29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКовид кризата, за добар дел од газдите - доволна причина да не...

Ковид кризата, за добар дел од газдите – доволна причина да не исплатат К-15!

Бизнис секторот нема информации колку од работодавачите го испочитувале законското правило за исплата на регресот на годишен одмор попознат како К-15. Од Управата за јавни приходи добивме податоци кои покажуваат дека над 350 илјади вработени кои работат во над 40 илјади фирми лани добиле К-15. Синдикатот пак веќе пријави 100 газди кои не ја реализирале оваа задолжителна обврска кон своите вработени. Во меѓувреме работодавачите и синдикатот се обидуваат да го подобрат текстот на законот кој нема да овозможува манипулации и оправдување дека правилата ги толкуваат кој како сака. 

Според колективниот договор кој важи за приватниот сектор, има можност компанијата да исплати помал износ доколку се наоѓа во финансиски потешкотии. Во оваа корона криза многу компании имаа и се уште имаат проблеми, и според одлуката можеа да се договорат со синдикатот или со претставници на работниците за помал износ се со цел да се заштити компанијата од пропаѓање, вели за Денар Ангел Димитров прв човек на Организацијата на работодавачи на Македонија. Димитров сепак признава дека оваа одредба не е доволно прецизна и секој може лесно да ја толкува, па и затоа секој си ја толкува на свој начин. Според него првичната идеја била да има еден социјален дијалог помеѓу работодавачите и работниците, но вели дека како држава се уште не сме подготвени да градиме таков социјален дијалог на ниво на компанија.

„Затоа на синдикатот ние предложивме друго решение а тоа е, висината на К-15 да се утврдува по завршната сметка, и по утврдување на нето добивката на компанијата. Да се утврди до кој процент од таа добивка треба да оди за исплата на К-15. Компаниите кои ќе имаат доволно остварена добивка ќе го исплаќаат целиот износ, а компаниите кои имаат помала добивка, до 30 отсто од добивката да се распределат за К-15. Со тоа би се вратиле на она решение од поранешна Југославија како што функционираше. За жал тие преговори не се завршија со синдикатот заради најразлични причини и се уште е на сила ова моментално решение.“ вели Ангел Димитров од ОРМ.

Од Управата за јавни приходи добивме податоци кои покажуваат дека во последните три години бројот на фирми кои исплатиле регрес за годишен одмор надминува 40 илјади, а пак бројот на вработени кои добиле К-15 надминува 350 илјади. УЈП нема информација колку од фирмите ги пректшиле правилата за исплата на К-15 и на работниците им префрлиле помал износ од законскиот или пак дали некоја фирма воопшто не исплатила. Тие информации не препратија да ги побараме од трудовиот инспекторат од каде ни соопштија дека податоците се обработуваат на неделно ниво и за брзо велат дека  ќе излезат во јавност да ги објават податоците.

Година      фирми        вработени         исплатен износ

2018          44299           361577             3,768,225,577.00 денари (61,2мил.евра)

2019         44696             374728            4,019,035,111.00 денари ( 65,3мил.евра)

2020         41141              353300            3,945,493,271.00 денари ( 64,1мил.евра)

Од Сојузот на синдикати пак, добивме информација дека пријавиле повеќе од 100 газди кои не исплатиле во целост или исплатиле помала сума од предвидената на работниците за регрес за годишен одмор или К-15 за 2020 година. Пријавите во името на работниците се потпишани и поднесени лично од Претседателот на ССМ Дарко Димовски. Целата е како што велат синдикалците, заштита на работниците од притисоци и закани од страна на работодавачите. Синдикатот бара одговорност и целосна примена на член 166 став 1 од Кривичниот законик за сите работодавачи кои свесно го прекршиле ова работничко право.

„Доколку биде потребно ќе бараме одговорност и од надлежните инспектори и ќе ги објавиме документите со кои располагаме ако не бидат санкционирани сите кои го прекршиле ова работничко право. Тој што свесно не се придржува кон закон, друг пропис или колективен договор, за засновање или престанок на работниот однос, за платата и надоместоците на платата, работно време, одморот или отсуството, заштитата на жената, младината и инвалидите или за забрана на прекувремената или ноќната работа и со тоа повреди, одземе или ограничи право што на работникот му припаѓа, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“, велат од ССМ.

Една од најгласните активисти во земјава во борбата за работничките права е Кристина Ампева од здружението Гласен Текстилец. Таа вели услов кој треба да се исполни за К-15 е работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач. Според неа мора многу посериозно да се гледа на оваа проблематика, бидејќи работниците не се доволно информирани за своите права, и не знаат како треба да постапат во случај кога тие права им се прекршени. Акцентот го става и за жените кои биле на породилно отсуство.

„Прашања во делот дали жените кои биле на породилно отсуство дали ги следува К15? ДА! Тоа што биле на породилно отсуство, не го менува фактот дека тече стаж за тоа време додека е на отсуство. Гледам работодавачите сакаат и на тоа да се извадат. Како се исплаќа К15 во износ од 100,1000 или 2000 денари? Тоа е поради “феноменот” што вие не сте организирани и немате свој преставник во фирмите, па затоа работодавачите на некој нему близок работник, му дава лист со тоа дека фирмата работила во загуба, па може да се исплати помала сума итн, тој се потпишува во ваше имe и затоа имате К15 таков какво што е уплатено деновиве на вашите сметки. Годинава отиде, не бевме подготвени ни вие, ни јас. Имаат еден куп џокери во ракавот и тешко ми е да размислувам на таков префриган начин, така мојот мозок не функционира. Е догодина, здравје, ќе си фатиме на време работа“, вели Кристина Ампева.

За 2020 година работодавачите од приватниот сектор имаа обврска да исплатат на работниците речиси по 11 илјади денари. Според колективниот договор регресот за годишен одмор се пресметува врз основа на просечната нето или бруто плата во изминатите три месеци односно 40% од износот. Рокот за исплата на фирмите беше до 31 декември, а казната за непочитувачите на ова законско решение достигнува и до четири илјади евра.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП