25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКапиталните инвестиции се видливи со човечко око само пред избори!

Капиталните инвестиции се видливи со човечко око само пред избори!

Секоја година капиталните инвестиции во Македонија предизвикуваат „силни главоболки“ за претставниците на власта, особено за оние кои се дел од економските ресори. Конкретно во последниве шест до седум години реализацијата на капиталните инвестиции е далеку пониска од онаа која ја проектираат властите. Годинава официјалните бројки на Министерството за финансии покажуваат дека се реализирани само 30 отсто од проектите за првите седум месеци од годинава, што значи остануваат да чекаат 70 отсто од ветените проекти за кои се буџетирале средства од државната каса но, за нив остануваат само четири месеци. Дека тоа е невозможна мисија потврдуваат и дел од ресорните министри кои се надеваат дека годината ќе заврши со реализација на капиталните проекти од 80 отсто. Но вицепремиерот за економија е оптимист и вели годинава ќе биде поставен рекорд во градењето на проекти кои се од витално значење за граѓаните. Експертите пак велат проблемот за слабата реализација е во капацитетноста на државните институции. За опозицијата тоа е само потврда дека власта ништо не работи.

Не само од почетокот на годинава, туку и во изминативе неколку години граѓаните добија впечаток дека на терен слабо се работи. Градежните работи на автопатиштата се далеку од крајот. Граѓаните бараат нови болници, училишта, градинки и останати капитални проекти кои ќе го подобрат животот на целото општество. Но ретко што од тоа е изградено и пуштено во употреба. За разлика од претходниот период, во последниве неколку месеци целокупната градежна механизација е ставена буквално пред очите на јавноста. Каде и да се свртиме гледаме багери, лопати, камиони, нов асфалт и слични дејствија кои секако не потсетуваат на избори и тоа локални. Така и годинава, сега на месец до изборите се најавуваат нови патишта, канализации, мостови, игралишта, паркови и што ли уште не. А, во податоците достапни од Министерството за финансии стои дека од почетокот на годинава до сега, 16 државни институции имаат нула отсто реализација на капитални инвестиции, а дури 30 се со под десет отсто реализација.

Одговорниот за економските политики на Владата, Вицепремиерот Фатмир Битиќи овие бројки не го загрижуваат и вели дека капиталните инвестиции или расходи кои се планирани во буџетот, со нив треба да се прави едно разграничување. Битиќи додава дека тоа се буџетски капитални расходи, но тие не се вкупните капитални инвестиции кои се случуваат во државата. И вели, таму влегуваат и инвестициите кои доаѓаат од јавните претпријатија, а се вон буџетски – како што е Јавното претпријатие за државни патишта или Македонски Железници. Битиќи објаснува  дека во првата половина од годината се прават подготвителни работи за капиталните проекти, а потоа следува реализацијата.

„Ние работиме на системско решение, а тоа се повеќегодишните јавни набавки за да немаме вакви случаи. Тоа што ние го гледаме кај капиталните расходи во моментов тоа се платени работи, но тоа не значи дека процентот на спроведеност на капиталните расходи не може да биде поголем. Моето предвидување е дека до крајот на годинава, ќе биде, како што е рекорд на избуџетирани капитални инвестиции, така ќе биде рекордна година во која што ќе има спроведување на капиталните расходи. Дополнително, за прв пат во овие триесет години независност на нашата држава, воспоставуваме единици за спороведување на следење на инвестиции на државата на централно ниво, кое ќе има единствена задача, не само јавните инвестиции туку и приватните инвестиции кои се за добробит на граѓаните, навистина да ги следи и навремено да реагира ако институциите неможат навремено да го направат тоа што го испланирале“, вели вицепремиерот за економија, Фатмир Битиќи.

Битиќи вели и дека се надева дека оваа година ќе биде последна во која изборните процеси ќе бидат кочничари на економскиот раст. Вицепремиерот за економија вели дека лично ќе поттикне јавна расправа за измени на закони и правење на системи кои нема да дозволат развојот на државата да биде заложник неколку месеци поради изборни циклуси.

Ребалансот на буџетот кој беше во јули стави крај на трендот, капиталните расходи да бидат кратени на сметка на одредени тековни расходи. Со прекројувањето на државната каса се забележа едно сериозно зголемување на капиталните расходи.

Од Finance Think, Институт кој е специјализиран за финансиски анализи велат дека веднаш по усвојување на ребалансот посочиле дека е потребна внимателност за оптимистичкото планирање на капиталните расходи зацртани до крајот на годинава. Нивната анализа за реализацијата на капиталните инвестиции за периодот од последните шест години покажува дека има сериозно потфрлање на капиталните расходи. Експертите од Finance Think велат дека е потребен план за подобра реализација, а со тоа и поголема ефикасност во трошењето на јавните пари, но исто така посочуваат да се посвети и повеќе внимание врз ефективноста која треба да ги даде тие инвестиции. Само на тој начин ќе може да се очекува посериозен раст и развој на домашната економија.

„Дел од проблемите треба да се однесуваат на недоволен капацитет, тоа упатува дека постојат структурни проблеми кои е потребно да се идентификуваат и да се работи во насока на нивно надминување. Потенцијално, дел од проблемите може да се однесуваат на недоволен капацитет, во смисла на тендерирање, реализација на проекти, а и прецизно планирање на буџетот. Веруваме дека, дел од овие проблеми може да се надминат со среднорочното планирање кое што треба да започне и треба да даде поголема реализација на капиталните инвестиции“, вели Благица Петрески од Finance Think.

Ресорниот министер Благој Бочварски пак вели дека е задоволен од реализацијата на капиталните инвестиции од институцијата која тој ја раководи. Министерството за транспорт и врски вели дека во првите два квартали од 2021 година има реализација од над 37 отсто на капиталните инвестиции. Очекувањата на Бочварски се дека реализацијата ќе расте и смета дека до крајот на годината процентот ќе достигне 80 отсто од планираните инвестиции на ниво на држава.

„Градежната сезона е во полн ек и сега очекуваме засилено темпо и да продолжат да растат капиталните инвестиции. Во време на пандемија правиме силни чекори и напори за што е можно повисоко ниво на капитални инвестиции. На крајот на денот, резултатите доаѓаат на крајот на годината. Да почекаме да ја видиме бројката во третиот квартал па и во четвртиот и верувам дека сите ќе бидеме задоволни од нивото на реализација на капиталните инвестиции. Мора да се знае дека ресорот градежништво, во јануари и февруари не може да биде на ниво како во јули и август. Фактурите од јули и август доаѓат во октомври и ноември, па така кажувам дека резулатаите ќе се видат на крајот на годината“, изјави Министерот за транспорт Благој Бочварски.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак слабата реализација на капиталните инвестии е резултат на неработењето на актуелната власт. Нивните пресметки се дека заклучно со јули 2021,  Владата направила дефицит, односно буџетска дупка, од 306 милиони евра.

„Загрижува фактот што во ставката на капитални инвестиции се засметани и купувањето на мебел и луксузни добра кои не им се од полза на граѓаните, туку на функционерите. Власта мора да одговори каде завршиле овие пари, а немаме капитални инвестиции? Кој и како ги троши парите на идните генерации? И додека реализацијата на капиталните расходи потфрла, тековните расходи се реализираат сосема непречено. Платите и надоместоците се реализирани со 57%, трансферите со 55%“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Лани во септември реализацијата на капиталните инвестиции била за пет отсто повисока, односно изнесувала 40 отсто.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП