28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ се согласи на 14 милијарди предпристапна помош за Западен Балкан и...

ЕУ се согласи на 14 милијарди предпристапна помош за Западен Балкан и Турција

Европската унија договори 14 милијарди предпристапна помош за Западен Балкан и Турција.

Имено, Европскиот парламент и Советот на ЕУ постигнаа политички договор за новиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА 3), со вкупен буџет од 14,162 милијарди евра за Западен Балкан и Турција, за периодот 2021-2027 година.

Тоа е инструмент кој ги поддржува земјите кандидати и потенцијални кандидати на нивниот пат кон реформи и исполнување на критериумите за пристап во Унијата.

„Овој долгоочекуван договор за нашата амбициозна финансиска помош е позитивен, добредојден и силен сигнал за Западен Балкан и Турција. Договорениот пакет претставува солидна инвестиција во иднината на регионот и ги поддржува клучните политички, институционални, социјални и економски реформи во согласност со стандардите на ЕУ и постепено усогласување со нејзините правила и политики“, рече денес комесарот за проширување Оливер Вархеи.

Во Брисел наведуваат дека ИПА 3 ќе обезбеди поддршка во наредниот седумгодишен период за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Турција ретроактивно од 1 јануари 2021 година.

Нагласено е дека неговото програмирање ќе се заснова на „тематски приоритети“, а не како досега, на националните рамки на предметните земји.

„Ова ќе овозможи надградување на перформансите и напредокот кон клучните приоритети и зголемена флексибилност при одговарање на новите потреби на партнерите на нивниот пат кон пристапување“, се вели во соопштението на Европската комисија.

Комисијата вели дека ИПА 3 ќе се фокусира на „стратешко и динамично“ распоредување помош, приоритет на владеењето на правото и почитување на основните вредности, зајакнување на демократските институции и реформата на јавната администрација, промовирање на економско управување и реформите на конкурентност.

Рамката ИПА 3 исто така ќе го финансира европскиот инвестициски-економски пакет за опоравок на Западен Балкан и ќе обезбеди кохерентност и комплементарност помеѓу ИПА 3 и новиот инструмент за соседство, развој и меѓународна соработка (НДИЦИ) вреден скоро 80 ​​милијарди евра.

Политичкиот договор постигнат денес помеѓу Европскиот парламент и Советот на ЕУ, врз основа на предлог на Европската комисија, сега ќе биде преведен во законски текст, пред ЕУ да го започне официјалното усвојување на ИПА 3.

Усвојувањето на инструментот се очекува на есен, според Брисел.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП