Секогаш кога одекнува ново рафално препукување меѓу Иран и Израел, цената на нафтата и на гасот скока како воз без сопирачки – само нагоре.
Финансиските пазари се вознемируваат, неизвесноста се шири како дамка масло, а ние овде, далеку од големите центри на моќ, сепак ја плаќаме цената.
Македонија не игра на таа геополитичка шаховска табла, но фигури сме кои се поместуваат со секој глобален потег. Доволно е да се види последниот ценовен шок на пумпите – горивата поскапеа за неколку денари по литар. А каде има поскапо гориво, таму веднаш се јавуваат поскапи транспортни услуги, а потоа и повисоки цени на полиците. Сè е поврзано како ланец кој нè стега.
Економистот Ведран Кузмановски не се чуди премногу. Според него, со ваква наша економија, која најмногу се потпира на увоз кога станува збор за енергенти и храна, било речиси неизбежно инфлацијата да ни чука на врата при секое пореметување на глобалните пазари.
„Нема тука многу филозофија“, вели тој, „во вакви околности, инфлацијата ни доаѓа како природно ехо од светските турбуленции“.
Но, дали тоа значи дека сме сосема врзани раце? Не баш.
Економскиот аналитичар Александар Дојчинов има поинакво видување.
„Можеме да направиме нешто, барем за долгорочна заштита. Мора да се свртиме кон самите себе – повеќе домашно производство на храна, поддршка за локалните мали земјоделци, субвенции, подобра инфраструктура. Тоа не е магично стапче, но е темел на идната стабилност“, објаснува тој.
Во меѓувреме, Народната банка се обидува да внесе барем малку смиреност, уверувајќи дека инфлацијата ќе се приземи до крајот на годината на околу 3 проценти. Велат, ако пак ситуацијата ескалира, имаат подготвени монетарни алатки за интервенција.
А додека тие ветуваат стабилизација, граѓаните – најобичните луѓе – се борат со својот секојдневен математички кошмар: што можат, а што не можат да си дозволат.
Јасмина Мојсовска од Скопје вели дека веќе станало нормално да калкулира за секоја ситница.
„Замисли, веќе две недели не сум ставила нафта во колата. Пешачиме, возиме велосипеди. И кога одиме на пазарење – само со список. И строго по него“, раскажува таа со мала доза горчлива насмевка.
Излез постои, ама не е во форма на чудо преку ноќ. Бара време, трпение и малку инает за да не дозволиме утре повторно да нè затекне неподготвени.
Б.З.М.