10 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкспертите алармираат: Jавниот долг да не надмине 60 проценти од БДП

Експертите алармираат: Jавниот долг да не надмине 60 проценти од БДП

Рекорден буџетски дефицит од 920 милиони евра или 8,4 проценти од БДП и нови задолжувања, пад на економијата од 4,4 проценти, историски најголем буџет од 4,1 милијарда евра во ситација кога приходите се проектирани на 3,2 милијарди евра, јавен долг кој ќе ја пробие психолошката граница од над 60 проценти од БДП. Ова се основните параметри на вториот ребаланс на буџетот за годинава кој ги презентираше првиот финансиер Фатмир Бесими. Според него буџетот е стабилен и ликвиден, и се обезбедени пари за навремено сервисирање на сите обврски, плати, панзии, но и на четвртиот сет антикризни мерки, кој според Владата тежи 470 милиони евра. 

Според податоците на Институтот “Фајнанс тинк”, во вториот квартал од годинава јавниот долг изнесува 59,6 проценти од БДП и тој е најголем од 2003 година наваму. Во 2003 година јавниот долг бил под 40 проценти од БДП, а најмал бил во 2008 година кога се спуштил под 25 проценти. Потоа е во нагорен тренд. Годинава поради пандемијата со Ковид – 19 и справувањето со последиците од неа, долгот расте, а достасуваат за отплата големи суми кон странство.

-Обезбедените средства за време на Ковид-19 од близу една милијарда евра се доволни да го финансираат предвидениот буџетски дефицит во 2020 година и отплатата на еврообврзницата од 270 милиони евра во декември 2020, но продолжените економски ефекти од пандемијата и обврзницата која достасува во јули 2021 година во вредност од половина милијарда евра ги зголемуваат потребите за финансирање и притисокот врз јавниот долг, велат од „Фајнанс тинк“.

Вториот ребаланс на буџетот за годинава, и најавените нови задолжувања го вклучија алармот кај експертската јавност. Стравуваат дека пробивањето на психолошката граница на јавен долг од над 60 проценти може да биде критично за земјава, ако корона-кризата продолжи и наредната година. Според универзитетскиот професор Борче Треневски, истражувањата покажале дека не е пожелно да се надмине оваа граница.

„Мора да кажеме дека ова е историски јавен долг. Не дека сме исклучок, голем дел од земјите прибегнуваат кон задолжување во периодот кој го имаме сега, имајќи ја предвид оваа пандемија, меѓутоа гледаме дека најавите и до Светска банка и од меѓународните финансиски институции зборуваат за претпазливост. Зото го кажувам тоа. Мора да имаме предвид дека ние сме мала отворена економија засегната и директно поврзана со глобалните случувања од нашите најголеми трговски партнери и странски инвеститори. Целата наша стратегија е дека ние брзо ќе се опоравиме и ќе можеме во блиска иднина безболно да го вратиме нивото на јавен долг е дека ќе имаме економски раст следната година, и годината после неа и ќе се опоравиме. Меѓутоа што ако хипотетички ситуацијата не е баш така. Значи што би можеле да направиме во тој момент. Од каде ќе најдеме ние извори за да го поттикнеме нашиот економски раст и да можеме да го вратиме долгот и да се раздолжиме имајќи во предвид дека ќе мора дополнително да се задолжуваме за да се раздолжиме во периодот кој доаѓа. 60те проценти е онаа психолошка граница која беше психолошки ограничена, меѓутоа истражувањата покажуваат дека не е пожелно да се надминува оваа граница“, изјави за „Денар“ професорот Борче Треновски.

Според Треновски, мора да се внимава со задолжувањата и да се мисли како да се подобрат приходите во буџетот, бидејќи политичките елити до сега не разговарале отворено за тоа, туку политиките ги засновале само на зголемување на јавните расходи.

„Ако имате ниво на јавен долг кое е големо и кое треба да се врати во периодот кој доаѓа тоаварот се префрла на следните генерации односно на следниот период и ние ќе биделе погодени на некој начин преку генерално оданочување. Мора да размислуваме за некоја политика или таргетирање и ширење на определена даночна база во определени сфери покрај меѓународните извори на финансиски средства нашиот економски раст кој што очекуваме да е позитивен ќе ни овозможи да се справиме на среден рок со ова ниво на јавен долг кој исто така не треба да го потцениме. Ефикасноста на мерките кои се носат мора да биде исклучително блиску мониторирани и еваулирани. Немаме простор да носиме економски мерки кои не би имале силен удар и не би ја поттикнале економската активност во следниот период. Не велам дека четвртиот пакет не е таков, има голем дел од она што е насочено точно каде што треба, меѓутоа апелираме на внимателност во оваа насока“, вели Треновски.

Со ребалансот, буџетската дупка ќе изнесува рекордни 920,3 милиони евра или 8,4 проценти од БДП. Тоа е за 170 милиони евра повеќе од првиот ребаланс со кој дефицитот се искачи на 750 милиони евра и 637 милиони повеќе од првичниот план од 280 милиони евра буџетски дефицит планиран за годинава. И покрај еврообврзницата од 700 милиони евра и задолжувањата со првиот ребаланс, пак ќе има ново задолжување, овој пат само на  домашниот пазар за околу 200 милиони евра.  

Според критериумите на Светска банка, нашата држава во моментов е во групата умерено задолжени земји, со тренд до крајот на годината да премине во високо задолжени. Земјите со јавен долг до 40 отсто од БДП се сметаат за ниско задолжени, оние со долг од 40 до 60 проценти од БДП се умерено задолжени, а оние со долг над 60 отсто од БДП се во категоријата на високо задолжени земји. Меѓународните финансиски институции ни укажаа долгот доближен до психолошката граница од 60 проценти тешко се враќа и за нискоразвиена земја како нашата најдобро е тој да се држи околу 50 проценти од БДП.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП