26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе укина дополнителната акциза на дизел горивото, на врата тропа еко-таксата, граѓаните...

Се укина дополнителната акциза на дизел горивото, на врата тропа еко-таксата, граѓаните повеќе зијан одколку ќар!?

Движењето на цените на светските берзи на нафтата ја укинаа зголемената акциза од два денари за дизел горивото. Но сега се чека пратениците да ја донесат еколошката такса која ќе удри по џебот на граѓаните двојно повеќе, односно не само за дизелот туку за четири денари повеќе ќе плаќаат граѓаните за наточен литар дизел или бензин на бензиските пумпи. Регулаторот вели такви се правилата и мора да се почитуваат, но вели дека и натаму граѓаните од Македонија ќе плаќаат најниски деривати во однос на регионот. Опозицијата пак смета дека власта сака да воведе кризен данок  а од друга страна манипулира дека укинува акциза за дизелот. Власта возвраќа дека со парите собрани од еколошката такса ќе се финансираат проекти од областа на енергетиката, особено оние од обновливите извори.

Жестоки реакции пристигнаа од “Белата палата“ по информацијата дека се укинува дополнителната акциза за дизел горивата од 2 денари. Тоа според ВМРО-ДПМНЕ е чиста манипулација бидејќи според нив СДСМ сака сите горива да ги покачи за над 4 денари по литар со новата таканаречена еколошка такса. И на тој начин граѓаните не само што нема да почуствуваат никаков бенефит , туку ќе бидат и дополнително оданочени.

„СДСМ да се откаже од воведување на еколошката такса, модел кој како што го планираат не е еколошка такса, туку чист кризен данок. Кризниот данок е како последица на лошото работење и недомаќинско трошење на народните пари. Наместо многу зборови малку дела, еве нека се зафатат конкретно со откажување од кризниот данок.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 За власта намалувањето на акцизата е  во насока на заштита на здравјето на граѓаните, и нуди дополнителна  поддршка на стопанството, како и ранливите категории граѓани и се донесени во консултација со сите релевантни општествени чинители. Притоа особено се внимава во услови на пандемија која го зафати светот, соодветно да се одговори за намалување на последиците.

Последните активности во однос на енергетиката во земјава се дел од стратегијата Владата која е усвоена на крајот на 2019 година. Станува збор за Стратегијата за развој на енергетиката на земјава до 2040 година. Од владата за Денар велат дека стратегијата ги дава можните правци на развојот на енергетиката земајќи ги во предвид движењата на енергетските политики во светски и европски рамки, а особено во рамките на Енергетската заедница. Стратегијата предвидува три можни сценарија за развој и тоа: референтно сценарио, сценарио со умерена транзиција и зелено сценарио. Според властите, сите сценарија се базирани на рамката на петте димензии од енергетската унија на ЕУ кои имаат важна улога во планирањето на развојот на енергетскиот систем.

„Во согласност со Законот за енергетика, во финална фаза е и изработката на Програмата за реализација на стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, која се однесува на првите пет години, заклучно со 2025 година. Се очекува Програмата во текот на следните месеци да биде ставена на јавна расправа. Во Програмата предвидено е во енергетскиот систем на Република Северна Македонија да се инвестираат приближно 4.5 милијарди евра во наредните 5 години, од тие околу 15% ќе бидат средства од Буџетот додека останатите ќе бидат од приватни инвеститори, преку моделот на стратешки инвестиции, јавно приватно партнерство и слично. Што значи од формираниот фонд во текот на наредните години би требало да се инвестираат 500 – 600 милиони евра во проекти, со државно финансирање. За проектите кои ќе бидат обновливи извори на енергија, дел од средствата ќе бидат од наведениот фонд.“ велат од Владата.

Регулаторната комисија за енергетика има обврска да ја укине акцизата од два денари во случај кога на светските берзи две недели цената на еден тон дизел гориво се продава над 600 долари. Информациите од регулаторна велат дека сега акцизата за дизелот сега ја има основната вредност од 15,5 денари по литар. Регулаторот е должен на секои две недели да ги анализира цените на сите деривати во земјава. И во зависност од состојбата на светските берзи во анализираниот период се сврши промена на висината на акцизата во земјава. Регулаторот очекува и во периодот што следи да има зголемување на цените на глобално ниво и според него ќе нема потреба повторно да се воведува зголемување на акцизата за два денари. Марко Бислимовски кој е прв човек на оваа институција вели дека со новата давачка за еколошка такса нема да се почуствува промена во цената на дизелот, но додава дека е многу битно парите кои ќе бидат собрани од оваа давачка да се искористат на вистинскотот место, односно за инвестиции во енергетскиот сектор.

„Јас знам дека концептот на законот е со парите од оваа такса да се инвестира во енергетски проекти, односно во обновливи изори на енергија. Инаку, ние сме прва земја во регионот која што затвора една термоелектрана поради тоа што нема резерви на јаглен и се заменува таа термоелектрана во Осломеј со три фотоволтаика од околу 120 мегавати.“, Вели Марко Бислимовски претседател на РКЕ.

Инаку, законското решение со кое ќе се воведе нова давачка или еколошка такса во моментов е во собрание. Со неговото усвојување бензините и дизелот на бензинските пумпи трајно ќе поскапат за четири денари по литар. Што се однесува до акцизата на дизелот, по драстичното намалување на цената на дериватите владата реши првично да ја зголеми давачката за граѓаните и тоа го претстави како како антикризна мерка а го направи со уредба со сила на закон во вонредна состојба, , за во април годинава да го преточи истото во законско решение. Моменталната висина на акцизата која државата ја зема од наточен литар дизел гориво на бензинските пумпи изнесува 15,5 денари.

И.П.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП