29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСвадбите во ера на корона – тешки за организација, уште покомплицирани за...

Свадбите во ера на корона – тешки за организација, уште покомплицирани за контрола!

Со почетокот на месец октомври и официјално заврши сезоната на свадби во отворените делови на рестораните специјализирани за ваков и сличен тип па забави. Летните бавчи, новиот тип на ресторани покриени со шатор, или локалите што има можност да се отвораат од три страни имаа дозвола оваа година да организираат семејни прослави. Денар направи анализа, како поминаа свадбените прослави во време на корона, како се организираа ваквите прослави во пандемиски услови, дали е можно да се почитуваат сите протоколи, но и колку е тешко тоа да се контролира од страна на надлежните институции?

По 17 месеци забрана за вршење на својата дејност, здравствените власти дадоа зелено светло за организирање на свадбени прослави. Рестораните кои се специјализирани за свадбени прослави ги отворија своите локали во јуни годинава и започнаа со подготовка на првите семејни прослави. Две недели подоцна, по притисокот од угостителите и јавноста дека категоризирани ресторани за свадби со летни тераси има недоволно во однос на потребата, централните власти во координација со здравствените експерти решија да дозволат и организација на забави и во затворените делови на локалите. Протоколот за работа беше прецизен и доволно модифициран со што сите угостителски објекти строго ги почитуваа правилата, велат за Денар од Угостителската комора при Сојузот на стопански комори. Но, проблемите за угостителите допрва следеа. Со воведување на дополнителната обврска за приложување на сертификат за вакцинација и потврда за прележан вирус не повеќе од 45 дена, повторно угостителите се соочија со масовно откажување на фамилијарните настани, каде што убавите временски услови идните младенци ги искористија за префрлување на своите забави во приватните дворови и изнајмени вили, вели Марија Синадиновска Арсовска, сопственик на ресторанот Касијана и член на Угостителската комора.

„Со оглед дека веќе втора година по ред живееме и работиме во пандемиски услови очекувано е имаме огромен пад на прометот во однос на 2019 година. Загубите се огромни, трошоците постојано се зголемуваат и се акумулираат загуби. Угостителите се соочија со ограничен број на гости во угостителите објекти, но и со далеку повисоки фиксни трошоци за своето работење. Воедно иако под рестриктивни услови се дозволи работењето на овие економски оператори, морам да напоменам дека сите останати обврски кон државата, комерцијалните банки и приватните компании останаа непроменети. Некои претприемачи не го издржаа притисокот на пандемијата па се одлучија на комплетно напуштање на секторот и затварање на своите капацитети. Според последните проекции потребни се најмалку уште две до три години да ја постигнеме динамиката на работа како во 2019 год. Слободно можам да кажам  дека виртуози во преживување се претприемачите во угостителската дејност во вакви економски услови“, вели Марија Синадиновска Арсовска.

Угостителите велат дека искуството кое го имаат добиено од почетокот на летото со дозволата за работа на економските оператори за организирани настани им е дадено до знаење дека строгото  почитување на протоколот за работа е единствениот механизам кој дозволува угостителските објекти непречено да ја обавуваат својата дејност и во зимскиот период. Секако велат дека на овој факт мора да се додаде и фактот дека во моментов има речиси над половина милион население кое е имунизирано со што сега сметаат дека нема никаква пречка за добивање на дозвола за организирани настани во затворениот дел на категоризираните угостителски објекти.

Согласно инфромациите од Стопанските комори и Здруженијата на угостители, рестораните за свадби оваа година имаа добра сезона, ако се спореди со 2020 година, имајки предвид дека претходната година поради протоколите истите не можеа да работат,  сметаат од Министерството за економија.

„Апсолутно не може да се споредува со времето пред пандемијата, но сепак може да се каже дека истите работеа. Оваа година освен што имаа период кога можеа да работат со протоколи од Комисијата за заразни болети, истите добија и подршка во делот на плати за вработените и директна финасиска помош во зависност од обртот во 2019 година“, соопштија за Денар од Министерството за економија.

Денар стапи во контакт и со Државниот пазарен инспекторат, од каде ни посочија дека актуелната епидемиолошка состојба во земјава со значително зголемен број на нови случаи од Корона вирусот, го зголеми бројот на контроли и надзори од Државниот пазарен инспекторат. Во однос на контролите кои инспекторите од пазарната инспекција ги вршеле во угостителските објекти велат дека биле по основ на мерките на Владата донесени врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести. Поради превенција од ширење на Ковид 19, каде за влез во угостителски, или било каков објект или трговски центар потребно е граѓаните да достават потврда за вакцинација со најмалку една доза или доказ за прележан Ковид 19 во последните 45 дена. Од инспекторатот ни посочија и дека се вршеле проверки за почитување на протоколот по однос на ограничувањата на бројот на гостите, каде согласно протоколот дозволено е работа во затворениот дел на кафетериите со искористеност на капацитетите до најмногу 30%, како и работа на отворените делови или терасите, до најмногу 50% од капацитетот на објектот. Како и согласно протоколот, растојанието на гостите од музичкиот уметник дозволено е да биде најмалку 5 метри.

„Државниот пазарен инспекторат од почетокот на мерките донесени на Владата, заклучно со крајот на септември 2021 година има извршено вкупно 13724 контроли и составено 1042 записници за извршени инспекциски надзори на целата територија на Република Северна Македонија. Од донесувањето на мерките во месец август до крајот на септември, државните пазарни инспектори утврдиле неправилности кај 8 објекти, од кои пет во Скопје, еден во Гостивар и два во Тетово, за што се донесени решенија за привремена забрана за вршење на дејност и истите се затворени, а издадени се и прекршочни платни налози за наплата на глоба согласно големината на субјектот, во вкупен износ од 4750 евра во денарска противвредност за одговорно лице, 13000 евра во денарска противвредност за правно лице и 500 евра во денарска противвредност за физички лица“, велат од ДПИ.

На неколку пати во текот на оваа здравствено-економска криза целокупната индустрија поврзана со организирањето на свадбени и останати семејни прослави протестираше во Скопје и во неколку други поголеми градови, со што го изразуваа незадоволството од тоа што им бше забрането да си ја работат својата дејност. Освен сопствениците на ресторани и песоналот на протестите излегуваа и поддршка им дадоа, музичарите, салоните за невестински фустани, сниматели и форографи, лица кои се занимаваат со украсување на свадбената сала, цвеќари  и останати лица без кои не е возможно да се организира една свадбена прослава.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП