Американскиот претседател Доналд Трамп направи споредба помеѓу американскиот воздушен напад врз Иран и фрлањето на нуклеарните бомби врз Хирошима и Нагасаки во 1945 година, тврдејќи дека во двата случаи таквите напади успешно ја завршиле војната, објави Си-Ен-Ен.
„Не сакам да го користам примерот на Хирошима. Не сакам да го користам примерот на Нагасаки, но тоа беше во суштина истото нешто што ја заврши таа војна“, рече Трамп за време на самитот на НАТО во Холандија.
„Ова ја заврши оваа војна. Да не ја бевме уништиле, тие ќе продолжеа да се борат“, додаде тој, осврнувајќи се на нападите врз нуклеарните постројки на Иран. Во своето обраќање, Трамп повтори дека американските напади, како што тврди тој, ја вратиле нуклеарната програма на Иран назад за децении.
„Не мислам дека некогаш повторно ќе се обидат со тоа. Поминаа низ пекол. Доста им е. Последното нешто што сакаат да го направат сега е повторно да збогатуваат ураниум“, рече тој. Тој додаде дека чека извештај за проценка на штетата од израелските служби, за кој верува дека ќе го потврди неговата тврдење за „тотално уништување“ на целните објекти.
Да ве потсетиме дека на 6 август 1945 година, американската армија фрли нуклеарна бомба врз јапонскиот град Хирошима, а три дена подоцна уште една бомба врз Нагасаки. Тоа беше прв и досега единствен пат во историјата кога нуклеарно оружје беше употребено во војна.
Се проценува дека во тие два напади загинале најмалку 200.000 луѓе, претежно цивили. Јапонија го објави своето безусловно предавање неколку дена подоцна, на 15 август 1945 година, со што заврши Втората светска војна во Азија. Историчарите сè уште дебатираат за оправданоста на нападите, а нивното разорно влијание остави длабок белег врз глобалната безбедност и политичката историја.