25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТекстилните компании во лоша состојба - се соочуваат со вишок на...

Текстилните компании во лоша состојба – се соочуваат со вишок на работници

Aко  сега  ги отпуштат текстилните  работници,  никогаш нема да најдат нови

Најавите од страна на работдавачите дека нарачките им се намалени за 20 отсто, за синдикатот за текстил, кожа и чевли при ССМ не би требало да биде причина за отпуштање на работниците. Од таму апелираат до работодавачите од овој сектор да не избрзуваат со одлуките, затоа што состојбата се менува секојдневно.

-Ако  отпуштат сега работници никогаш нема да најдат нови. Со најголем проблем се соочуваат оние кои се со договори на определено. Во оваа ситуација се кориси моментот,  да не им се продолжат договорите на определено, вели Љупчо Радовски, од синдикатот за текстил, кожа и чевли при ССМ.

Од текстилниот сектор пак велат дека и покрај благото подобрување на состојбата со вирусот, ситуацијата во секторот е катастрофална. Велат дека проблем е во тоа што работата на оваа  индустрија е поврзана со странските пазари, а  враќањето на партнерите оди многу тешко.

-Нарачките од странство се намалени затоа што нашите партнери сега ги користат резервите. Имаме за 30 проценти помалку нарачани парчиња. Нема работа , нема налози поради што се соочуваме со вишок на работна сила. За да не дојде до затворање на фабриките мора да го намалиме бројот на работници, едноставно нема работа. Потребно е да помине време за нови порачки, вели за “Денар” Маријана Перковска претседател на текстилен кластер.

Според Перковска не треба да се однесуваме како пандемијата да е завршена.

-Потребно е да се растеретат фирмите се додека не се подобри ситуацијата. Не ни треба помош, ни треба државата да ги ангажира нашите компании да работат за нејзини потреби, а не да ангажираме надворешнни фирми. Според моите прогнози ако нема затегање на мерките и нови затворања, веќе од октомври можно е постепено подобрување на состојбата, додава Перковска.

За да не се доведуваат работниците во лоша состојба,  особено оние со договори на опрелено, синдикатот предлага во новиот закон за работни односи, договорите на определено да не бидат подолги од една година. А за оние пак кои имаат договори на неопределено во оваа ситуација  да бидат употребени сите механизми кои се прошишани во законот и во општиот колективен договор.

-Тука мислам на принуден одмор со 70 отсто од личниот приход, со тоа што во следните три месеци ќе се водат како вработени или пак шест месеци да бидат со 20 проценти пониски примања со тоа што овој износ би се надоместил кога состојбата ќе се подобри. Но доколку дојде до отпуштања исто така законот нуди решенија – да се прогласат како технолошки вишок со отпремнина пропишана со закон и колективен договор со право да бидат ако овозможат условите, вратени на работа, вели Радовски.

Тој потенцира дека синдикатот будно ја следи состојбата во текстилната индустрија и ќе реагира на сите незаконски отпуштања од страна на работодавачите.

Текстилната  индустрија е една од  гранките кои се најпогоднени од пандемијата. Секторот во вкупното индустриско производство учествува со речиси 13 проценти,  вработува близу 40 илјади работници и опфаќа околу 10 отсто од вкупнниот извоз на земјава.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП