Во моментов стопанството има потреба од 6560 работници. На пазарот на труд потребни се лица од различни професии. Се бара персонал во угостителскиот сектор, во трговијата на мало, транспортиниот сектор, дистрибуцијата на стоки, правници, фармацевти, програмери, доктори и многу други останати дејности за кои има потреба приватниот сектор. Најмогу работници се потребни во преработувачката индустрија. Според информациите најмногу кадар недостасува во Скопје и Тетово.
Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека најмногу слободни работни места има во Скопје, односно во компаниите недостасуваат 3956 работници. Втора на листата е општина Тетово каде бизнисмените од овој град имаат потреба од вработување на 358 работници. 311 нови вработувања се бараат во Кочани, а штипските компании се во потрага по 286 нови вработувања. Во првата петорка на градови според висината на бројот на слободни работни места е и Битола каде се потребни 282 нови вработувања. Во Виница, Прилеп, Куманово, Охрид, Велес и Струмица има од 250 до нешто над 100 празни работни места кои стопанствениците имаат план да ги пополнат. Во останатите градови или потребата е минимална или пак воопшто нема потреба од нови вработувања.
Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека заклучно со јануари 2021 година во Македонија има 158681 невработени активни лица кои бараат работа. Дополнително во регистрирани се над 90 илјади работоспособни граѓани од земјава кои не бараат ново вработување и во Агенцијата се пријавуваат на секои шест месеци.
Што се однесува до податоците од Државниот завод за статистика во врска со понудата на приватниот сектор за нови вработувања, од расположливите податоци за последниот квартал од ланската година може да се забележи дека стопанството нуди нешто над седум илјади нови работни места. По дејности најмногу, или нешто над 2200 работни места, се празни во преработувачката индустрија. Потоа, податоците покажуваат дека следи секторот трговија на големо и мало, каде се бараат повеќе од 1200 работници низ целата држава. За административните дејности се потребни 710 нови вработувања. Во градежништвото се бараат 610 нови работници. Во дејностите за здравствена и социјална заштита недостасуваат 550 работници. Со побараувачка на работна сила од околу 400 работници се и секторите: транспорт и складирање, информации и комуникации, образование.
Информациите пак за големината на фирмите, покажува дека оние со број на вработени од 50 до 249 имаат најголема потреба од нов кадар и бараат 2629 нови вработувања. Нешто помалку од 300 вработени се потребни во компаниите со над 250 вработени. Во компаниите во кои има од 10 до 49 вработени се потребни нови 2100 вработени. Кај помалите компании фирми кои имаат од 3 до 9 вработени се потребни 825 нови вработувања.
Инаку, Институтот за економски анализи Finance Think објави анализа за состојбите со невработените но и за активното население на пазарот на труд. Нивните податоци велат дека невработеноста во четвртиот квартал од 2020 благо се намали, на 16.1% од претходните 16.5%, додека, за разлика од претходните квартали, вработеноста забележа благо зголемување, од 46.6% на 46.8%.
„Пасивизацијата на активното население која се интензивираше во претходните два квартала е сопрена, но нема позначајни знаци на реактивирање. Во четвртиот квартал, преработувачката индустрија, трговијата и транспортот креирале работни места, што е во линија со нивната консолидација, додека критичен сектор погоден од кризата останува хотелиерството и услугите со храна – сектор кој во К4-2020 изгубил близу 4,700 работни места, што е најголема секторска загуба на квартална основа“, велат од Finance Think.
Официјалните податоци на Агенцијата за вработување велат дека нешто над 18 илјади лица досега останале без работа поради ковид кризата. Но според информациите од терен бројките се далеку повисоки и опфаќаат над 50 илјади лица кои го загубиле своето работно место.
И.П