28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрудоправен популизам или реална можност минималецот да биде 300 евра?!

Трудоправен популизам или реална можност минималецот да биде 300 евра?!

Експертите се децидни дека зголемувањето на минималната плата е суштинско прашање во Македонија и за оваа тема треба да се посвети посебно внимание.

Но универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски за Денар вели дека самото административно зголемување на минималната плата како што се прави до сега без да се има економска подлога на краток и среден рок ќе даде негативни резултати, затоа што според него нема економска база за платите да растат реално во приватниот  сектор. Според професорот тоа е првиот проблем, вториот проблем според него е што ваквиот начин на зголемување на минималната плата е што во Македонија нема прогресивно зголемување на платите на сите останати нивоа на вработени  и на тој начин би можело платите паралелно растат, односно со таканаречениот домино ефект. Сега професорот очекува, за оние работни позиции кои до сега земале 16, 17 илјади денари плата да се изедначат со оние кои примале 15 илјади денари, а претходно примале 12 или девет во однос како растеше минималната плата. И тука почнува да се создава незадоволството кај дел од вработените. Јовевски заклучува дека станува збор за трудовоправен популизам.

„Сега ќе дојдеме во една ситуација ако на овие луѓе кои што во моментов примаат 17 или 18 илјади денари плата не им ги зголемиме платите, ние ќе имаме проблем во делот на продуктивноста. Ќе имаме големо незадоволство. Ќе имеме еден аспект на поместување на системот на плати, и наградување во целиот сектор, и во јавниот и во стопанството. Работодавачите не можат да го пратат ова темпо и јавно го искажуваат незадоволството или негодувањето од ваквото зголемување на минималната плата. Минималната плата треба да се зголемува на база на економскиот раст, и мора да се следи со сите останати плати во сите сектори, а посебно во јавниот сектор. Државата треба да даде пример во јавниот сектор, согласно Законот за минимална плата и согласно колективните договори потпишани во јавниот сектор, платите да растат и да се усогласуваат со растот на минималната плата најдоцна во рок од шест месеци. Но тоа ние со години го немаме. Мора да се залагаме како општество минималната плата да расте, но да растат и сите останати плати кај другите нивоа на вработени“, вели Лазар Јовевски професот по Трудово право. 

Со сличен став е и Конфедерацијата на слободни синдикати. Претседателот на КСС Благоја Ралповски за Денар вели дека најавеното зголемување на минималната плата од 18 илјади денари ќе предизвика хаос во јавниот сектор. Овој синдикат кој ги застапува правата на вработените во јавниот сектор и во администрацијата е на став дека ќе се создаде вистински револт кај добар дел од вработените во државните институции поради тоа што различни занимања и дејности ќе имаат исти плати. Од КСС додаваат дека не се против зголемување на стандардот на граѓаните и зголемување на платите на вработените, но целиот проблем е во владата која на два пати не го почитувала Законот за минимална плата кој предвидува да се зголемат платите и на останатите сектори и дејности најдоцна шесет месеци по зголемувањето на минималецот.

„Највисоката плата на еден државен административен работник со средно образование, основната плата е 16 400 денари, еден помлад полицаец има основна плата од 15 илјади денари, една негувателка во градинка има околу 18 илјади денари, или сестра во примарно или секундарно здравство се движи од 18 до 19 илјади денари основна плата. Затоа укажуваме на хаосот што ќе се случи дека од околу 200 илјади вработени во јавниот сектор, а половината се со средно образование ќе дојдат на плата минималец“, вели Благоја Ралповски Претседател на Конфедерација на слободни синдикати 

Бизнисмените пак сметаат дека не само што најавениот раст на минималецот е избрзана одлука туку и опасна по компаниите. Од Сојузот на стопански комори велат дека ако минималната плата се зголеми за три илјади тогаш ќе следуваат откази на вработени, зголемување на сива економија и можно е згаснување на фирми. Од комората велат дека се свесни за зголеменото ниво на цените и потребата од повеќе пари во паричниците на граѓаните, но ваквиот потег го споредуваат како со масло да се гасни оган.

„Последица ќе биде намалување на мотивацијата на вработените што досега биле попродуктивни, бидејќи голем дел од малите и средните субјекти немаат капацитет скалесто да ги зголемат платите на другите вработени. Ако Владата е искрена во својата намера да му помогне на бизнисот, но и на граѓаните, тогаш треба да спроведе мерки за намалување на стапката на придонеси и данок на личен доход, кој е на екстремно високо ниво, односно изнесува 33 проценти од бруто-платата“, велат од Сојузот на стопански комори.

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека нема да се откажат од барањето од први јануари 2022 година минималната плата да изнесува 18 илјади денари. Во спротивно синдикалците ќе организираат масовнио протести во Скопје и во останатите поголеми градови. Ветувањето на властите е дека новото зголемување на минималната плата која треба да изнесува 18 илјади денари треба да се случи од Нова година.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП