28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПотребен е нов Закон за буџети, потранспарентен и со нови фискални правила!

Потребен е нов Закон за буџети, потранспарентен и со нови фискални правила!

Здружението за истражување и анализи подготви коментари и препораки за предлог Законот за буџети. Анализата содржи нивни ставови за подобрување на текстот на законот во делот на четири клучни области, и тоа: транспарентност и отчетност, планирање на буџетот, извршување на буџетот, и дополнителни аспекти значајни за спроведување на Законот. Предлагаат да се зголеми транспарентноста при трошењето на јавните пари и да се најде механизам за среднорочно буџетско планирање од страна на државата. Невладините и граѓанските здруженија бараат да се донесе комплетно нов Закон за буџети. Сметаат дека фискалните правила кои се во законот се многу општи, и сугерираат до власта да ги следи европските практики.

Фискалните правила треба да овозможат континуитет во управувањето со јавните финансии, независно од политичката состојба и волјата на раководните лица во државата. Властите треба да донесат и да ги прецизираат фискалните принципи кои треба да бидат одржливи, приспособени и поврзани со среднорочното буџетско планирање и со системот на јавните финансии во Македонија, во насока на постигнување на фискалните правила на ЕУ.

Невладините го поздравуваат воспоставувањето на Фискален совет, но според нив постои недореченост во однос на профилот на членовите на советот. Во текстот сега стои: „Членовите на Фискалниот совет мора да бидат експерти од областа на јавните финансии, макроекономијата или економијата“. Ваквата дефиниција на профилот на членовите може да доведе до пристрасно гледање на степенот на експертиза на предложените членови. Оттука, тие сметаат дека потребно е прецизно дефинирање на карактеристиките и компетенциите што треба да ги поседува секој член на Советот. Како пример наведуваат да се наведе,  минимум завршени мастер-студии во областа на економијата, јавните финансии или макроекономијата; минимум 10 години професионално искуство во управувањето со јавните финансии, финансиите, банкарството или економските истражувања; докажаното искуство во земјата и во странство во следењето или учеството во креирањето на јавните политики поврзани со јавните финансии итн.

„Принципот со кој три независни институции предлагаат по еден член на Советот е решение кое овозможува членовите на Советот да бидат професионални и независни експерти. Имајќи ги предвид гореспоменатите аргументи за стручноста на кандидатите за членови, важно е да се напомене дека Советот треба, меѓу другото, да ја претставува не само стручната, академската и професионалната јавност, туку и граѓанскиот сектор. Оттука, предлагаме при дефинирањето на критериумите, покрај потребната на образба на кандидатите, да се нагласи дека е пожелно членовите да имаат и докажано искуство или да доаѓаат од граѓанскиот сектор. Со ова дополнување се овозможува и граѓанскиот сектор да даде значителен придонес во управувањето со јавните финансии.“

Воведувањето на среднорочно буџетско планирање е една од позитивните работи, велат невладините. Досегашната практика покажа дека Фискалната стратегија е премногу флексибилна за фискалните движења во наредните три години, особено ако се има предвид дека сите фискални стратегии, без исклучок, беа приспособувани со доставување на предлог-буџетот за наредната година, што според истражувачите не треба да биде случај. Економските текови се динамични, а стратешките документи треба да се приспособат на промените, но Фискалната стратегија во никој случај не треба да биде целосно во функција на годишните буџети, сметаат невладините. Нивниот став е дека буџетите треба да се приспособат на Стратегијата и само во вонредни, поповолни или влошени економски услови, начелата на Стратегијата треба да бидат приспособени на потребите на буџетот. Со целосно спроведување на среднорочното буџетско планирање, неизвесноста во економијата ќе се намали, а економските оператори и граѓаните ќе можат да ги планираат нивните активности врз основа на стабилни предвидувања и стратешки приоритети. Оттука, се заклучува дека среднорочното буџетско планирање треба да биде основа на сите процеси поврзани со буџетското планирање.

„Со цел да се обезбеди поголема транспарентност на сите податоци и постапки, потребно е Министерството за финансии со подзаконски акт да ги доуреди одредбите од став (7). Дополнително, имајќи ја предвид координациската улога на Министерството за финансии во системот за следење и управување со долгот, една од опциите е да се воспостави централен регистар, а буџетските корисници да имаат обврска во континуитет да известуваат за состојбата. Во спротивно, двојната евиденција кај корисниците и во Министерството за финансии може да доведе до административни закочувања и пречки. Воспоставувањето на дигиталната евиденција ќе овозможи сите информации и процеси да се следат на едно место“, стои во анализата.

Буџетските корисници имаат законска обврска да донесуваат годишни планови за вработување нови работници или за пополнување на испразнетите работни места. Министерството за финансии дава согласност на овие планови. Во анализата се отвора прашањето, која е потребата Министерството повторно да дава согласност за секое работно место, кога за одговорното трошење на буџетот на буџетските корисници е одговорно раководното лице на корисникот и лицата овластени од него? Препораката е, со воспоставување на новиот интегриран информациски систем кој предвидува и јасни правила за внатрешна контрола, овој член треба целосно да биде избришан од Законот за буџетите. Обврската да дава согласност за годишните планови треба да остане на Министерството за финансии, а за начинот на реализација на плановите да биде целосно одговорно раководното лице на корисникот. Дополнително, се отвора прашањето, по која основа Министерството за финансии може и треба да води сметка за почитувањето на принципот на соодветна правична застапеност на заедниците? Министерството за финансии е надлежно за управување со јавните финансии, а не за спроведување на начелата за правична застапеност. Иако во моментов не постои инфраструктура со која на многу едноставен и дигитален начин ќе се регулира ова прашање, доколку кај раководните лица постои политичка волја и подготвеност за понесување целосна одговорност за трошењето од страна на корисниците, тогаш овој член може веднаш да биде целосно избришан од Законот. Во спротивно, во практиката одредбите и натаму ќе бидат предмет на злоупотреба од страна на носителите на власта, сметаат истражувачите.

„Позитивно е што се пропишува централен регистар на сите концесии и јавни приватни партнерства, но потребно е доуредување на членот. Доколку ги следиме дигиталните трендови и евиденцијата на концесиите и јавно-приватни партнерства кои се водат во еден централизиран информациски систем, тогаш обврската на буџетските корисници за водење посебни регистри треба да биде промената, односно тие треба да бидат обврзани континуирано да ги водат концесиите во интегрираниот систем кој ќе биде во надлежност на Министерството за финансии. Доколку се остане на понуденото решение, тогаш во исто време ќе бидат водени паралелни регистри на концесии, а обврската за известување на Министерството за финансии ќе биде уште една административна одговорност и ќе претставува  дополнителна пречка за обединување на и онака фрагментираниот систем на концесии и јавно-приватни партнерства. Дополнително, воведувањето ваков интегриран регистар ќе овозможи подобра контрола, следење и исполнување на обврските од договорите, стои во анализата.

Актуелниот Закон за буџети е донесен во 2005-та година, а досега текстот има претрпено неколку измени.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП