19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАММФ: Крајот на пандемијата е можен по цена од 50 милијарди долари

ММФ: Крајот на пандемијата е можен по цена од 50 милијарди долари

Меѓународниот монетарен фонд предложи 50 милијарди долари за да се стави крај на пандемијата со Ковид-19 со вакцинирање на најмалку 40% од населението во сите земји до крајот на 2021-ва година и најмалку 60% од населението до првата половина на годината, пренесува „Reuters“.

Според официјални лица на ММФ, ова ќе инјектира 9 трилиони долари во светската економија до 2025-та година благодарение на побрзото продолжување на економската активност, со тоа што богатите земји можат да имаат најголема корист.

Кризата однесе животи на повеќе од 3,5 милиони луѓе ширум светот, а прогнозите покажуваат многу нееднакви здравствени изгледи во 2022-ра година, создавајќи „сериозни ризици за светот“, соопшти ММФ.

Управниот директор на фондот, Кристалина Георгиева, на самитот организиран од Европската комисија и големите економии на Г20 ќе истакне дека богатите економии треба да ги зголемат донациите за да обезбедат побрз крај на пандемијата.

„Развиените економии, од кои се бара да дадат најголем придонес во овој напор, веројатно ќе известат за најголем принос на јавните инвестиции во модерната историја со 40% од растот на БДП и скоро 1 трилион долари дополнителни приходи од данок“, рече таа во претходно подготвеното соопштение.

Бројката од 50 милијарди долари е занемарлива во споредба со 16 трилиони долари што земјите веќе ги инвестираа во поддршка на домаќинства и компании за време на пандемијата, според ММФ. Но, некои здравствени експерти велат дека најголемите пречки за напорите за вакцинација не се финансиските, туку логистичките и националните политики.

Предлогот, подготвен од главниот економист на ММФ, Гита Гопинат и економистот Рушир Агарвал, се базира на напорите што веќе ги направија со достапност на инструметите за борба поротив Ковид-19 (Access to COVID-19 Tools (ACT) Accelerator), Обединетите нации и Светската здравствена организација и други групи.

Имплементацијата на планот ќе чини околу 50 милијарди долари, од кои 35 милијарди ќе бидат исплатени преку грантови од богати земји, приватни и меѓународни донатори, а останатите 15 милијарди долари ќе бидат финансирани од националните влади преку употреба на ниски или нула каматни стапки од меѓународните банки за развој.

Г20 веќе ја призна потребата од околу 22 милијарди долари грантови за борба против кризата, оставајќи околу 13 милијарди долари дополнителни грантови потребни за да достигнат 50 милијарди долари, забележуваат авторите на планот од ММФ.

Тој повика на претходно финансирање, донации за вакцини и придвижувања за да се обезбедат слободни прекугранични текови на суровини и готови вакцини, како и околу 8 милијарди американски долари инвестиции за диверзификација и зголемување на капацитетот за производство на вакцини ширум светот.

ММФ проценува дека оваа година може да се донираат околу 1 милијарда дози, дури и ако земјите имаат приоритет за вакцинирање на сопственото население, а уште 1 милијарда дози треба да бидат произведени до почетокот на 2022-ра година за да се решат ризиците како нови варијанти на коронавирусот кои бараат потенцирање на вакцините.

За да се спречи ширењето на нови и позаразни варијанти на Сарс-Ков-2, ММФ исто така ја истакнува потребата да се инвестира во сеприсутни иницијативи за тестирање и следење контакти како мерка на претпазливост.

Без итна акција, многу земји во развој и економиите во развој можеби ќе треба да почекаат до крајот на 2022-ра година или подоцна за да ја контролираат пандемијата, забележуваат авторите на планот.

Предлогот на ММФ беше објавен откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на виртуелниот состанок рече дека ЕУ ќе донира најмалку 100 милиони вакцини на сиромашните земји до крајот на годината, вклучувајќи 30 милиони дози од Германија и Франција.

„Додека се подготвуваме за следната пандемија, нашиот приоритет мора да биде да обезбедиме заедно да ја надминеме сегашната. Мора да го вакцинираме светот и да го сториме тоа брзо“, рече италијанскиот премиер Марио Драги, кој беше домаќин на виртуелниот состанок.

„Pfizer“ и „BioNTech“ исто така ветија дека ќе испорачаат 1 милијарда дози по намалени цени на сиромашните земји во 2021-ва година и уште една милијарда дози во 2022-ра година. Вакцините на компанијата играат голема улога во вакциналните кампањи во Европа и САД.

Во моментов се дистрибуираат околу 1,6 милијарди вакцини ширум светот, со глобално население од скоро 8 милијарди, според „Фајненшл тајмс“. Но, кампањите за вакцинација продолжуваат да бидат прекинати од практични и политички тешкотии.

Производството е ограничено оваа година поради недостиг на клучни материјали и нарушувања во снабдувањето од контролата на извозот до водечките производители како што е Индија. Можноста мутираниот вирус да ја поткопа ефикасноста на постојните вакцини, исто така, предизвикува загриженост дека пандемијата може да се одолговлекува дури и ако се надминат проблемите со производството и снабдувањето.

ММФ очекува „конзервативно“ дека „најмалку 6 милијарди дози вакцини ќе бидат произведени и дистрибуирани низ целиот свет до крајот на 2021-ва година“, се вели во извештајот на фондот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП