26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали „големите“ газди некогаш ја почуствувале маката на работникот?!

Дали „големите“ газди некогаш ја почуствувале маката на работникот?!

На светскиот ден на трудот синдикатот традиционално организира протести во речиси сите држави. Но, дали тие даваат резултати, и влијаат врз подобрување на статусот на работникот? Колку оваа здравствено – еконоска криза удри врз правата на работниците. Во оваа анализа на Денар се опфатени мислења и ставови поврзани со работничките права на експерти, синдикалци, активисти, но и на власта и опозицијата.

На прашањето, дали и колку македонскиот работник е заштитен во време на пандемија Универзитетскиот професот по трудово право Лазар Јовевски вели генерално, не целосно или несоодветно, со чесни исклучоци на заштитата на работниците во одредени фирми. На секој работник, според Јовевски, треба да му биде обезбедена лична заштитна опрема од страна на работодавачот, но од друга страна треба и самите работници да внимаваат и да ги почитуваат сите мерки на заштита и од коронавирусот и од останатите ризици кои произлегуваат од самото работно место. Тој е на став дека од аспект на работниот однос- македонските работници не беа заштитени ниту од губење на работните места. Сите сме сведоци дека голем дел од работниците останаа без работа, без пензиско и здравствено осигурување, без приход. Јовевски вели дека има сознанија дека работници биле отпуштени со присилно потпишување спогодбени откази, со потпишување бланко документи, договорите за работа им беа раскинувани пред да истечат, истечените никако не им ги продолжувале.

„Работниците во Македонија знаат многу мал дел од своите права и од таа причина често пати има случаи кога работат со скратени или прекршени права. Меѓутоа, има нагорен тренд на осознавање на своите права (и обврски) како работници, особено со поновите генерации кои имаат пристап до повеќе ресурси, па наоѓаат начини да се информираат, паралелно на тоа се охрабруваат и да реагираат кога некое право им е скратено или прекршено. Соодветно на ова, во последно време има поголем број работни спорови кои добиваат судска разрешница. Мило ми е што работниците се охрабрени, иако се уште сме сведоци на скратување и прекршување на работничките права. Во секој случај, во Македонија веќе има развиена судска пракса во оваа област, но тоа што недостасува е култура на превенција и почитување на правата од работен однос, без притоа да се бара судска заштита. Од друга страна, овде ќе ги посочам и синдикалните организации кои сè почесто го креваат гласот и делуваат на унапредување на работничките права, со тоа и на подигнување на свеста и информирање на работниците за нивните работнички права“, вели за Денар професорот Лазар Јовевски.

Од ССМ за Денар велат дека здравствената криза која започна минатата година и која продолжува оваа 2021 година, ги мобилизираше сите стручни капацитети на синдикатот со основна цел и во услови на вонредна и кризна состојба да се почитуваат работничките права уредени со Законот за работни односи. Правниците од службата за бесплатна правна заштита​, како и сите синдикални претставници од ССМ од почетокот на кризата беа континуирано онлајн достапни за своето членство и за сите работници во државата, додаваат од синдикатот. Нивните наоди велат дека евидентирани се бројни прекршувања на работничките права​ и велат дека  настојуваат да ги преземат сите мерки и активности согласно закон и да обезбедат навремена, стручна и ефикасна заштита за сите работници.​ Од почетокот на здравствената криза правната служба на ССМ по пат на совети , изготвени правни мислења , толкувања , изготвени приговори,тужби и дирекно постапување пред надлежните органи обезбедиле заштита на работничките права во компании кои вработуваат над 80.000 вработени.

„Евидентирани се голем број обраќања за прекинување на договорите за дело, предвремено прекинување на договори за вработување на определено време​ и​ непријавена работа. Подоцна преовладуваа обраќањата за злоупотреби од страна на несовесните работодавачи кои не ​ги исплатуваа срдествата за финансиска помош од државата за плати на работниците. Овие злоупотреби ССМ јавно ги објави и побара интервенција од УЈП и надлежните државни органи, несовесните работодавачи беа казнети, а на работниците им беше исплатена платата. Најголемиот број на обраќања во 2020 година, над 40% се обраќања во врска со неосновано намалени плати, неисплатени плати, додатоци, надоместоци,​ регрес за годишен одмор и придонеси од плата. Карактеристично беше упатувањето на работниците дома со образложение на работодавачите дека нема работа заради здравствената криза или дека нема услови истата да се организира според државните протоколи, при тоа на овие работници им беше намалена платата и не се почитуваа​ уредбите на Владата за право на платено отсуство. ​ССМ за ваквата појава во соработка со Државниот иснпекторат за труд навремено интервенираше и со тоа кај таквите несовесни работодавачи беа спроведувани инспекциски контроли и беа задолжувани да ја исплаќаат платата на работниците утврдена согласно Договорите за вработување. Исто така бројни обраќања до ССМ се однесуваа на непочитување на правото на платено отсуство на​​ хронично болни работници , родители со деца до 10 години, бремени работнички и сл.“, вели претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Мислам дека овој први мај, денот на трудот, не е за славје, туку за плачење и имам сериозна загриженост што се случува и ќе се случува со работничките права во државава. Вака ја сублимира ситуацијата активистката за работнички права Кристина Ампева. Полни раце работа оваа година имаше и здружението кои е заштитник на текстилните работнички, „Гласен текстилец“. Тие редовно известуваа, бараа мерки, реагираа, нудеа и даваа правна помош се со цел да се заштитат работниците во ова тешко време. Кристина Ампева која е прв човек на ова здружение дополнително е разочарана што како што вели, веќе е видливо дека постои поделба помеѓу синдикатитe. Таа вели дека овој Први мај и е најголемото разочарување, без никаков ентузијазам, и како што вели и без трошка надеж дека треба да се слави.

„Наместо солидарност, заедништво, се гледаат ко конкуренција. И што очекувате од таква војна? Подобри работнички права, зголемена плата, намалена бројка на откази? НЕ! Тоа го нема кај бизнис заедницата. На крај, жртвите се само и само работниците. Со намалени плати, злоупотреби со државната помош на нивен грб, со работа во полициски час, во преполни автобуси, со страв за своето и за здравјето на најблиските, разни спогодби, откази, анекси. Сега и со чекање на плати за февруари, март, а еве го, дошол мај. Без здравствено осигурување. Во време на здравствена криза, глобална пандемија. Друго, многу важно е пораката која ја пратија моловите и трговските мрежи (со чест на исклучоци) низ Македонија. Работно време за 1ви мај и Велигден до 22 часот. Тоа е порака која вели, имаме амин од властите, институциите, државата, синдикатите и ќе газиме врз работниците, во име на нашиот профит. Вака ќе им го честитаме нивниот празник , денот на трудот. Со работа до 22 часот. Дали е среќен Први мај? Не! Тажен е,“ вели Кристина Ампева од Гласен Текстилец.

Здравствената криза предизвикана од Ковид 19 ја продлабочи веќе постоечката економска криза, ова е ставот и на активистката Џејлан Велиу. Според неа работничките права се кршеа секојдневно и пред здравствената криза, но од април минатата година до денес кршењето на работничките права добива пандемски размери. Нејзините информации се дека во овој период над 20.000 граѓани останаа без работа како директна последица на пандемијата.

„Владата се пофали дека поради нивните успешни економски политики, во услови на пандемија, просечната плата пораснала за 1.800 денари. Ова повторно се должи на самата методологија за утврдување на висината на просечната плата. Имено, најголемиот број на лицата кои останаа без работа примаа плата под просечниот износ,  а многу поблиску до износот на минималната плата. Што значи дека при пресметувањето на просечната плата, примањата на овие лица беа изземени од пресметката. Но кризата не ги погоди подеднакво сите. Напротив, приватниот сектор, особено во здравството профитираше како никогаш досега. Во останатите сектори иако загубите беа минимални и привремени, газдите не испуштија прилика а да не се пожалат на пандемијата како единствена причина за испуштање работници или драстично намалување на платите. И додека стопанската комора гласно ги штити интересите на капиталистите, синдикатите не ги повикуваат работниците на штрајк, туку тивко апелираат на почитување на законите кои и онака не ги штитат работниците,“ вели за Денар Џејлан Велиу.

Од владата велат дека го почитува основното право на синдикалното организирање и правото на протест, и дека редовно работат на подобрување на работничките права. Доказ за тоа според нив е дека се работи на нов, подобар Закон за работни односи, а во континуитет според нив не само што расте просечната туку на неколку пати досега се зголеми и минималната плата. Со дијаметрално спротивни ставови се од опозицијата која смета дека државата не само што не им помага на работниците во оваа пандемија туку и поголемиот дел од вработените биле заборавени и оставени на работа на егзистенцијата. Работничките права според нив последнава година се кршеле како никогаш до сега. Инаку, ставот на  експертите е дека работодавачите кои ги почитуваат своите работници знаат дека задоволен работник е клучот за продуктвноста и успехот.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП