15 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали ценовниот шок ни е пред врата?

Дали ценовниот шок ни е пред врата?

Реакциите на граѓаните стануваат сè погласни, а со тоа расте и револтот од континуираното зголемување на цените на прехранбените производи. Подолг период граѓаните се жалат на социјалните мрежи дека првенствeено се зголеми цената на маслото за јадење за речиси двојно, потоа следуваше раст на цените на млечните и месни производи, како и дел од кондиторските производи кои граѓаните редовно ги набавувале по драстично пониски цени. Но ова зголемување тука нема да сопре, Гувернерката на Народната банка лично најави бран на поскапувања на прехранбените, но и на нафтените производи во периодот што следи. Од Министерството за економија очекуваагт стабилизација на состојбата, а Регулаторната комисија за енергетика вели не може да интервенира бидејќи цената на нафтата зависи од многу фактори. Потрошувачката кошничка за една година е поскапа за 1000 денари. Зголемување на стапката на инфлација има и во Европската унија, а особено висока во Америка.

Регулаторната комисија за енергетика уште пред неколку месеци за Денар посочи дека со враќањето во нормала на животот и надминување на состојбите со пандемијата ќе следи енормно зголемување на цените на нафтата и нафтените производи. Сега Марко Бислимовски, Претседател на РКЕ вели дека најавата за раст на цените на нафтата од страна на гувернерката е потврда на неговите очекувања. Проблемот е што институцијата со која тој раководи не може да ги спречи глобалните промени и развојот на настаните на светско ниво кои се поврзани со производството и потрошувачката на „црното злато“. Сепак Бислимовски вели берзите ќе го имаат последниот збор во формирањето на цените на нафтата во земјава.

„Во годината што претстои, паралелно со процесот на  имунизација и враќање во нормала на економијата и животот очекуваме стабилизација на цените на нафтените деривати на слично ниво на цените како што беа пред почетокот на пандемијата. Во формирање на цената на нафтените деривати во нашата методологија се гледаат референтите цени на нафтените производи кои котираат на берзите. Во главно цената на нафтените производи го следи движењето на цената на суровата нафта, но тоа не секогаш е правопропорционално,  затоа што влијаат и други фактори како што е понудата и побарувачката за одреден нафтен производ. Има и случаи кога во зависност од понудата и побарувачката може крајната цена на одредени нафтени производи да е помала од цената на суровата нафта.“

Денар побара став и од Министерството за економија, како државата ќе се вклучи во намалување на евентуален нов ценовен шок за граѓаните. Околу најавите за раст на цените на нафтата, од економија велат надлежностите се кај РКЕ, а во врска со очекувањата за зголемените трошоци за храна на граѓаните, од ресорното министерство очекуваат во септември да има стабилизација на состојбата без драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи.

„Според членот 8 како темелна вредност на уставниот поредок е утврдена слободата на пазарот и претприемништвото, што значи државата треба да ја регулира онаа цена од јавен интерес за општеството и за таа цел се формирани регулаторни тела за енергенсите. Растот на цените на мало на пазарот е одраз на причинската состојба со пандемијата од минатата година, растот на цените на светските берзи на основните продукти кои се базна суровина за производство, а последователно влијае на растот на цените на друг производи ваквата состојба се очекува да се стабилизира со новата реколта која ќе се понуди на светските берзи од септември“, велат за Денар од Министерството за економија.

А при презенатацијата на макроеконосмките проекции за годинава и за следната 2022, лично Гувернерката Анита Ангеловска Бежоска истакна дека веќе Народната Банка направила нагорна корекција на стапката на инфлација која би се случила до крајот на годинава и тоа од 1,5 сега на 2,2 отсто. Првенствено загрижувачки за граѓаниоте беше тоа што гувернерката најави можно зголемување на нафтата за над 35 отсто, а тоа ќе значи и зголемување на цените на прехранбените производи, бидејќи токму нафтата е еден од главните енергенски вклучен во целокупното производство и дистрибуција на производите кои се најнеопходни за граѓаните. Нафтата се очекува да поскапи поради враќањето во нормала на светските економии, а со тоа и да порасне нивната побарувачка на нафта и нафтени деривати.

„Ако зборуваме за тоа кои компоненти би притискале за овој ценовен раст секако тука влегува храната, тоа е една од најглавните компоненти, во линија со очекуваниот раст на храната на светските берзи, а ние сме нето увозници на храна во основа. И втората компонента е енергијата, се очекува голем раст на цените на енергенсите, а особено на нафтата“, изјави Анита Ангеловска Бежоска, Гувернерка на Народната Банка.

Официјалните податоци на Државниот завод за статистка покажуваат дека на годишно ниво трошоците за живот во април во однос на истиот месец лани се зголемени за 2,7 отсто, на месечно ниво односно април годинава во споредба со март трошоците на граѓаните за набавка на основните потреби пораснале за 0,7 отсто. Државната статистика даде потврда со своето соопштение дека има и раст на цените на мало за 3,7 отсто за анализираниот период на годишно ниво и на месечно ниво регистрирани се повисоки цени за 0,6 отсто.

Што се однесува до последната пресметка на синдикатот, Синдикалната потрошувачка кошничка во февруари изнесувала 33 701 денар. Најголемиот дел од оваа вредност е резервирана за набавка на храна и пијалоци или нешто над 14 илјади денари, за сметки се потребни близу 11 илади денари во просек а останатите осум илјади се распределени за хигиена, превоз, здравје, набавка на облека и посета на културни манифестации. Податоците на ССМ велат дека синдикалната потрошувачка кошничка во која се влезени основните животни потреби на граѓаните за една година е поскапа за точно 1000 денари. Податоците за Европската унија пак покажуваат дека инфлацијата на ниво на цела унија е зголемена за 0,2 отсто и е на ниво како во ноември 2018 година и изнесува 2 отсто. Во САД пак инфлацијата бележи скок од 0,8 отсто и е највисока во последните 12 години. На годишно  ниво инфлацијата во Америка е повисока за 4,2 отсто, а тоа се нема случено уште од кризната 2008 година.

И. П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП