26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНишто од загарантираниот слободен ден - недела за работниците, газдите ги убедија...

Ништо од загарантираниот слободен ден – недела за работниците, газдите ги убедија властите дека нивниот профит е поважен од времето поминато со фамилијата!

Синдикалците се револтирани бидејќи не биле повикани на средба на која власта и бизнис секторот договараат нови правила за работниците. Новата одлука која паднала на заедничка маса на која биле министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи заедно со поголемиот дел од стопанските комори. Новиот Закон за работни односи во кои недела ќе биде неработен ден ќе важи од први јануари 2022 година. Работодавачите пак се заканија дека доколку во недела не работат поголемиот дел од компаниите ќе следуваат намалување на плати и откази на дел од работниците. 

Остри реакции пристигнаа од Сојузот на синдикати на Македонија дека ќе има одложување на носењето на законските одредби за уредување на правото недела да биде неработен ден за сите вработени, за јануари 2022 година. Синдикалците велат дека како социјален партнер и претставник на работниците со нив не е разговарано, а и воопшто не се согласуваат и се против ваквото одложување, односно сметаат дека за ова важно прашање од работно-правната област, не смее да се одлучува еднострано, надвор од Економско – социјалниот совет и без социјален дијалог, а дополнително укажуваат дека во таков случај и одговорноста ќе биде еднострана.

„Потсетуваме дека на последната седница на Економско-социјалниот совет, одржана на 15.02.2021 година, сите социјални партнери се согласија дека треба да се постигне консензуз, а не процесот да се враќа назад. Очекуваме преговорите за допрецизирање на одредбите, во насока на уредување на правото за недела да биде неработен ден за сите вработени да продолжат и истите да завршат во најкус можен рок, имајќи предвид дека донесувањето на Законот веќе еднаш е одложено и тоа за примената од јуни 2021 година, а во последиот текст за септември 2021 година и тоа без предходна согласност со социјалните партнери“, велат за Денар од ССМ.

Голема разочаранот изрази и активистката Кристина Ампева од здружението „Гласен текстилец“,  која инаку е и иницијатор на измените во Законот за работни односи и поборник работниците да одмораат во недела. Ампева за Денар вели дека изминатиот период можевме да чуеме разни изјави и толкувања на законското решение – недела неработен ден. Како здружение, посочува дека ги следат сите измени и тврдат дека имаат редовна комуникација со МТСП како надлежно министерство. Според неа постои додворување меѓу властите и бизнис заедницата повеќе од 30 годишна пракса, а сето тоа резултира со катастрофална состојба со почитувањето на работничките права.

„Пред извесен период забележавме и дополнување на дејности од оние кои беа предвидени и се вели помошни дејности. Не знаеме што значи тоа и вака во таа форма е оставено на слободно толкување нешто кое во нашата држава не смее да се дозволи бидејќи ќе биде повторно злоупотребено. Понатаму, можевме да слушнеме и разни изјави на министри и самиот премиер со неусогласени ставови, контрадикторни од она за кое се залагавме и кое го очекувавме. Министерката за труд и социјална политика, во почетокот велеше дека нема да дозволи дејности освен особено приоритетни, па имавме 34 дејности, па помошни дејности, дополнително дека може да се прошират и дополнат дејности. Во почетокот имаше нејзини изјави дека кожни јакни можат да се купат од понеделник до сабота, па сега да слушаме нешто сосем друго. Вклучително и за она од кога ќе важи ова законско решение. Не е разговарано во ниеден момент да се применува од 2022, туку од септември 2021.  Но ќе сум искрена и еве, ќе искажам разочараност од кокетирањето и удоволувањето на власта со бизнис заедницата бидејќи очекував дека барем ова решение ќе се донесе поради тоа  што беше важно за работниците од приватниот сектор а особено оние од фабриките, трговијата, моловите имаат право на еден ден одмор. Но ние нема да дозволиме да се случи лошо законско решение поради фактот што нема реална евиденција на работно време, нема соодветен платен труд и во такви услови, не е нормално 7 дена во неделата да се работи. Ќе ги искористите сите ресурси, но нема да се случи ова. Сепак работниците се побројни од бизнисмените“, вели Кристина Ампева од Гласен текстилец.

Денар побара став и од неколку бизнис здруженија. Од Сојузот на стопански комори велат дека веќе истакнале дека согласно направена анкета за најголем дел од неговите членови е прифатливо недела да биде неработен ден.

„Имавме забелешки околу тоа кои дејности треба да бидат исклучоци односно оние кај кои процесите не може да запрат и оние кои се поврзани со дејности на одмор и рекреација за да можат граѓаните во неделите поквалитетно да го користат своето слободно време. Според последните информации кои ги имаме овие нашите барања се прифатени. Во однос на примената на оваа новина во пракса истата треба да се спроведе согласно утврденото на Владата со социјалните партнери и платформата за јавно приватен дијалог“, велат од Сојузот на стопански комори.

Од Бизнис конфедерацијата пак се на став дека во веќе една година се соочуваме со непријатно и негативно влијание предизвикано од пандемијата, и оваа формулација за состојбите, законските решенија, активности и стратегија постојано треба де биде земена во предвид. Затоа ова бизнис здружение смета дека примената на Законот треба да се одложи до заздравување на економијата, па потоа да се применува.

„Македонската економија не може да издржи огранучувања, особено не во овој момент и не во време на криза, тоа може да предизвика губење на приходи по разни основи, трговија, туризам и угостителство, медицински туризам, игри на среќа, прекугранична трговија итн. Дополнително како здружение на бизнисите во земјата мора да напоменеме дека сите граѓани, работници, бизниси имаат еднакви права и обврски, следејки и почитувајќи го овој принцип и уставна категорија, приморани сме да најавиме преставка за процена на уставноста на овој Закон“, вели Миле Бошков од Бизнис Конфедерацијата на Македонија.

Секторите трговија, туризам и угостителство се под директна надлежност на Министерството за економија. Ресорниот министер Крешник Бектеши е дециден дека трговските центри во земјава ќе работат во недела.

„Имавме комуникација со институциите, а особено со Министерството за труд и социјална политика истовремено и во склоп на јавно-приватниот дијалог, состанок кој е редовен и еднаш месечно се одржува таква средба во владата. Ние сме ги презентирале нашите предлози за измени во Законот за трговија и тие се прифатливи за стопанските комори, трговските центри и туристичките дестинации да работат во недела. Начелно договоривме со реализација да започне следната година“, вели Крешник Бектеши, министер за економија.  

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа до власта дека со ваквата одлука се испраќа порака до граѓаните дека уште една од бомбастично најавуваните реформи на Владата на Заев заврши неуспешно. Според опозиционерите како што велат, епските битки и расправи за недела како неработен ден завршија со уште едно фијаско на владата. Залудни се расправи од месец дена додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, со кои велат владата ја замајуваше јавноста за недела неработен ден кога сега тоа нема да се применува.

Првично од власта најавуваа дека речиси 500 илјади граѓани ќе бидат загарантирано слободни во недела. На работа според нив ќе мораше да продолжат околу 200 илјади бидејќи работниот процес не можел да се исклучи во дел од производствените капацитети. Според планот, оние работници кои ќе работат во недела, ќе треба од работодавачот да добијат надомест во форма на дополнителна дневница во висина од 50 % од редовната, како и дополнителен слободен ден. Тоа беше едно од предизборните ветувања на СДСМ пред четири години. Сега се отвора прашањето дали ќе има некаков ефект овој нов предлог Закон за работни односи со оглед на фактот дека голем дел од секторите ќе останат отворени и во недела.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП