Дипломата високо подигната, аплаузи од сите страни, солзи од радост и гордост. Завршено е школувањето. И токму кога мислиш дека си спремен за светот – светот ти покажува дека не си.
Не си научен како да се справиш со даночна пријава, како да реагираш кога некој те следи на улица, ниту како да направиш чорба од ништо кога фрижидерот е речиси празен.
Образовниот систем, и покрај сите свои вредности, сè уште не ги подготвува младите за секојдневните реални ситуации што ги чекаат зад аголот.
„Прв пат кога добив плата, не знаев што да правам со неа. Сè ми изгледаше како пари што треба веднаш да се потрошат. Немав идеја дека треба да одвојам за даноци, штедење, за ‘црни денови’… Тоа не го учевме во школо“, раскажува Анастас, 25-годишен дизајнер од Битола.
Во повеќе европски земји, финансиската писменост се воведува уште од основно образование. Кај нас, поимите како каматна стапка, пензиски фонд, одложена рата, сè уште звучат како нешто од друг свет за голем дел од младите.
„Да знаев што значи реална и номинална камата, ќе избегнев да земам кредит со скриени трошоци. Плаќам повеќе од двојно од она што го позајмив“, вели Јулијана, мајка на две деца која неодамна подигнала потрошувачки кредит.
Друг запоставен сегмент е личната безбедност. Во земја каде инциденти се случуваат често, часови по самоодбрана или барем совети за самозаштита би можеле да спасат животи.
„Се најдов во ситуација во којашто непознат маж почна да ме следи навечер. Немав поим што да правам, ни како да реагирам. Тоа чувство на беспомошност не го заборавам“, сведочи студентка од Скопје.
Покрај тоа, основни животни вештини – готвење, одржување на домот, планирање буџет, грижа за менталното здравје – не се дел од наставниот план. Се учи за фотосинтеза и хексаметри, но никој не ти кажува како да составиш животопис, да се справиш со анксиозност или да преговараш за плата.
„Имам две деца и едно од нив доби алергиска реакција. Додека стигне Итна помош, јас веќе требаше да знам како да реагирам. А немав поим. Тоа се учи на курсеви, но зошто не и во школо?“ прашува велешанецот Игор.
Експертите сè почесто предупредуваат дека образованието мора да биде функционално – да подготвува за живот, не само за тестови. Со вклучување на практични вештини во наставата, се гради посамостојна, позрела и поодговорна генерација.
„Мислам дека треба да има предмет ‘Живот’, и тоа уште од петто одделение“, вели средношколецот Благојче од Куманово. „Да учиме како се плаќаат сметки, што е градежна дозвола, како се користи прва помош…“
Светот се менува. Но сè додека наставната програма остане закотвена во теорија, младите ќе продолжат да дипломираат подготвени – но само на хартија.
Б.З.М.