23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа административците им се подготвува „реално шоу“ на работното место?!

На административците им се подготвува „реално шоу“ на работното место?!

Кои сектори од државната администрација ќе бидат следени како работат преку видео врска се уште нема конкретна информација по најавата дека дел од службениците ќе бидат под видео назор или боди камери.

Оваа тема се уште е интересна за јавноста и предизвика доста реакции од експертите, синдикатите, граѓанскиот сектор, политичките партии, а властите се обидоа да балансираат и да уверуваат дека видео надзорот ќе биде само за подобрување на услугите кон граѓаните и подобрување на контролата на вработените кои работат со странки, а со тоа и намалување на корупцијата која признаваат дека ја има во голема мера. Синдикатите се децидни дека нема да дозволат ваков начин на потенцијални закани да се вршат врз вработените во државните институции. Синдикалците предлагаат да им се зголемат платите на службениците, а со тоа од старт ќе се намали ризикот од барање или примање мито за да се заврши одредена работа која е во надлежност на државните службеници. Власта вели, се прави анализа кои административци ќе бидат снимани.

Следењето на работникот 8 часа со видео надзор нема да го направи подобар работник. Напротив, покрај тоа што ваквиот надзор задира во приватноста на работникот, истовремено може да делува на него како психолошко вознемирување. Од друга страна пак, го отвора прашањето за аспектот на приватноста на самите странки кои доаѓаат на шалтер и ги користат услугите. Вака генерално го опишува новиот метод на следење на работата на административците професотор по трудово право Лазар Јовески. Тој за Денар вели дека кога се подготвувал текстот на законот во 2005 година, со терминот „надзор“ не се мислело на 8 часовен видео надзор, туку надзор над работата согласно насоките и упатствата од страна на работодавачот, односно, самиот работодавач да ја следи работата на вработените.

„Ако целта на ова предложено решение е да се подобри квалитетот на работењето, тогаш пристапот е погрешен. Треба добро да се размисли како ефективно може да се контролира извршувањето на работата на вработените. Ако во моментов се вработени луѓе кои не се мотивирани за квалитетно извршување на работата, не се компетентни, односно не си ја знаат работата и немаат психолошки кредибилитет за извршување на работните обврски, никаков надзор нема да ги направи подобри работници. Потребно е, со странки, да работат одговорни и мотивирани луѓе, кои ќе бидат вработени согласно компетенции и лични способности, чесни, и нема да ја злоупотребуваат својата службена позиција.“ Вели за Денар универзитетскиот професор Лазар Јовевски.

Во однос на најавената реформа на јавната администација од страна на премиерот Зоран Заев, од Конфедерацијата на слободни синдикати велат дека чувстуваат морална одговорност да се спротивстават и да го искоментираат моментот на видео-надзорот на вработените и носењето на боди камера на сите што се во допир со странките. Имено, според синдикалците видео-надзорот постои во секоја институција во државата, но тој е исклучиво само за безбедноста на вработените и институциите. Во овој случај видео-надзорот за работата на работниците е голем апсурд затоа што се навлегува  во интимноста и приватноста на секој вработен. Исто така, додаваат дека недозволиво е вработениот во текот на своето работно време да носи боди камери затоа што би бил под уште поголем стрес од оној што го доживувал во моментот, а од друга страна граѓаните кои што доаѓаат на шалтери поочигледно е дека ќе реагираат доколку некој ги снима. Дополнително претседателот на КСС Благоја Ралповски за Денар вели дека реформите не можат да почнат со заканување на вработените, снимање како го поминуваат работниот ден за да се спречи корупцијата во јавниот сектор, туку мора да се отпочне со вистинска реформа, а тоа е дигитализацијата која што се најавува веќе 10-тина години.

„Уште еден момент кој што треба јавноста да го знае во однос на вработените во јавниот сектор кои што земаат плата од буџетот на РМ е дека од 120 000 вработени меѓу кои наставници, доктори, судии, полиција, одбрана и секако вработените во управите, министерствата и агенциите половина се околу 58 000 со средно образование и нивната плата се движи од 15 до 17 000 денари. Со оглед на овој податок доаѓаме до констатација дека просечната плата во јавниот сектор едвај надминува 22 000 денари и јавноста мора да знае дека ова е првата и основата причина за се поголемата корупција на јавната администрација. Стресот кој што го доживуваат вработените по шалтерите кои што сега треба да бидат пратени во текот на работниот процес ќе биде се поголем, а политизираноста и политичкиот притисок во инситутциите се поголем. Од таа причина КСС жестоко се спротивставува на ваквиот предлог и ги предупредува надлежните да бидат внимателни во своите изјави затоа што тоа се одразува на здравјето на работниците. Господа, реформите треба да тргнат од усогласувањето на платите согласно минималната плата, со дигитализација и департизација на јавниот сектор, затоа што тогаш јавниот сектор, за кратко време ќе даде резултати како професионален јавен сектор. Се друго е само поигрување со вработените затоа што после 10-тина години скенирање и правење функционални анализи на јавниот сектор доаѓаме до еден апсурден заклучок дека вработените со најниски примања во државата треба да бидат постојано снимани на своето работно место, а за што ние како синдикат ќе се спротивставиме со сите наши легитимни и радикални мерки кои ги поседуваме“, вели Благоја Ралповски претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати.

Со своја реакција се огласија и од Синидкатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Македонија (УПОЗ). Тие велат дека  се изненадени од предлозите истакнати на Владата околу предлозите за видео надзор и боди камери со кои би се регулирала работата на службениците во ситуации кога е неопходно тие директно преку физички контакт да работат со граѓаните. Додаваат дека се затекнати од констататацијата дека сето ова Владата го предлага како механизам за контролирање на работата на службениците, а со цел да служи за превенција од корупција. Сметаат дека ваквите предлози на Владата се нехумани, против законски и  дискриминаторски  и доаѓаат како одговор на барањето на Синдикатот на УПОЗ да одпочне преговори за платите на администрацијата бидејќи 95% од вработените имаат плата под просекот на државата.

„Владата е должна да го консултира и да го вклучи Синдикатот како социјален партнер при донесување на вакви законски решенија кои се однесуваат за условите за работа што е пропишано и со законите и со колективните договори. Затоа го поставуваме и прашањето која европска држава има ваква пракса? Според нашите сознанија, на пример, во САД само оперативните служби кои се во акција можат да имаат камера на себе како и мобилните екипи на царината и евентуално сообраќајната полиција. Дали при предлагањето на оваа точка Владата го имала во предвид фактот дека со Закон е забрането снимање на вработените и граѓаните, а дозволено е снимање, само заради безбедност на објектите, што е дел  од македонската и од европската регулатива. Синдикатот на УПОЗ ќе се обрати до Владата со барање итно да се стопираат ваквите предлози, Синдикатот задолжително да биде вклучен во донсесување на прописите кои ќе ја регулираат оваа материја, но никогаш Синдикатот нема да се согласи вработените да бидат снимани со камери и на себе да носат камери. И после ова прашуваме, дали корпупцијата во државата е присутна само кај административните службеници кои директно работат со граѓаните или одговорноста за корупцијата треба да се бара пошироко и посебно кај оние кои ја водат администрацијата.

Одговорниот во владата за борба против корупцијата, Вицепремиерот Љупчо Николовски смета таму каде што не може да се елиминира корупцијата преку дигитализацијата на сите процеси, таму ќе се воведе видео надзор и боди камери на сите сегменти каде што е потребно.

„Моментално на граничните премини немаме целосна следливост со видео контрола и надзор буквално ниту на премините ниту на сите работници. Тоа нема да се однесува на сите административни службеници, Но точно е дека веќе ја правиме анализата, преку Законот за заштита на лични податоци, заштита на приватноста, сето она што е потребно технички да го направиме се со цел да оспособиме и да воспоставиме контрола и да ја подигнеме свеста повторно за тоа дека корупцијата е зло што ја уништува демократијата и иднината на земјата.“

Според најавите ова законско решение би требало да влезе во Собранието на почетокот од есента. Кои се вработени од јавниот сектор и администрацијата ќе бидат опфатени со ова законско решение ќе се знае кон крајот на август.  

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП