Земјите производители на нафта повторно ги отфрлија повиците за зголемување на производството.
ОПЕК вчера ѝ соопшти на Европската унија дека сегашните и идните санкции против Русија би можеле да создадат еден од најголемите шокови во снабдувањето со нафта досега и дека би било невозможно да се компензира за таа количина и посочи дека нема да го зголеми производството.
Претставници на Европската унија вчера разговараа во Виена со претставници на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) поради повиците групата да го зголеми производството додека ЕУ ги разгледува потенцијалните санкции за руската нафта.
„Можеме потенцијално да имаме загуба од над седум милиони барели дневно руска нафта и други извозни течности како резултат на сегашните и идните санкции“, рече генералниот секретар на ОПЕК Мохамед Баркиндо, се наведува во примерок од неговиот говор, до кој Ројтерс имал увид.
„Со оглед на сегашната побарувачка, би било речиси невозможно да се надомести загубата на количината од толкави размери.
На состанокот со земјите производители на нафта, Европската унија го повтори својот повик да се разгледа дали би можеле да ги зголемат испораките за да ги смират цените на нафтата, изјави претставник на Европската комисија за Ројтерс.
Претставниците на ЕУИ, исто така, истакнаа дека ОПЕК има одговорност да обезбеди урамнотежени пазари на нафта, рече претставникот.
ОПЕК се спротивставува на повиците на Соединетите Држави и Меѓународната агенција за енергетика да испумпува повеќе нафта за да ги стабилизира цените кои достигнаа рекордно високо ниво во последните 14 години минатиот месец, откако Вашингтон и Брисел воведоа санкции кон Москва поради инвазијата на Украина.
На состанокот со ОПЕК, ЕУ рече дека ОПЕК може да го зголеми производството од резервниот капацитет, според документот до кој Ројтерс имал пристап.
Сепак, Баркиндо рече дека моменталната нестабилност на пазарот е резултат на фактори кои ОПЕК не може да ги контролира, што е сигнал дека групата нема да пумпа повеќе нафта.
Досега руската нафта не беше покриена со санкции. Сепак, европскиот блок минатата недела се согласи да воведе санкции за рускиот јаглен – првите санкции против извор на енергија – и некои високи европски претставници рекоа дека нафтата може да биде следна.
Европската комисија подготвува предлог за нафтено ембарго за Русија, изјавија вчера министрите за надворешни работи на Ирска, Литванија и Холандија на состанокот на европските министри за надворешни работи во Луксембург, иако не е постигнат договор за забрана на увозот на руска нафта.
Австралија, Канада и САД, кои помалку се потпираат на Русија отколку на Европа, веќе го забранија купувањето на руска нафта.
Земјите од ЕУ се поделени околу тоа дали да го следат овој пример, со оглед на нивната голема зависност и можноста тоа да предизвика раст на и онака вртоглаво високите цени на енергенсите во Европа.
ЕУ очекува користењето на нафтата да падне за 30 отсто до 2030 година, во споредба со 2015 година, како дел од планираната политика за борба против климатските промени – иако на краток рок, ембаргото би предизвикало трка за замена на руската нафта со алтернативни залихи.