29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнтервју со Војдан Карапетковски, извршен директор на Кара5 - “Дигитална трансформација на...

Интервју со Војдан Карапетковски, извршен директор на Кара5 – “Дигитална трансформација на компаниите во време на Ковид-19”

Кара5 е водечка дигитална агенција од Скопје, Македонија која успешно работи на швајцарскиот и австрискиот пазар од 2014 година.

Основана со едноставна филозофија: Посветени на прогрес и создавање вредност.

Компанија која се грижи за прогресот на своите клиенти, растот на своите вработени и соработници, како и вредноста на своите услуги и производи што ги создава.

Составена од стручен тим од 20 луѓе, Кара5 овозможува дигитална трансформација и дигитална еволуција за своите клиенти, засновани на податоци, искуство, техничка експертиза и подготвеност за пресретнување на секакви предизвици.

Портфолиото на агенцијата вклучува проекти за многу европски компании и брендови, вклучувајќи креирање на дигитални стратегии, развој на веб платформи и солуции за е-трговија и спроведување на дигитални маркетинг кампањи.

ДЕНАР: Пандемијата значително го промени деловното работење и од компаниите се очекуваше години потребниот пат за дигитализација да го оставарат во само една. Какво беше искуството на Кара5 изминативе година дена?

Компаниите се соочуваа со експоненцијална потреба за дигиталнa трансформација и пред доаѓањето на Ковид-19, кој само делуваше како катализатор за целокупната трансформација на деловното работење и интеракциите помеѓу компаниите, клиентите, добавувачите и вработените.

Ковид-19 сам по себе не ја промени природата на разговорите и дигиталните стратегии кои ги имаме со сите наши тековни клиенти и партнери, но ја зголеми итноста и фокусот кон идентификување на нови бизнис правци и наоѓање начини за забрзување на дигитализицијата на веќе постоечките.

Пандемијата обелодени колку навистина се ранливи традиционалните компании, кои и покрај бизнис успесите што ги имаа постигнато во минатото и нивните надчовечки напори за време на кризатa, беа најмногу погодени од истата.

Новонастаната ситуација изврши силно влијание врз потребата за нивна дигитална трансформација, што резултираше со зголемен обем на барања од компании кои сакаа да станат присутни во дигиталниот свет и светот на е-трговијата.

Клиентите пак, кои веќе со години активно работеа на дигитализација на нивните бизнис процеси, во време на пандемијата само ја забрзаа својата трансформација, што за Кара5 значеше преминување од активно експериментирање во активно растење поддржано со тековно тестирање и постојано подобрување; правејќи го сето ова на агилен, итеративен начин, кој им овозможи нивно успешно функционирање за време на кризата и останување во чекор со постојано растечките дигитални промени во светот.

ДЕНАР: Какo вие гледате на влијанието кое Ковид-19 го имаше врз бизнисот и компаниите?

Дури сега, година дена подоцна, почнавме да го разбираме вирусот и пандемијата и да се бориме со нив во една фер борба.

Ковид-19 ја зголеми стапката на промени во светот околу нас, вклучувајќи го и деловното работење. Земјите, компаниите и поединците забрзано се приклучија во обидот да го заштитат здравјето, прилагодувајќи ја нашата работа и нашите животи во овој нов контекст.

Станаа очигледни предизвиците во нашата постоечка инфраструктура и процеси, но исто така и можностите да се направат работите поинаку и потенцијално, подобро од порано.

И покраj сите предизвици предизвикани од пандемијата, таа делуваше како акселератор на Start-up компании кои согледаа нови можности од променетиот свет и ги ориентираа своите компании кон креирање на производи и услуги што создаваат вредност за потрошувачите и бизнисите, правејќи ги релеванти во дигиталната ера.

Ковид-19 значително влијаеше на нашиот начин на размислување и однесување; на тоа како се социјализираме и како комуницираме, на нашите модели на мобилност, на тоа како трошиме и начинот на кој работиме, и сето тоа за многу краток временски период.

Пандемијата воспостави нови навики во текот на минатата година, кои длабоко навлегоа во нашето однесување и истите тешко дека ќе исчезнат и откако ќе ја снема пандемијата.

Според тоа, бизнисите треба да еволуираат во реално време за да се справат со моменталните побарувања, и да овозможат решенија за потребите создадени од новото нормално и истите да ги одржат на долг рок.

ДЕНАР: Кои се предизвиците со кои се соочуваа компаниите и извршните директори при дигитална трансформација на нивните бизниси во време на пандемијата? 

Предизвикувачките економски случувања и постојаната неизвесност изминатава година ги принудуваа извршните директори да размислуваат за некои тешки избори. Некои се повлекоа, редуцирајќи ги активностите и фокусирајќи се на преживување на бурата. Други пак преземаа решителни чекори и силно ја продолжија трасформацијата на нивните компании, за да се осигураат дека кога ќе заврши кризата, нивните компании ќе бидат посилни од било кога.

Забрзувањето на дигиталната трансформација бараше од нив да направат чекор наназад и да ги преиспитаат своите стратегии (координираните и детални планови за тоа што треба да се направи, од кого и кога, од раководното ниво па се до извршното) како и да направат претпоставки за вредноста и изводливоста.

Забележавме дека намаленото време поминато во патување им даде ним и на нивните најдобри тимови повеќе време за да се фокусираат на нови проекти поврзани со дигитализација на нивните компании. Па така на пример, еден наш клиент, директор на една голема компанија, неодамна изјави дека конечно стигнал да започне со воспоставување на важна програма за управување на односите со клиентите (CRM) за која порано не наоѓал време.

Многу извршни директори ја поистоветуваат дигиталната трансформација со ИТ проект или дигитален проект и очекуваат нејзина брза и еднократна изведба, иако во реалноста тоа е невозможно, затоа што дигиталната трансформација не е дестинација, туку патување, и секоја компанија се наоѓа на различна точка од ова патување. Дури и повеќето од најнапредните технолошки компании како на пример Мајкрософт секојдневно се трансформираат во сè подигитални.

На другиот крај имаме традиционални бизниси кои пак сè уште ги прават првите чекори од својата дигитализација и тие се наоѓаат на друга точка од патувањето. За една компанија која е во основната фаза, треба да се направат толку многу работи за самата трансформација, додека пак за други промената е еволуирање кон нешто сосема ново во дигиталниот свет. Па така, постојат најразлични предизвици во дигиталната трансформација, со кои секојдневно се соочуваат компаниите.

ДЕНАР: Зошто дигиталната трансформација на бизнисот е поважна од кога и да е?

Благо речено, за многумина е дојдено времето или за потонување или за испливување.
Забрзаното напредување на технологијата и нејзиното брзо прифаќање од страна на потрошувачите ја поставуваат дигитална трансформација на врвот на агендата на компаниите и организациите на глобално ниво. Можноста или егзистенцијалната закана што ја предизвикуваат овие сеизмички промени го насочува фокусот на извршните директори и сопственици на деловни активности кон иднината на нивните компании како никогаш порано.

Пандемијата послужи за целосно разоткривање на празнините или одложувањата на напорите за трансформација на некои компании. За да останат релевантни во овој нов дигитален свет, компаниите и нивните вработени мораа да го поминат она што може да биде најтешкиот дел од секое претпријатие или лична трансформација: изборите што ги правиме секој ден за да се придвижиме кон она што ќе го поттикне нашиот иден успех. Честопати, ова значи напуштање на работите што нè правеа успешни во минатото, оставање простор за нови вештини, релации, начини на работа и можности.

Во текот на изминативе 10 години, најголемата промена што ја видов е преминувањето на технологијата од споредна во суштинска за сите компании и нивната способност да идентификуваат и создаваат нови извори на вредност – за клиентите и за нив самите. Денес, дигитализацијата е толку значајна поради четирите движечки сили на промени кои се меѓусебно зависни и постојано забрзуваат: промени во однесувањето на потрошувачите, бизнис модели, нови технологии и општествени промени.

Овие движечки сили ги предизвикуваат компаниите да преиспитаат сè во врска со нивното работење, од длабоко вкоренетите процеси и организациски структури, до најдобрите нивни практики и начини на работа. Само преку дигитална деловна трансформација, организациите можат да создадат вредност и поттикнување на раст, зголемување на оперативната агилност и ефективност и создавање на подобри искуства за клиентите, како ултимативна цел.

ДЕНАР: Познати сте по бројни успешни проекти за дигитална трансформација на многу европски компании и брендови. Што е тоа што ве издвојува и постојат ли одредени соработки кои би ги издвоиле како особено значајни во развојот на Кара5?

Кара5 работи на дигиталната трансформација на компаниите на клиентите од своето постоење. Родени со поинаков начин на размислување од светот на ИТ компаниите и со трансформацијата како дел од нашата ДНК, вистински ја препознаваме потребата за постојана еволуција.

Уникатниот пристап кон дигиталната стратегија, технологијата и маркетингот како една солуција – заедно со нашата деценија на искуство и развој – им овоможи на многу наши клиенти да отклучат единствени можности за одржлив раст и трајни подобрувања.

Сето ова време имаме среќа да работиме со фантастични клиенти/партнери; големи компании кои се лидери во нивните области, со кои имаме таква отворена соработка што овозможува нивниот бизнис да расте и да се развива од година во година и најважно да се адаптира на иднината што доаѓа.

На секој пазар на кој сме присутни со работа имаме посебно значајни проекти и соработки кои овозможиле обостран раст и развој како за нас така и за нашите клиенти/партнери.

Кога зборувам за нашите клиенти/партнери, зборувам за 20+ компании од Швајцарија, Австрија и Македонија, од најразлични индустрии, присутни на најразлични пазари.

За Швајцарија би ја издвоил интензивната долгогодишна соработка со CVA Silicone која трае од 2015 година па навака. Станува збор за автоматизирана и роботизирана фабика која стои позади брендовите: Philips, Loreal, Johnson&Johnson и многу други. Исто толку важна е и 7-годишната соработка со SpiroChem, лидер во светот на иновативната хемија и провајдер на солуции за брендови како: Novartis, Roche итн.

Во Австрија би ја посочил секојдневната соработка која ја имаме со Joh Springer Erben од 2018 година па навака, премиум производител и продавач на оружје, аксесоари и опрема за лов, со историја од 1830 година. Како и Connect, компанија за преводи, присутна во 4 европски земји, со која партнерски работиме од 2017 година навака.

Додека за Македонија би ја издвоил одличната соработка со М Кар и можноста да бидеме агенција за BMW и МINI од 2016 година, до ден-денес. Компанија која неслучајно рапидно расте од година во година. Составена од искусен тим на извршни директори кои гледаат многу понапред од останатите, целат кон уште поуспешна иднина и преземаат чекори сега.

ДЕНАР: Кои се вашите најдобри деловни предвидувања за 2021 година? И следните 10 години? И што би им препорачале на другите деловни лидери?

Во 2021 година, ќе продолжиме да го гледаме влијанието на пандемијата. Знаеме дека ќе има економски турбуленции во наредните месеци, но ќе има и многу светли точки.
Кризата длабоко ја забрза дигиталната трансформација на многу сектори и многу компании – и тие веројатно нема да ја тргнат ногата од педалата за гас сега кога преживеjaа и успешно се снајдоа низ пандемијата.

Следствено, многу водечки бизниси ќе имаат приоритет да инвестираат во е-трговија, стекнување знаење и искуство, aвтоматизација на работни процеси и проширување на нивните програми за дигитална трансформација.

Следните 10? Тешко е да се предвиди, но неизбежна е реалноста дека ќе гледаме како технологијата продолжува да игра сè позначајна улога во нашиот секојдневен живот преку нашата работа, потрошувачка, мобилност, па дури и преку интеракцијата со другите. Што е најважно, ќе видиме дека технологијата ни помага да станеме поинклузивни како компании, така и како општество.

Едно нешто што можам да кажам со сигурност е дека како луѓе, ние сме поотпорни отколку што некогаш би можеле да замислиме, па дури и среде неволји мора да го запомниме тоа и да бидеме сигурни во знаењето дека со секој голем предизвик доаѓа голема можност. Кога ќе погледнам наназад до каде стигна Кара5 и нашите клиенти изминативе години, јас сум и надежен и оптимист за она што следува за сите нас. Додека начинот на кој стигнуваме таму, е нешто на кое треба да бидеме фокусирани сега.

Би ги охрабрил другите деловни лидери да го третираат ова како можност, а воедно и предизвик за да се обликува подобра иднина за сите. Mислам дека ова е вистинска можност не само да се вратиме на начинот на којшто се одвиваа работите, туку и суштински да го замислиме секој аспект на деловната активност во контекст на овој нов свет. Знаеме дека светот отсекогаш се менувал, но таа промена сега е забрзана.

Би советувал да одвоите време за да разберете како можете да ги исполните и да ги предвидите новите барања и потреби на Вашиот клиент и како да управувате со сопствениот бизнис. На пример, во Кара5 поминавме многу време во разговор со нашите луѓе. Ја развивме нашата перспектива за иднината и ги испитавме аспектите за променa во работењето во след со новото нормално. Ние ја создаваме нашата иднина. Би ги охрабрил другите да го сторат истото и верувам дека тоа ќе помогне да создадеме средина што ги привлекува и задржува најдобрите луѓе.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП