29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБез капитални инвестиции во енергетиката секогаш е можна криза!

Без капитални инвестиции во енергетиката секогаш е можна криза!

Енергетката криза секој следен ден станува се посериозен проблем за граѓаните и стопанството. Речиси 10 години во Македонија нема прогласено кризна состојба во енергетиката. Проблемот освен што е наследен од Европа, и со недостаток на струја се соочуваат речиси сите држави од стариот континент, добар дел од вината е на сметка и на домашните власти, не само на актуелните туку поденднакво на сите. Политиката на минимални инвестиции во нови производствени капацитети од областа на енергетиката полека си го зема данокот. Земјава е премногу зависна од увоз на струја, а единствениот серизен проиведувач  кој се наоѓа во Битола работи на јаглен и по стари технологии. Владата пак се правда дека се инвестира во енергетиката, нова еколошка електрана ќе има, ама за шест години ќе почне да производува струја.

Доколку Македонија не падне во поголема криза за струја и последиците се задржат на ова ниво кое што се сега тогаш може да се констатира дека и добро ќе поминеме. Ваков е ставот на поголемиот дел од екеспертите од областа на енергетиката, кои велат дека незаитересираноста за инвестирање во енергетски капацитети во изминативе 30 години резултира со ваква криза. Експертите потврдуваат дека криза со струја има во цела Еврпска унија поради зголемувањето на побарувачката и недостаокот на природен гас за производство на електрична енергија, но добар дел од проблемите се наталожени низ годините. Еден од најискусните енергетичари, Константин Димитров вели дека надлежните знаеле дека кризата со електрична енергија ќе дојде за брзо и во Македонија и морале да го обезбедат домашното производство, на тој начин што ќе придонесат да не паѓа производството или како што вели барем да се одржело производството на нивото од пред четири до пет години.

„Енергетика не се планира од денес за утре, треба да се планира за нешто што ќе се користи после 10 години. Колку години ништо не е направено во Македонија. Додека беа на власт ВМРО направија барем два објекта. Се направија двете хидроцентрали „Козјак“ и „Света Петка“, во меѓувреме ниту проект не се направи да се гради, не се размислува за тоа. Тоа што имаше студии и проекти и тие се укочија. И сега ќе кажуваме дека е криза, е криза“, вели Константин Димитров претседател на Центарот за енергетска ефикасност.

Со сличен став во однос на кризата со електрична енергија не само во Македонија е и претседателот на Европската енергетска заедница Јанез Копач. Тој смета дека во сите земји од поранешна Југославија, со исклучок на Словенија и Хрватска, недостасуваат инвестиции во енергетиката. Копач посочува дека во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и во Црна Гора  воопшто не е вложувано во енергетскиот сектор во последните 20 години и дека ќе требаат десетина години за да се подобри состојбата.

„Јас би отишол со голема брзина во голема инвестиција на обновливи извори, тоа е приватен капитал, цените на пазарот се добри, не треба да им се дадат субвенции, само треба МЕПСО да го овозможи приклучувањето и тоа ќе дадат нови капацитети. Обновливите извори на енергија се проблематични, треба да се балансираат. На Северна Македонија и треба и енергетска ефикасност. Многу трошите, зградите се енергетски неефикасни. Трошите струја за греење, а треба  да имате централно греење на биомаса или на гас кое во комбинација со обновлива изворна енергија ќе овозможи долгорочна нормална ситуација“, смета Јанез Копач од Европската енергетска заедница.

Од владата пак пред извесен период објавија дека во земјава влегува инвестиција тешка 500 милиони евра, за иградба на фотоволтаична централа. Германската компанија WPD најавено е дека  ќе гради 415 мегаватна ветерна електрана на потегот Куманово – Старо Нагоричане – Ранковце- Крива Паланка. Властите истакна дека ова не е само најголемата германска инвестиција во земјава, тука ова е најголемата директна гринфилд инвестиција во македонската економија, воопшто, од независноста до денес. Колку за споредба, станува збор за капацитет кој го имаат двата блока на инсталиран капацитет од РЕК Битола во најдобри години. РЕК Битола има вкупно три блока. Од Владата ни посочија дека работат на привлекување на инвестиции кои ќе изградат производствени капацитети на струја од обновливи избори на енергија.

„Овој проект е повеќе од половина од тие 700 мегавати предвидени во нашата стратегија и заедно со веќе изградената кај Богданци и со издадените досегашни овластувања од Владата, бројката поминува над 600 мегавати, што е 85 проценти од предвидените во Стратегијата. Што е најважно, Ветерниот парк „Вирови“ нема да користи никакви повластени тарифи од државата. Ова значи и снабдување на 290.000 домаќинства со електрична енергија, а инвестицијата ќе се одвива во неколку фази. Со изградбата на двете 50 мегаватни електрани во Осломеј на приватни инвеститори, како и на две по 10 мегавати сопствена инвестиција на ЕСМ, ја правиме првата енергетска транзиција на електрана на јаглен со фотонапонска електрана. Односно на полињата на старите јагленокопови се монтираат фотонапонски електрани“, велат од Владата.

Со години експертите порачуваат сите историски проекти меѓу кои и Луково Поле, Чебрен исто и гасифицирањето на ТЕЦ Неготино да почнат полека да се реалзираат затоа што државата има потреба од нови капацитети и секако да се зголеми искористеноста на обновливите извори на струја.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП