26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРасте бројот на работници кои се психички вознемирувани на работното место!

Расте бројот на работници кои се психички вознемирувани на работното место!

Работниците се почесто се соочуваат со психичко вознемирување на работното место. Податоците на Сојузот на синдикати на Македонија велат дека во последниве неколку години зголемен е бројот на жалби од страна на вработени во јавниот и од приватниот сектор, дека газдите,или шефовите или некој од колегите им вршеле класичен мобинг на нивното работно место. Лани вознемирување на работното место пријавиле 30 лица. Експертите сметаат дека вршењето мобинг е свесен акт со цел да се предизвикаат последици кон друго лице на работното место. Граѓаните се охрабруваат да пријавуваат во институциите, но процедурите се комплицирани, а судските разрешници се многу бавни по ова прашање.

Последните официјални податоци со кои располага ССМ се заклучно 31.12 2020 година, а бројот на работници кои се пожалиле во синдикатот дека на работното место биле психички малтретирани надминува 30. Податоците велат дека 10 се вработени во јавниот сектор, а останатите дваесетина се во приватниот сектор. Информациите кои ги добивме од синдикалците велат дека повеќе од 50 отсто од граѓаните кои пријавиле мобинг се жени и тоа е навистина загрижувачки за борците за работнички права. Исто така, поголемиот дел од пријавителите на мобинг, односно работниците на кои им биле загрозени правата на работното место и биле психички малтретирани од своите надлежни не работеле во компании кои се дел од синдикални организации.

„Тоа што загрижува е дека се зголемува стапката на случаи за мобинг. Ако имаме во предвид дека во 2013 година кога се донесе решението за мобинг и заштита од вознемирување на работното место имавме девет случаи, па потоа седум и три случаи, за сега да се искачи бројот на случаи на 30 и тоа е еден негативен тренд, што би можело да прерасне во поразителен во нашето општество“, вели за Денар Слободан Трендафилов од ССМ.

Законот против вознемирувањето на работното место е донесен на иницијатива на Сојузот на синдикати на Македонија. Тогаш синдикатите сметаа дека е многу важно да се донесе вакво законско решение кое ќе нуди заштита. Но за жал во периодот што следуваше синдикатите велат дека институциите баш и не може така лесно да го применуваат законот во пракса. Сега ССМ со свој тим учествува во подготовка на измени на законското решение се со цел подобара и поефикасна примена на решението на терен. Ставот на синдикатот е дека уредбите во законот за малтретирање на работното месето треба да се упростат, да не бидат толку сложени за работниците да можат дополнително да се охрабрат и да пријавуваат мобинг на работното место.

„Во Македонија судската пракса покажува дека има многу малку решени судски спорови во поглед на поднесени тужби поради мобинг. И тоа ни покажува дека законското решение е потребно да се менува побрзо за да може работниците да  уживаат посебна заштита. Проблемот во законот според нас е тоа што има сложена постапка која работникот треба да ја запази за на крајот да може да резултира со поднесување на тужбено барање пред надлежен суд. Вие треба да запазите низа на чекори, низа на активности и тоа прво треба да го предупредите моберот, па да чекате одреден временски период дали ќе се повтори тоа, па потоа да го предупредите работодавачот дека некој на ваше ниво или на повисоко врши психичко вознемирување на работното место на кое вие работите. Па потоа да видите каква ќе биде реакцијата на работодавачот, па дури потоа да поднесете тужба до надлежен суд и да го остварите вашето право“, додава Трендафилов.

Според експертската јавност мобингот може да го врши едно лице но и група. Мобингот најмногу е свесен акт а многу поретко е несвесен. Ова значи дека оној што врши мобинг е свесен за своите дејствија и за последиците од нив. Негова намера е неговото однесување да предизвика последици, вели за Денар психологот Мирјана Јовановска Стојановска.

„Последиците се она кон што тежнее оној што врши мобинг. Како крајна цел е жртвата на мобингот да го напушти работното место, да ја изгуби позицијата која ја има, да биде преместен на друго работно место. Може да е предизвикано од чувството на ривалство и љубомора, лична корист или поретко од задоволство.

Според неа тој што го врши мобингот ги користи сите достапни средства и начини психички, не ретко вели има и физички и сексуални малтретирања врз колешки или колеги. Жртвите пак на мобингот се чувствуваат навредени, изолирани, потчинети, уплашени, неправедно казнети, вознемирени, исмеани, со нарушено физичко и ментално здравје.

„Заради сето ова жртвите имаат голем број на физички и психолошки симптоми  како што се: главоболки, хронични болки, депресија и анксиозност. Им се намалува работоспособноста што им создава проблеми во извршување на работините задачи. Мобингот на жртвите им ја нарушува репутацијата и ги води кон губење на работното место и професионалната кариера. Мобингот влијае на целокупниот живот на жртвите со тоа што предизвикува  потешкотии во функцинирањето на когнитивно, емоционално, психолошко и социјално ниво. Не ретко страдаат и нивните семејства или блиски пријатели“, додава Јовановска Стојановска

Од 2013 кога е донесено законското решение кое предвидува заштита на работниците од психичко вознемирување на работното место, до денес судска разрешница има само за неколку случаи поврзани со мобинг. Инаку, сите бизнис здруженија и стопански комори се на став дека мора да се почитуваат правата на работниците и секогаш тие ги осудуваат несовесните газди или раководители во компаниите кои вршат мобинг врз своите вработени.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП