18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНова студија покажува дека ефикасноста на вакцината е помала кај јужноафриканскиот вид...

Нова студија покажува дека ефикасноста на вакцината е помала кај јужноафриканскиот вид на вирусот

Податоците од клиничките испитувања на две вакцини против Ковид-19 покажуваат дека јужноафриканската варијанта на коронавирус ја намалува нивната ефикасност во заштитата од болеста, при што се истакнува потребата што е можно поскоро да се вакцинираат голем број луѓе, предупредуваат научниците.

Вакцините од копманиите „Новавакс“ и „Џонсон енд Џонсон“ се поздравени како важно оружје во намалувањето на бројот на смртните случаи и хоспитализации во пандемијата која зарази повеќе од 101 милион луѓе ширум светот и однесе два милиона животи.

Meѓутоа, овие вакцини се значително помалку ефикасни во спречувањето на Ковид-19 кај луѓе во Јужна Африка, каде се прошири позаразна верзија на вирусот, во споредба со земјите каде мутацијата сè уште е ретка, покажуваат првичните податоци објавени од фармацевтските компании.

„Очигледно е дека мутациите влијаат за пад на ефикасноста на вакцината“, вели директорот на Националниот институт за алергии и заразни болести во САД, доктор Ентони Фаучи. „Јасно е дека ќе се соочиме со дополнителни предизвици“, додава тој.

„Новавакс“ во четвртокот објави дека податоците собрани на половина од студијата покажале дека вакцината е 50% ефикасна во спречување на Ковид-19 кај луѓето во Јужна Африка.

За споредба, според податоците од последната фаза на истражувањето во Велика Британија, вакцината била ефикасна до 89,3 проценти во спречување на Ковид-19.

Во петокот, „Џонсон енд Џонсон“ објави дека единечна доза од нивната вакцина е во просек 66 проценти ефикасна во истражувањата спроведени на три континенти, но разликите меѓу регионите биле големи.

Во САД, каде што првите случаи на мутација на јужноафриканскиот коронавирус беа потврдени дури во текот на неделава, ефективноста достигнала 72 проценти, за разлика од Јужна Африка, каде ефективноста била само 57 отсто. Во Јужна Африка, новата варијанта позната како Б 1.351 претставува 95% од вкупниот број на ковид-случаи, се наведува во новата клиничка студија.

Втората многу позаразна варијанта, најпрво откриена во Велика Британија, а сега потврдена во повеќе од половина од сојузните американските држави, била помалку успешна во „бегството“ од вакцината, во споредба со јужноафриканската мутација.

Новите откритија отвораат прашања и во врска со ефективноста на вакцините на „Фајзер“/„Бионтек“ и на „Модерна“ против новите варијанти. Овие две вакцини беа околу 95% ефикасни во испитувањата спроведени во САД пред во светот да се појават новите варијанти на вирусот.

„Ова сега е поинаква пандемија“, вели докторот Ден Бароуш, научник од Медицинскиот факултет на универзитетот Харвард, кој учествувал во развојот на вакцината на „Џонсон енд Џонсон“.

Бароуш вели дека сега во оптек има многу нови варијанти на вирусот во Бразил, Јужна Африка, па дури и во САД, кои се значително поотпорни на антителата што се развиваат преку вакцината.

Извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, рече дека постои голема можност вакцината да стане неефикасна со текот на времето, поради појавата на нови варијанти.

„Тоа сè уште не е случај… но мислам дека е многу веројатно дека еден ден тоа ќе се случи“, рече Бурла на Светскиот економски форум.

Неговата фармацевтска компанија во моментов размислува дали треба да ја измени вакцината за да се гарантира заштита и од јужноафриканската мутација.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП