18 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАИма ли спас? Македонија тоне во стагфлација, граѓаните на работ на издржливоста

Има ли спас? Македонија тоне во стагфлација, граѓаните на работ на издржливоста

Македонија сѐ подлабоко тоне во економска стагнација проследена со растечка инфлација – феномен што граѓаните го чувствуваат најдиректно на пазарите и во маркетите, каде што цените секојдневно се менуваат.

За владејачката гарнитура тоа сè уште е „предизвик што се следи со внимание“, но за многумина ова е егзистенцијална битка – како да се преживее месецот со минимални примања и со максимални трошоци.

„Јас земам минимална плата, маж ми е без работа. Само за леб и млеко секој ден трошиме по 200 денари, а до вчера беше 100. Со две деца не знам како ќе издржиме. Сè е поскапо, а никој не нѐ прашува како живееме“, вели Јасмина М., мајка од Скопје, која ја сретнавме на пазарот во Тафталиџе.

Од опозициската СДСМ велат дека ова повеќе не е само економска криза, туку системско понижување на граѓаните.

„Инфлацијата е надвор од контрола, а Владата и натаму го глуми глувиот и слепиот. Цените вртоглаво растат, додека платите стагнираат. Единствените кои живеат добро во Македонија денес се функционерите од власта“, велат од Бихаќка.

Додека институциите сѐ уште немаат конкретен одговор на ударот по животниот стандард, премиерот Христијан Мицкоски накусо најави дека „многу скоро“ ќе има предлог-мерка за стабилизирање на цените на основните прехранбени производи.

Не навлезе во детали, освен што истакна дека ситуацијата „се следи внимателно“ и дека „се работи на решенија“.

Но економистите се песимистични.

„Ова што го гледаме е класична стагфлација – високи цени, а ниска економска активност. Владата досега не понуди ни краткорочна ни долгорочна стратегија. Се реагира доцна и несоодветно. А кога ќе доцниш со мерки, народот прв страда“, коментираат аналитичарите.

Состојбата ја потврдуваат и последните податоци од Евростат, според кои Македонија е на самото дно во Европа по минимална плата – пред нас е само Албанија. Истовремено, земјата е последна по куповна моќ, што значи дека дури и тоа малку што граѓаните го заработуваат, не може да им покрие ни основните потреби.

„Јас сум пензионер со 18.200 денари месечно. После сметки и лекови, остануваат едвај 3.000 денари. За месо одамна не ни помислувам, понекогаш земам пилешко кога е на акција,“ споделува Петре В., 71-годишен пензионер од Велес.

Од другите градови ситуацијата е идентична. Во Тетово, килограм сирење надминува 500 денари, килограм домати 100 денари, а зејтинот повторно се продава за над 130 денари.

„Порано пазарев за три дена со 500 денари, сега не ми стигнуваат ни за еден. Влегуваш во продавница и излегуваш со две најлончиња, а си оставил илјадарка. Ова не е живот“, се жали Љуљзим од Тетово.

Експертите предупредуваат дека без структурни реформи – од поддршка на домашното производство, преку зголемување на продуктивноста, до фискална дисциплина – ваквата состојба може да трае со години.

„Не е доволно да најавиш мерки, мораш да имаш визија. Тешко е кога власта само гаси пожари, без да се праша кој ги пали“, порачуваат експертите.

Додека институциите калкулираат со „пакети за помош“, граѓаните секојдневно ја калкулираат сопствената надеж – дали утре ќе имаат доволно за леб, млеко и за достоинствен живот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП