18 април, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУФилип Ивановски-Пакомак: Акт на најголем патриотизам е токму грижата за животната средина!

Филип Ивановски-Пакомак: Акт на најголем патриотизам е токму грижата за животната средина!

За многумина Пакомак е синоним на општествено одговорна компанија која веќе 11 години придонесува кон создавање добри еколошки практики и однесување. Кога ќе погледнете наназад колку сте задоволни од постигнатото?

-Изминативе години направивме многу работи на кои сме горди, но има и работи кои можевме да ги направиме подобро или не сме задоволни како ги завршивме. Тоа што споменавте дека сме синоним за општествено одговорна компанија која се грижи за екологијата е една од работите која не прави да се чувствуваме задоволни.

Но, таа перцепција за Пакомак не е случајна. Веројатно најголем дел од граѓаните не знаат дека сите овие години паралелно постојат уште 3-4 компании како Пакомак со исти цели и одговорности пред државата, но ние сме единствени кои имаме поставено сериозна инфраструктура за селекција на отпад од пакување. Само во последните 6 години сме поставиле над 3.200 различни контејнери од 1-2,5м3  и над 12.000 канти од 120 лит. за селекција на отпад од пакување во над 40 општини во Македонија каде живее над 70% од населението. За илустрација, низ целава земја има вкупно околу 10.000 контејнери од 1,1м3 за комунален смет, што значи сме ја зголемиле инфраструктурата за собирање на отпад за над 30%!

Горди сме што низ системот за собирање стакло кој во 2016 го започна, разви и финансира Пакомак, собираме над 5.000 тони стаклена амабалажа годишно што е речиси 30% од вкупната стаклена амбалажа што се пушта на пазарот во Македонија! Собираме стаклени шишиња од над 1000 кафулиња, хотели и ресторани низ земјава!

Задоволни сме што  годишно собираме во просек 25.000 тони различен отпад од пакување во нашиот систем, а тоа е над  55% од сите количини кои се собираат во земјава! Како членка на двете најголеми европски асоцијации за управување со амбалажен отпад, одговорно тврдам дека Пакомак има постигнато подобри резулатати од многу земји во регионот и ЕУ, со значително помалку финансии од нив!

Секако, не сме задоволни што се уште нема доволно контејнери за селекција на отпадот на улиците и нерешен проблем со неформалните собирачи кои ги уништуваат нашите контејнери. Не сме задоволни што се уште има компании кои не плаќаат никаде за селекција на амбалажниот отпад од своите производи и институциите тоа го толерираат. Не сме задоволни што локалните и државни власти ретко ја ставаа екологијата за приоритет во нивните мандати. Но, веруваме дека сме на добар пат и тоа да го надминеме!

Сведоци сме дека се поголем број на деца од школска возраст имаат воспоставено еколошки навики. Дека граѓаните се повеќе селективно го одложуваат отпадот. Што недостига?

-Едукацијата на децата во градинките и училиштата за потребата од селекција и рециклирање на отпадот Пакомак ја започна уште во 2012 година. Сфативме дека кај најмладите полесно се создаваат добри еколошки навики отколку истите да ги менуваме кај повозрасните. Предавања во училниците, училишни претстави со еко теми, проектите Еко автобус и  Еко магионичар се само дел од се она што го правиме овие години за создавање здрави еко-навики кај генерациите кои доаѓаат. Тие генерации ќе ги дадат идните еколошки свесни политичари, министри, директори и вработени во сите сектори. И сигурно ќе бидат подобри од сегашниве од аспект на грижа за природата.

Ние правиме истражување на еколошките навики меѓу граѓаните секоја втора година. Последното истражување од 2020 година покажа дека 23% од граѓаните секогаш или често го селектираат отпадот од пакување, но уште 22% тоа го прават понекогаш кога имаат можност за тоа, што значи веќе 45% од нив имаат навики за селекција на отпадот.  Овој процент беше 22% во 2015 и горди сме дека и Пакомак има удел во овој раст на еколошката свест кај граѓаните! Сметаме дека кога овој процент ќе биде над 55%, драстично ќе се промени сликата во однос на отпадот, а со тоа и екологијата генерално. И тој момент не е далеку, верувам дека за неколку години ќе ја поминеме таа точка на пресврт.

За да се случи тоа, секако мора да продолжиме да поставуваме инфраструктура за селекција на отпадот на улиците и по домовите, да наоѓаме начини да ги мотивираме и наградиме тие што имаат еколошки навики, но и начини како институциите да ги казнат тие што не ги почитуваат еко-законите на државата и добрите еко-практики од другите земји.

Од година во година ги зголемувате очекувањата за процентите на селектиран и рециклиран отпад. Какви се бројките за 2021 година?

-Во 2011 година кога почнавме со работа, Пакомак во својот систем собра околу 6.900 тони различен отпад од пакување, претежно хартија. Тогаш стапката на рециклирање на нашиот систем беше 12,8% во однос на тоа колку компаниите пријавиле дека пуштиле амбалажен отпад на пазарот.

Во 2019, 2020 и 2021 просечно собираме околу 25.000 тони отпад од пакување и имаме стапка на рециклирњае од 55-60% во однос на пуштениот отпад од пакување од компаниите кои се наши членки. Радува што освен рециклирање на хартијата, расте собирањето и рециклирањето на пластиката, стаклото и алуминиумските лименки.

Во следниот период ќе се фокусираме на овие 3 фракции. Со поставување на повратните вендинг машини во многу поголем број до 2025, очекуваме да ги достигнеме амбициозните национални цели кои се поставени пред нас.

Активно поддржувате и иницирате голем број еко проекти. Вендинг машини воведовте, бројни еко едукации, магионичарско шоу. Оваа година под мотото „Истражи ја креативноста“ го распишавте овогодинешниот конкурс Trash for Art. Конкурс кој секоја година предизвикува големо внимание и ја мобилизра креативноста кај младите.  Што е ново оваа година?

-Конкурсот Уметност од отпад го организираме неколку години наназад и има цел да даде друг поглед на отпадот, како нешто што има дури и уметничка вредност! Доделуваме награди за најубави дела изработени од отпад во неколку категории: градинки, училишта и поединци. Оваа година не радува што како партнери во проектот ни се приклучија и два респектирани домашни производни  компании, Пивара Скопје АД и Млекара АД Битола. Тие доделуваат посебни награди и стимулираат повеќе учесници во конкурсот. Пакомак е посветен на градење партнерски односи со своите членки и градење синергија со нив секогаш кога е тоа во функција на градење повисока јавна еко-свест или повеќе собран отпад.

Веќе има голем интерес од страна на трговските ланци и моловите за поставување на овогодинешните уметнички дела изработени од отпад од пакување во нивните простори. Тоа дополнително ќе го зголеми ефектот на делата врз многу поширока публика, а со тоа ќе влијае барем малку за подруг однос кон отпадот кој секојдневно го создаваме дома. Подигањето на јавната еколошка свест е долготраен процес, но неопходен за структурни промени на навиките на општеството во кое живееме. Нашата упорност во организирање на овој конкурс јасно покажува дека сме свесни каде сакаме да стигнеме и отворени сме за сите поддржувачи на тој пат.

Сеуште има компании во земјава кои не плаќаат надомест за амбалажниот отпад кој го создаваат. Со тоа го оштетуваат државниот буџет, но и не придонесуваат кон здравата животна средина. Оваа година се изменија и законските норми. Што треба да се направи за сите компании да имаат рамноправен статус?

-За жал, 35-40% од амбалажниот отпад кој се создава во Македонија е од компании кои не плаќаат никаде за селекција и собирање на нивниот амбалажен отпад. Тоа е над 1,5 мил. евра помалку секоја година во системите како Пакомак, а за буџетот неколку пати повеќекратна штета. Пакомак со ова се бори од самиот почеток на формирањето и апелира пред се до инспекциите да ги стават во законска рамка овие компании. Тоа и не е така тешко ако се има волја да се направи, особено што сега постојат законски предуслови за тоа.

Контрадикторно е кога некој како директор или сопственик на компанија не сака или ескивира да плаќа за отпадот кој го создава со работењето на неговата компанија, а потоа таа иста личност е гласна во барањата за почиста животна средина и се жали на институциите!? Кога секој директор ќе размислува како општествено одговорен граѓанин кој си ја сака земјата и природата во неа, тогаш ќе ја немаме и оваа појава на евазија на давачките за екологија. Акт на најголем патриотизам е токму грижата за животната средина!

Како директор на Пакомак, но и еко активист, што би посакале оваа година?

-Оваа 2022ра очигледно ќе биде полна предизвици на сите полиња и успешното справување со нив нема секогаш да зависи од нас.. но, од нас зависи во каква земја ќе живееме! Македонија е една од најубавите места за живеење! Имаме низини и планини, реки и езера, за 2-3 часа возење со автомобил имаме излез на топли мориња и снежни планини за скијање. Имаме храна која е домашно одгледана, многу сонце и многу снег!

Сакам во 2022 да го имаме повеќе од тоа што се уште е недоволно-свесност за околината и природните убавини во кои живееме! Почист воздух, помалку кеси и ѓубре околу патиштата. Нашата љубов кон околината и другите да ја покажуваме повеќе со дела, а не само со зборови! Да веруваме во себе и дека можеме подобро од ова сега! Тоа е предуслов да веруваме во модерна Македонија која ги има сите предуслови да биде држава за пример на Балканот. Тоа од нас зависи!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП