28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ го отвори патот за напуштање на природниот гас

ЕУ го отвори патот за напуштање на природниот гас

Европската комисија (ЕК) претстави предлози за промени кои ќе овозможат поширока пенетрација на горивата со ниски емисии, особено биометан и водород. Вака Брисел навистина го отвори патот за напуштање на природниот гас.

Во своите предлози, Комисијата ја препознава преодната улога на гасот и ги охрабрува членовите на заедницата да почнат да размислуваат за ставање крај на употребата на суровината, особено онаму каде што е можно префрлување на електрична енергија или горива со ниска содржина на јаглерод.

Според предлозите објавени вчера (15-ти декември) на веб-страницата на ЕК, земјите треба да избегнуваат продолжување на долгорочните договори за снабдување со гас по 2049-та година.

Пакетот вклучува и измени кои овозможуваат заеднички набавки на природен гас на доброволна основа, како и заеднички стратешки резерви за природен гас. Овие предлози беа дадени од некои земји од ЕУ на почетокот на октомври како одговор на рекордните цени на природниот гас во последните месеци. Земјите треба да ги анализираат нивните нивоа на складирање и потенцијалните ризици за безбедноста на снабдувањето, вклучително и кога складирањето е во сопственост на субјекти од трета земја.

Европа ја започна оваа зимска сезона со многу мали количини на гас во своите складишта. Според аналитичарите, еден од големите проблеми се капацитетите со кои стопанисува „Газпром“, а кои се полупразни.

Новите правила го олеснуваат пристапот на обновливите извори на енергија и горивата со ниска содржина на јаглерод до постојната гасоводна мрежа преку елиминирање на тарифите за прекугранични интерконекции. Се воспоставува и систем за сертификација за горива со ниска содржина на јаглерод, што ќе обезбеди рамноправно поле за играње во проценката на целосниот отпечаток на емисиите на стакленички гасови од различни горива и ќе им овозможи на земјите од ЕУ ефективно да ги споредуваат и да ги земат предвид во нивниот енергетски микс.

Според ЕК, овие предлози ќе имаат позитивен ефект врз енергетската безбедност на Европа и цените на гасот, бидејќи зелените извори на енергија, вклучително и горивата со ниска содржина на јаглерод, се произведуваат во ЕУ и ќе ја намалат зависноста од увоз на енергија.

Во својот предлог, ЕК забележува и дека еден од најважните чекори кои се предложени е создавање пазар за водород, како и соодветно инвестициско опкружување и услови за трговија со трети земји.

Правилата за трговија со водород ќе се применуваат во две фази – пред и по 2030-та година. Тие ќе се однесуваат на пристапот до водородните инфраструктури, поделбата на производните и транспортните активности и утврдувањето на тарифите за пренос.

Ќе биде формирана нова структура на управување во форма на Европската мрежа на оператори на водородна мрежа (ENNOH) за промовирање на посветена водородна инфраструктура, прекугранична координација и меѓусебно поврзување и развој на специфични технички правила, соопшти Брисел.

Приоритет во предлогот е да им се овозможи на домаќинствата да изберат да користат горива со малку јаглерод наместо фосилни.

Во меѓувреме, европратениците и претставниците на Европскиот совет постигнаа неформален договор да не ги признаваат гасните проекти од значење на Заедницата. Ваков предлог ЕК даде во средината на ноември.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП