Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, денес оствари средба со раководителот на Канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјава, Фатих Туркменоглу. Средбата претставуваше можност за размена на мислења за економската состојба и потенцијалот за зајакнување на соработката меѓу двете институции заради поддршка на одржливиот развој.
Тие разговараа пред сѐ за значењето на макроекономската стабилност како предуслов за побрза економска конвергенција кон Европската Унија. Гувернерот Славески ја нагласи заложбата на Народната банка за водење предвидлива и одговорна монетарна политика, што придонесува кон ценовна и финансиска стабилност, создавајќи сигурна основа за економски раст и структурни реформи.
„Цврстата макроекономска основа, којашто ја одржуваме преку стабилноста на девизниот курс, контролата на инфлацијата и преку стабилниот банкарски сектор, е важен двигател на довербата кај инвеститорите и поддршка за домашната економија“, истакна гувернерот Славески.
Во контекст на најновиот извештај на ЕБОР, соговорниците се осврнаа и на предизвиците поврзани со ниската продуктивност, потребата од унапредување на деловното окружување и поттикнување на дигитализацијата и иновациите. Беше истакнато дека зајакнувањето на конкурентноста, отпорноста и на владеењето на правото е суштествено за одржливоста на пазарната економија.
Гувернерот посочи дека пристапот до финансирање и солидната кредитна поддршка на компаниите, овозможени и преку мерките на Народната банка, се важен столб за поттикнување на продуктивноста и за вклучување на економијата во светската производствена мрежа.
Двајцата соговорници ја нагласија важноста од натамошното унапредување на соработката меѓу Народната банка и ЕБОР, особено во областите поврзани со дигитализацијата, одржливото финансирање и зајакнувањето на отпорноста на финансискиот систем.