26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономијата во еврозоната во јули порасна најсилно за повеќе од 20 години

Економијата во еврозоната во јули порасна најсилно за повеќе од 20 години

Економијата во еврозоната порасна најсилно во јули од средината на 2000-та година благодарение на ублажувањето на корона-мерките и закрепнувањето во услужниот сектор, но деловните лидери стравуваат од нов бран на зараза, покажа истражувањето на „Markit“.

Индексот на менаџерите за набавки (PMI) се зголеми за 1,1 поен во јули од јуни на 60,6 поени, што е највисоко ниво од јули 2000-та година, објави компанијата за собирање и обработка на економски податоци со седиште во Лондон.

„Еврозоната ужива во летниот бран активности, кои се зголемија најбрзо во последните 21 година благодарение на ублажувањето на ограничувањата наметнати за борба против вирусот“, рече главниот економист на „Markit“, Крис Вилијамсон.

Владите започнаа да ги укинуваат ограничувањата благодарение на забрзаната вакцинација против Ковид-19 и намалениот притисок врз здравствените системи, ослободувајќи ја акумулираната побарувачка.

„Услужниот сектор особено ја ужива слободата донесена со ублажувањето на мерките за Ковид-19 и подобрените стапки на вакцинација, пред се во угостителството, патувањата и туризмот“, објаснува Вилијамсон.

„PMI“, што го покажува нивото на активност во услужниот сектор, се зголеми за 2,1 поени во јули, што е најмногу од јуни 2006-та година.

Побарувачката сугерира дека стапката на раст нема да забави толку брзо, со оглед на растот на индексот на нови нарачки на 59,7 поени, резултат што е рангиран меѓу најдобрите во 23-годишната историја на истражувањето.

Индустријата, од друга страна, сè уште работи со полна брзина и индексот на активност само малку се намали во споредба со рекордното ниво во јуни, поради проблеми во синџирите на снабдување што го ограничуваат производството и им овозможуваат на компаниите да ги зголемуваат цените.

Ширењето на делта сојот сепак фрли сенка врз летната „идила“, покажува истражувањето за очекувањата на деловните лидери.

„Истражувањата исто така покажуваат дека варијантата делта претставува голем ризик за изгледите“, забележува Вилијамсон.

„Заради зголемениот број нови случаи, оптимизмот на деловните лидери се спушти на најниско ниво од февруари, а новите бранови Ковид-19 повторно може да доведат до одложувања на глобалните синџири на снабдување и со тоа до пораст на цените“, објаснува економистот на лондонската компанија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП