25 април, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕШто предизвикува „долг ковид“? Научниците сметаат дека успеаа да ги најдат главните...

Што предизвикува „долг ковид“? Научниците сметаат дека успеаа да ги најдат главните „виновници“

Пандемијата на коронавирус не само што ги промени нашите животни навики, туку и нашето здравје. Поточно, добар дел од луѓето кои ја преживеаа инфекцијата со коронавирус доживеаа т.н. „долг ковид“, односно симптоми кои продолжуваат по завршувањето на болеста.

Тим од повеќе од 50 научници се обиде да открие зошто се јавува „долг ковид“ кај некои пациенти, а кај други не. Во нивната студија, објавена во списанието Cell, истражувачите пронајдоа одредени маркери кои може да се следат, а се чини дека се поврзани со појавата на долгорочни симптоми, дури и ако почетната болест била поблага.

Истражувачите следеле 309 пациенти кои преживеале Ковид-19 од нивната првична дијагноза до целосно закрепнување два до три месеци подоцна и ги споредиле нивните резултати со целосно здрави контролни субјекти. Тие анализирале примероци од крв и брисеви од нос и собрале информации за евентуални симптоми кои ги чувствувале пациентите.

По три месеци, повеќе од половина од пациентите пријавиле замор, а четвртина изјавиле дека се уште се борат со постојана кашлица. Некои имале проблеми и со дигестивниот систем.

Научниците истакнаа дека резултатите кои ги добиле биле исклучително сложени, но откриле интересни врски помеѓу коронавирусот и развојот на други болести.

Така, тие предупредија на реактивирање на вирусот Епштајн-Бар, кој спаѓа во категоријата херпесвирус и е еден од најчестите вируси кај луѓето, а е наведен како причина за инфективна мононуклеоза, но во последно време и како потенцијален причинител за мултиплекс склероза.

Комбинацијата на реактивирање на вирусот Епштајн-Бар, честички на коронавирус (забележливи во телото) и специфични автоантитела кои го напаѓаат сопственото тело (и предизвикуваат автоимуни болести) се покажа како добитна комбинација за „долг ковид“.

Покрај тоа, тие откриле дека пациентите со долготрајни респираторни проблеми имаат ниско ниво на хормонот кортизол (хормон на стрес), кој може да влијае на биоритамот, но и да доведе до голем број нарушувања во телото, вклучително и дебелина и депресија.

Интересно е тоа што истражувачите откриле врска помеѓу дијабетес тип 2 и кашлица, дека жените имаат поголема веројатност да имаат невролошки нарушувања и дека пациентите со срцеви заболувања или кашлање имаат поголема веројатност да го изгубат чувството за вкус и мирис пред самата болест.

Истражувачите рекоа дека нивните наоди би можеле да помогнат да се пронајдат потенцијални програми за лекување, кои ќе вклучуваат употреба на антивирусни лекови (за намалување на нивото на вирусот во телото) и терапија за замена на хормонот кортизол кај оние пациенти со ниски нивоа, особено пациентите кои се борат со „долг ковид“ и долго по надминување на почетната болест.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП