Во пресрет на шпицот на туристичката сезона на хрватскиот Јадран, сè уште има 2.000 огласи за работа во угостителството и туризмот, за кои се нуди просечна нето плата од околу 1.250 евра, што е за девет проценти повеќе од минатата година, кога изнесуваше 1.136 евра.
Како и во претходните години, најбараната професија е келнер, кој, според анализата на порталот „МојПосао“, е платен во просек од околу 1.178 евра.
„Оваа професија бележи раст од 11 проценти, додека рецепционерите заработуваат просечна плата од 1.162 евра, или 12,5 проценти повеќе од минатата година. Чистачите бележат најголем релативен раст, со просек од 961 евро, што е зголемување од дури 16 проценти во споредба со минатата сезона. Пица мајсторите, како уште една барана професија, заработуваат просечно 1.559 евра, што е за 14 проценти повеќе од минатата година“, вели Ален Мрвац од порталот „МојПосао“.
Сезонските работни места често се бараат преку социјалните мрежи и порталот „Posao u turizmu“. Најбараните професии се келнери, шанкери, готвачи и собарки, а работодавците нудат различни плати – со обезбедено сместување и оброци или малку повисоки плати за кандидатите кои веќе имаат сопствено сместување.
Луксузен бутик хотел во Истра вработува келнери за услуга „à la carte“, а платата зависи од годините искуство и потребата за сместување. Келнерите со најмалку пет години искуство можат да очекуваат плата од 1.600 евра без сместување, или 1.300 евра ако е обезбедено сместување. За кандидатите со помало искуство, платите се движат помеѓу 1.000 и 1.100 евра.
Шанкерите во хотелите во Истра имаат слични приходи како и нивните колеги во рестораните во Дубровник, каде што платите најчесто се движат од 1.200 до 1.400 евра месечно. Самостоен готвач во ресторан во Дубровник може да заработи помеѓу 2.000 и 2.500 евра, во зависност од искуството и компетенциите.