26 април, 2024
ПочетнаКОРОНАНово истражување за короната - по пет минути во воздухот, губи 90%...

Ново истражување за короната – по пет минути во воздухот, губи 90% од својата заразност

Вирусот најдобро се пренесува на кратки растојанија, а маските и физичкото растојание се веројатно најефикасните начини за спречување на инфекција.

Коронавирусот губи речиси 90 отсто од способноста да не зарази во рок од пет минути по пристигнувањето во околниот воздух, покажаа првите симулации на способноста на вирусот да преживее во издишаниот воздух, пишува Гардијан.

Ова истражување повторува дека вирусот најдобро се пренесува на кратки растојанија, што значи дека маските и физичкото растојание се веројатно најефективните начини за спречување на инфекција. Вентилацијата на просторот, иако се уште е важна, веројатно ќе игра споредна улога.

„Луѓето се фокусираа на слабо проветрени места и размислуваа за пренос на вирусот по воздушен пат на растојание од неколку метри низ просторијата. Не велам дека тоа не се случува, но сепак сте изложени на најголем ризик кога стоите многу блиску до заразените луѓе“, вели професорот Џонатан Рид, директор на Центарот за истражување на аеросоли на Универзитетот во Бристол.

„Кога ќе се оддалечите, не само што аеросолот се разредува, туку и вирусите стануваат помалку заразни бидејќи со текот на времето ја губат својата заразност“, рече тој.

Досега, нашите претпоставки за тоа колку долго вирусот може да преживее во мали капки од аеросол се засноваа на студии во кои вирусите се инјектираат во затворен сад наречен „Голдбергов тапан“ кој се ротира за да го задржи вирусот во воздухот.

Користејќи го овој метод, американските истражувачи открија дека заразниот вирус може да се открие во воздухот дури и по три часа. Но, таквите експерименти не копираат што точно се случува кога кашламе или киваме.

Наместо тоа, истражувачите од Универзитетот во Бристол развија опрема која им овозможува да генерираат голем број мали честички кои содржат вируси кои лебдат помеѓу два електрични прстени од пет секунди до 20 минути, контролирајќи ја температурата, влажноста и УВ интензитетот на околината.

„Ова е прв пат некој да успее да направи симулација за тоа што се случува со аеросолот за време на процесот на издишување“, рече Рид.

Студијата која сè уште не е прегледана сугерира дека вирусните честички оставаат релативно влажни и богати со јаглерод услови во белите дробови, губат вода и многу брзо се сушат, додека преминот кон пониски нивоа на CO2 е поврзан со брзо зголемување на pH вредноста.

И двата од овие фактори ја нарушуваат способноста на вирусот да зарази човечки клетки. Сепак, треба да се каже дека брзината со која се сушат вирусните честички зависи и од релативната влажност на околниот воздух.

Кога влажноста била помала од 50 проценти – што е слично на онаа во повеќето канцеларии – вирусот ја изгубил заразноста во рок од 10 секунди, по што инфективноста се намалувала побавно, но била поупорна.

При влажност од 90 проценти – приближно еднаква на сауна или туш – губењето на заразноста била постепено, при што 52 проценти од честичките останале заразни по пет минути, додека по 20 минути околу 10 проценти од честичките останале заразни.

Сепак, температурата на воздухот не донела никаква промена во заразноста на честичките, што е спротивно на широко распространето мислење дека преносот на вирусот е помал за време на топлото време.

„Тоа би значело дека ако вечерва се сретнам со пријателите на пијачка, главниот ризик е да го пренесам вирусот на пријателите или тие на мене, а не дека ќе бидеме заразени од некој кој исто така е во кафуле, или во соба преку улица“, рече Рид.

Ова ја нагласува важноста од носењето маски во случаи кога луѓето не можат да одржат физичка дистанца.

Слични ефекти беа забележани во сите три варијанти на вирусот Sars-CoV-2 тестирани досега, вклучително и алфа. Научниците се надеваат дека ќе започнат експерименти со варијантата омикрон во наредните недели.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП