24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦЕА: Популизмот и клиентелизмот ги осиромашија граѓаните и ја презадолжија државата

ЦЕА: Популизмот и клиентелизмот ги осиромашија граѓаните и ја презадолжија државата

Популизмот и клиентелизмот кои од осамостојувањето до денес царуваат во македонското општество и економија, доведоа до сиромашни граѓани и презадолжена држава. Ризиците по јавните финансии особено сега во време на ковид-кризата се големи, јавниот долг е неодржлив а дел од него и нелигитемен, а најавените вон-буџетски операции на власта за јавни приватни партнерства, не влеваат доверба за позитивни резултати во иднина”, алармира Центарот за економски анализи во публикацијата „Популизмот и клиентелизмот во политичката економија на Република Северна Македонија – Како до повеќе благосостојба“.

Според анализата, од популизмот и клиентелизмот државата не се збогатува, а граѓаните се сиромашни.

„Во ваков социо-економски контекст кризата во која се наоѓа Македонија, многу тешко ќе се надмине, со оглед на тоа што менторите на политичките елити имаат консензус за водење на избори каде победникот добива сè. Задржан е консензусот за волумени на буџети кои се доволни за генерирање на нови клиенти и за задоволување на потребите на старите клиенти. Притоа, населението се фрагментира по етнички, класни и географски атрибути, како и по економска активност, додека државата се држи настрана од суштински ЕУ интеграции и вредности. Во Северна Македонија општествената преговарачка моќ на граѓаните, вработените, невработените во споредба со општествено-економско преферирани субјекти (бизнисот и банкарскиот сектор и религиозниот клер) е несиндикализирана, фрагментирана и не е во можност да се избори за поефикасна распределба. Делумно, ова е последица на повеќе од една деценија имплементирана економска парадигма и идеологија на либерален капитализам со елементи на заробена држава и корупција која не ги исполни целите на даночните, фискалните и други политики за воспоставување на ефикасна пазарна економија која ќе почива на конкурентни бизнис субјекти“, стои во анализата на ЦЕА.

Подароците покажуваат дека БДП по доходовниот метод илустрира дека уделот на профитите на капиталот се повисоки од уделот на платите на работниците од 2012 до 2017 година. Така, додека во 2000 година платите на работниците имале удел во БДП од 65% наспроти 35% на профитите на капиталот, во 2017 година платите на работниците имале удел од 48% наспроти 52% на профитите на капиталот .

„Клиентелизмот особено добива силни размери за дополнително фрагментирање на населението по разни атрибути после 2009 година и до 2012 година со таканаречени 5 пакети за справување со првиот и вториот бран од глобалната финансиско-економска криза (од 2009 година до 2012 година). Со новите 4 пакети на мерки на актуелната Влада за адресирање на КОВИД-19 кризата, всушност ние се наоѓаме повеќе од една деценија во „живот на трансфери“ и „државата треба да помогне“ економска парадигма. Политичките елити се додворуваат да им удоволат на силното бизнис-лоби кое достигна и до министерско место во Владата во 2016 година. Средствата кои беа обезбедени од задолжување ниту ги задоволија потребите на граѓаните ниту поставија основа за повисока продуктивност, а времето за отплата доаѓа“, стои во анализата.

Според публикацијата, КОВИД-19 кризата покажа дека нерационалните трошења и носења на мерки за синдикализација на трошоците и натаму ќе остава простор за нефер и неефикасно општество со ниска доверба во институциите и со натамошно стеснување на расходите за јавниот интерес. А тоа и понатаму претставува ризик кој е основен генератор за натамошно иселување на најпродуктивните слоеви од населението.

Според расположивите средства може да видиме дека расположивите средства на 20% најсиромашни граѓани во 2017 година се за 10 пати помали од расположивите средства на 20% најбогати граѓани. Ова значи дека 20% од населението има 10 пати повисока потрошувачка за ист период од онаа на 20% најсиромашно население. За периодот пак 2010 до 2019 година банкарскиот сектор книжи високи профити по оданочување кои во 2018 година достигнуваат и до 1.3% од БДП што укажува на една голема нерамнотежа во македонската економија: има големи предизвици во општиот еквилибриум на македонската социо-економија, банкарскиот сектор е олигопол за кого економските агенти плаќаат повисока ценовна премија, пазарот на работна сила е нефункционален, нееднаквоста расте, благосостојбата е еродирана“, стои во анализата на ЦЕА.

Од таму велат дека се поставува и прашањето за размислување на промена на улогата на НБРСМ. Нејзината цел треба да биде полна вработеност на македонската економија дополнително на стабилноста на финансискиот сектор со што и монетарната политика поефекасно и поефективно би се вклучила во решавање на долгорочните проблеми на државата и во директно решавање на проблемите на граѓаните.

Според анализата, Буџетот за 2021 година е најава за продлабочување на кризата.

„Најавените вон-буџетски операции на власта за јавни приватни партнерства (ЈПП), не влеваат доверба за позитивни резултати во иднина. Во суштина, ЈПП е ефикасен инструмент но, во услови на неефикасен јавен сектор, недостаток на знаење за ЈПП, за мониторинг и евалуација, со високо ниво на корупција, со нетранспарентни операции на власта во делот на државна помош, во делот на привлекување на СДИ, со неказнивост за операции како во примерот со Скопје 2014 и имплементацијата на автопатиштата, предупредуваме дека ЈПП ќе носи непредвидени идни обврски по буџетите на државата т.е.на сметка на даночните обврзници. Предизвик е да се следат обврските на ЈПП бидејќи тие не се транспарентни и тешко се засметуваат. Јасно е дека државата нема капацитет за влегување во сериозни ЈПП проекти“, велат од таму.

Според нив, изјавата од Министерството за финансии за продажба на државен имот, како мерка за справување со неодржливоста, сама по себе е поразителна.

„Тоа што најмногу се очекуваше од актуелната власт е поднесување на одговорност за таканаречениот odious debt (нелегитимен долг кој е создаден за исполнување на цели на естаблишментот и политичарите, а за синдикализирање на сервисирањето на граѓаните) генериран од претходните влади пред 2016 година. Скопје 2014 сè уште е мистерија, и покрај формираните работни групи и реакции врз основа на кои се очекуваше познатиот „бројчаник“ да ги брои вратените преку правниот систем нелегитимно/криминално потрошени средства. Понатаму, дискутабилна и загрижувачка е проценката на влијание на регулативата-ПВР на новиот Предлог закон за буџетите, која укажува дека финансиски импликации од новиот закон ќе има само за ново софтверско решение?!. Притоа, новиот Закон нема да има ниту социјални влијанија, ниту административни влијанија ниту пак влијанија по животната средина според ПВР“, стои во анализата.

Анализата покажа дека популизмот и клиентелизмот царуваат кај нас од многу одамна.

Генерално, распределбата од оставштината од бившата Југославија одеше кон две насоки. Првата насока беше таканаречената приватизација која го направи прагревот за неказнивост за нефер и неефикасна распределба во приватна сопственост во рацете на мал број на луѓе на децениски создаван капитал. Втората насока беше неефикасна распределба на буџетите на Република Македонија.

„Резултатот од транзицијата е повеќе од 80тина проценти на незадоволни граѓани кои во 2006 година сметаат дека економската ситуација не е подобра во 2006 година споредена со 1989 година. Исто така овој тренд продолжува и во 2016 година кога само 40тина проценти се согласуваат дека животот им е подобар сега споредено со минатото (постари од 55 години) но, загрижувачки е што од помладата популација (25-54 години) само 30тина проценти се согласуваат со констатацијата дека животот им е подобар сега споредено со минатото“, стои во анализата.

Наведени се и негативните шокови со силни последици по економијата во изминатиот период кој ја чине економијата речиси 7 милијарди евра.

Санкции кон Федеративна Република Југославија 1992-1995       4,4 милијарди долари

Ембарго од Грција кон Македонија 1994-1995                                   1,2 милијарди долари

Косово криза 1999                                                                                           650 милиони долари

Безбедносна ситуација 2001                                                                        700 милиони долари

Вкупно:                                                                                                             6,95 милијарди долари

А периодот на пост транцизијата беше обележан со анемија и задолжување.

Од буџетите на земјава најголем процент се распределуваше за дминистрацијата која наместо сервис за ефикасни јавни услуги се третираше повеќе како гласачки контингент без воопшто било какви мерења на нејзините перформанси, без етика и без создавање на вештини за давање на квалитетна јавна услуга.

„Друг поголем процент на расходи од буџетот одеа преку јавните набавки кои беа ороз за создавање на економски оператори со голема индиција за значително дренирање на јавни средства за политички крони и клиенти и конечно, трет процент од буџетот одеше за трансфери кон одреден стратум на граѓани за политичка корупција, клиентелизам и поткуп во вид на готовински исплати, договорни услуги, работа по договор на дело, социјални т.е. таканаречени Земјоделски трансфери и слично. Неможејќи да создадат соодветен амбиент и темели за цврста политичка и економска подлога за иднината на државата естаблишментот и политичките елити го заокружија неуспехот со политиката за народот како ефтина работна сила некаде на крајот на првата декада од 21-от век. Граѓаните на Република Македонија станаа најевтин популарен комерцијален производ за домашните и странски капиталисти, стои во извештајот. Граѓаните покрај економската потценета вредност доби и политичка ефтина цена вулгаризирано во број на залепени плакати, аплаудирања на настани, добивање на сендвичи, полнење на автобуси, свесно и несвесно разнесување од еден крај на друг крај на земјата. Политичките елити, естаблишментот и нивните крони и клиенти пак, добија кој што сака па и тие си ја заокружија нивната лична агенда и лични интереси“, стои во анализата.

Кон крајот на првата декада од 21-от век, пак според извештајот менторите на политичката елита на власт и сугерираа на власта да почне со задолжување на државата. Три канали беа главни за нелегитимно трошење на постигнатата ликвидност, а тоа се зајакнувањето на популизмот преку буџетски трансфери кон стари и нови клиенти, државно финансирање на медиумите и митот за градењето и градежништвото како двигател за БДП со обележјето Скопје 2014, што пак допринесе јавниот долг да достигне високи размери, кој се надгради после 2016 година до скоро 61% од нашиот генерално анемичен БДП во 2020 .

Експанзијата на задолжување во Македонија во период на Скопје 2014 проектот, трансферите во земјоделски субвенции за кои владини претставници признаваат дека се всушност социјални трансфери, засилените предизборни буџетски трошења, откупот на долгот и неплатените обврски на ЕЛС и јавните претпријатија, креативното сметководство за намалена транспарентност на долгот со формирање на Јавно претпријатие за државни патишта наместо Агенција за патишта, се индикации дека дел од долгот на државата e нелегитимен. Аргумент повеќе за граѓаните да се изборат за етикетирање на нелегитимност на дел од јавниот долг е и фактот што заради намалена фискална транспарентност во 2014 година Светска Банка се воздржала од гласање за втор развоен кредит за Македонија поради „несоодветна буџетска транспарентност и јавен финансиски менаџмент“, стои во анализата.

Целта на анализите и информациите кои ги презентира Центарот за економски анализи–ЦЕА е темелно да ја информира јавноста за ризиците кои постојат по македонската економија.

“Особено се фокусираме на ризиците по јавните финансии, чиј што интензитет и веројатност за настанување се зајакнуваат подолг временски период кој опфаќа владеење на повеќе македонски влади. Ова е уште поважно сега во овој временски значаен период за Републиката, ако се земе предвид стеснетиот фискален простор за натамошно задолжување на државата, а особено по најавата за „продажба на државен имот и поголем обем на влез на Јавни приватни партнерства-ЈПП“ при дебатата за буџетот за 2021 година“, стои во извештајпт на ЦЕА.

Центарот дава ретроспектива на раѓањето на популизмот и клиентелизмот, но и платформа во неколку точки  – главните проблеми на општеството на кои треба да се изјаснат политичките елити.

„ЦЕА сака да укаже на проблеми кои се провлекуваат со децении, а за кои политичките елити треба конечно да сфатат дека е дојдено крајно време за нивно решавање пред да се иселат значителен дел од населението“, стои во анализата.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП