19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзградбата на интерконективниот гасовод со Грција, го чека заемот од ЕБОР

Изградбата на интерконективниот гасовод со Грција, го чека заемот од ЕБОР

Кон крајот на годинава се очекува да почне изградбата на интерконекторот за природен гас кон Р.Грција. Првиот човек на Национални енергетски ресурси (НЕР), Бајрам Реџепи вели дека има мали пролонгирања, од повеќе причини, но една од нив е затоа што проектот претрпел измени. Прилагоден е освен природен гас, да преносува и водород. Делот кој ќе се гради од наша страна треба да изнесува околу 58 милиони евра. 

-Минатата година беа потпишани договорите со ДЕСФА. На крајот на декември лани, беа потпишани и договорите за делот на финансирање од Европската Инвестициска Банка, и грантот за градба од 10 милиони евра од WBIF.  Но, уште не е затворена финансиската конструкција, бидејќи дел од проектот ќе се финансира со заем од ЕБОР, и за овој договор уште се преговара.  Овој проект е исклучително комплексен, посебно затоа што треба да се координираме и со нашите партнери од Грција. Така што има мали пролонгирања, но не се доцни. Според нашите планови, до третиот квартал оваа година треба да заврши постапката, а при крајот на годинава да почне изградбата, вели за “Денар”, извршниот директорот на НЕР, Бајрам Реџепи.

Целта на изградбата на овој интерконектор е преку него да се обезбеди диверсификација и конкурентност на пазарот со природен гас во земјава и сигурно снабдување со гас од Азербејџан, течен гас од САД и другите држави.

Експертите во јавноста околу проектот беа поделени. За едни беше од исклучително значење за нашата држава и историски момент, други пак сметаат  дека парите треба да се насочат дома во изградба на енергетски капацитети кои и се неопходни на државата.

Директорот Реџепи, посочи дека минатата година во земјава биле потрошени околу 430 милиони кубни метри природен гас, а над 90 отсто од овие количини биле употребени во Скопје.

Кога ќе може скопјани да го користат природниот гас во домаќинствата?

-Проблем е што во Скопје нема развиено дистрибутивна мрежа за природен гас и затоа домаќинствата уште не можат да го користат како енергенс. До средината на оваа година треба да заврши постапката и во текот на втората половина од годинава, Владата треба да склучи договор за јавно- приватно партнерство, за финансирање, изградба и одржување на дистрибутивната мрежа на целата територија во држвата. Секако дека на идниот оператор за дистрибуција, ќе му биде потребен одреден период за проектирање и добивање на потребните дозволи за градба, но веќе ги правиме последните чекори до масовната гасификација во земјава, додава Реџепи.

Низ државава пак веќе се изградени 270 километри  од преносната мрежа. Недостасуваат уште 7 до 8 километри за да се завршат трите лота кои се во тек на градба –  од Клечовце до Неготино, од Неготино до Битола и третиот, од Скопје кон Тетово и Гостивар.  

Се прават напори овие три лота да се пуштат во употреба во текот на оваа година или некој од нив на почетокот на следната.  

Од НЕР велат, големо влијание врз овие проекти има и пандемијата која трае веќе две години. 

-Ангажирани се повеќе луѓе, од различни институции од земјава, но и од надвор и сите постапки се тесно поврзани една со друга. Во време на пандемија кога имаш луѓе заразени, изолирани, хоспитализирани, но и за жал такви кои повеќе не се меѓу нас, нормално е дека функционирањето е отежнато и многу работи пролонгирани. Уште потешко беше и кога имавме затворени граници. Но, јас сум оптимист дека оваа година ќе се завршат поголем број од проектите и 2022 ќе биде клучна за гасификацијата на државата, вели Реџепи.

Инаку, гасификацијата е процес на кој државата работи веќе подолго време, а кој треба да обезбеди економски и еколошки придобивки.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП