошо и споро администрирање на сите проблеми при реализација на тие инвестиции, проблемот со зголемување на цените на градежните материјали не може да се изостави и мора да биде решен одма и сега. Сите ќе бидеме одговорни доколку веднаш не почнеме да го решаваме тој проблем со оглед на тоа дека последиците од истиот би биле катастрофални и би влијаеле катастрофално на еден од најголемите стопански сектори во државата“, вели Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво.

По се изгледа дека понудените владини мерки нема ни приближно да ги дадат посакуваните резултати во реалниот сектор. Затоа стопанствениците апелираат што поскоро да направат еден заедничи фронт против кризата и здружено да и одговорат со проекти и планови како да се задржат компаниите на здрави нозе, без притоа да има последици и врз работната сила.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП