Идејата Дебар Маало да прерасне во викенд-пешачка зона, со ограничен сообраќај во внатрешноста на маалото, го предизвика вниманието – и ентузијазмот и скепсата – кај жителите на едно од најдинамичните и најживописни урбани јадра во Скопје.
Пилот-проектот, инициран од Општина Центар, предвидува шестмесечно тестирање на нов сообраќаен режим со кој би се забранило движењето на возила низ Дебар Маало за време на викендите.
Општината веќе го подготвила предлогот, кој треба да добие одобрение од Град Скопје и потоа и од СВР Скопје.
Ако се покаже како успешен, не се исклучува можноста пешачката зона да стане трајна.
Но, што мислат жителите?
„Ако навистина значи помалку коли и помалку врева – тогаш, апсолутно да!“, вели Катерина Илиевска, жителка на улицата Орце Николов, која со години се жали на бучавата и сообраќајниот хаос што викендите ги претвораат вечерните часови во „урбан кошмар“.
Секој петок и сабота, посочува таа, од 20 часот па до раните утрински, е невозможно да спиеш со отворен прозорец.
„Моторите, автомобилите, четирициклите – тоа не е Дебар Маало што го знаевме. Ако ова е вистински обид нешто да се смени, го поддржувам“, додава Илиевска.
Сличен став има и Марко Ставрев, млад татко, кој честопати излегува на прошетка со своето дете.
„Ни треба простор каде што можеме да се движиме без страв дека некој ќе нѐ прегази. Пешачки викенди се добредојдени – барем како за проба“, порачува Ставрев.
Сепак, не се сите расположени за ваква промена. Дел од граѓаните, особено оние кои живеат подалеку од централните пешачки улици, сметаат дека мерката ќе создаде нови проблеми.
„Ќе мора да носиме кеси од маркет до дома по 300 метри“, вели Ристо, пензионер од улицата Мирче Ацев. „Јас не сум против тоа младите да уживаат и да шетаат, ама што со нас што не можеме да одиме многу?“
Од друга страна, угостителите – кои и се дел од духот на Дебар Маало – изразуваат загриженост за можен пад на прометот.
„Луѓето доаѓаат на кафе, на вечера, не секогаш пеш. Има гости од другите делови на градот, па дури и од други градови. Ако не можат да се паркираат блиску, нема да доаѓаат. А ако нема луѓе – нема промет“, вели менаџер на еден од популарните барови во маалото.
Некои жители бараат порамнотежен пристап – наместо целосна забрана, предлагат рестрикции само во дел од улиците или воведување контроли за паркирање и брзина.
„Зошто да не се проба решение како во некои европски градови – со дигитални бариери, дозволи за жители, лимитиран број на влезови по саат?“, предлага Ана, урбанист и жителка на маалото.
Таа вели дека идејата има потенцијал, но само ако се прави со внимателно планирање и со вклучување на граѓаните.
Б.З.М.