19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманија го зголемува пандемискиот долг на 470 милијарди евра

Германија го зголемува пандемискиот долг на 470 милијарди евра

Германската влада во средата го усвои нацрт-буџетот за 2022-ра година, со нов долг од скоро 100 милијарди евра за финансирање на дополнителните мерки, со што вкупното задолжување поврзано со пандемијата достигнува 470 милијарди евра.

Ова ја зголемува планираната задолженост за 18 милијарди евра во следната година, во споредба со претходните проценки.

Канцеларката Ангела Меркел и министерот за финансии Олаф Шолц спроведуваат досега невидена серија мерки за поддршка и поттикнување од март минатата година за да се ублажи влијанието на пандемијата со Ковид 19 врз најголемата економија во Европа.

Во 2020-та година, мерките беа финансирани со рекорден нов долг од 130 милијарди евра и 240 милијарди во 2021-ва година, врз основа на одредба што овозможува суспензија на уставно пропишаната обврска за забрана за задолжување во случај на криза.

Уставната определба ќе биде суспендирана трета година по ред за да се дозволат 100 милијарди евра нов долг во 2022-ра година.

„Го заштитивме здравјето на многу граѓани, поддржавме компании, заштитивме милиони работни места и спречивме Германија да влезе во спирала што ќе ја насочи надолу по траекторијата“, изјави Шолц пред новинарите.

Дополнителните трошоци треба да и помогнат на Германија да излезе силна од кризата, рече министерот, додавајќи дека има причина за оптимизам бидејќи економијата веќе расте.

Предлог-буџетот предвидува државни инвестиции од 51,8 милијарди евра следната година, што е за 7,5 милијарди помалку отколку во 2021-ва година.

Според среднорочните буџетски планови на Шолц, уставната забрана за задолжување треба да стапи во сила повторно во 2023-та година, а со тоа и ограничувањето на дефицитското трошење на буџетот.

Ова би значело дека Германија ќе може да позајми само 5,4 милијарди евра во 2023-та година, и 12 милијарди во 2024-та година.

Планираното поголемо трошење значи дека јавниот долг како дел од БДП-то ќе се искачи на 74,5 проценти во оваа година, од помалку од 60 проценти во 2019-та година. Ова ќе продолжи да биде најниско во групата на најразвиени земји (Г7) во светот.

Последниот збор за среднорочниот буџет и плановите за позајмување ќе ги добие новата влада, која ќе го преземе кормилото во Германија по изборите на 26-та септември, потсетува „Reuters“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП