25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на енергенсите незапирливо растат: Цената на нафтата над 105 долари

Цените на енергенсите незапирливо растат: Цената на нафтата над 105 долари

Цените на нафтата во вторникот се искачија до 106 долари за барел на меѓународните пазари, бидејќи најавите за координирана продажба на нафта од стратешките резерви не ги ублажија стравувањата од прекини во снабдувањето поради руската инвазија на Украина и санкциите против Москва.

Цената за барел нафта со датум на испорака во мај порасна на лондонскиот пазар за 7,83 долари во однос на претходното затворање, на 105,8 долари.

На американскиот пазар со барел се тргуваше во договори со рок на испорака во април за 8,27 долари повисоки, на 103,99 долари.

Пазарите внимателно ја следат руската агресија врз Украина. Конвој руски оклопни возила се упати кон главниот град на Украина, Киев, по смртоносното гранатирање на станбени области во Харков, вториот по големина град во земјата.

Русија денеска соопшти дека нејзините сили ја отсекле украинската армија од Азовското Море.

Економската изолација на Русија денеска се продлабочи откако големата логистичка компанија „Маерск“ објави дека ќе го прекине контејнерскиот сообраќај со Русија.

Обединетото Кралство им забрани влез во нивните пристаништа на сите бродови кои на кој било начин се поврзани со Русија.

„Кревката ситуација на Украина и финансиските и енергетските санкции против Русија ќе продолжат да ја поттикнуваат енергетската криза и да ги задржат цените на нафтата далеку над 100 долари за барел на краток рок, а може да бидат повисоки ако конфликтот ескалира“, рече Луиз Диксон од Ристад енерџи.

Големите нафтени и гасни компании, вклучително БП и Шел, најавија повлекување од операциите и заедничките вложувања во Русија, додека францускиот Тотал соопшти дека нема планови за дополнителни инвестиции.

Поради санкциите, купувачите на руска нафта имаат потешкотии да платат и да го пронајдат бродот, па БП го откажа товарењето на мазут во руското пристаниште на Црното Море.

Русија извезува четири до пет милиони барели сурова нафта и два до три милиони барели деривати дневно.

Пазарното расположение беше донекаде подобрено од страна на САД и нивните сојузници со дискусија за координирана продажба на нафта од стратешки залихи за да се ублажат нарушувањата во снабдувањето. Медиумите објавија дека на пазарот би можеле да пуштат меѓу 60 и 70 милиони барели.

„Цените на нафтата растат поради стравот предизвикан од војната во Украина“, изјави Џон Килдаф од њујоршкиот „Агаин капитал“, додавајќи дека трговците можеби се разочарани од најавениот број барели од резервите.

Членовите на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) попладнето се собраа на вонреден состанок, што може да биде вовед во координирано ослободување на нафта од залихите на пазарот, забележува Ројтерс.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и група независни производители, вклучително и Русија, ќе се состанат во среда за да разговараат за производната политика.

„ОПЕК најверојатно ќе го потврди првичниот план за зголемување на производството за 400.000 барели дневно во текот на месецот, што нема да ја смири загриженоста“, рече Варга.

Трговците на мало се загрижени дека понудата нема да биде во чекор со побарувачката. Азиските фабрики продолжија да произведуваат со полна пареа во февруари, закрепнувајќи се од кризата со корона, што подразбира поголема побарувачка за нафта, според Ројтерс.

ОПЕК одделно извести дека барел нафта на нејзините членки во понеделникот чинел 99,22 долари, што е за 2,55 долари повеќе од претходниот трговски ден.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП