19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПартиите ветуваат дека ќе тече „мед и млеко“ – но може...

Партиите ветуваат дека ќе тече „мед и млеко“ – но може ли економијата да ги издржи економските изборни ветувања?

Пораст на минималната и просечната плата, раст на пензиите, намалување на даноци, инфраструктура тешка милијарди евра… Политичките партии во предизвборните програми веетуваат дека и покрај Ковид кризата која никој не знае колку ќе трае, сепак до 2024 година во земјава ќе тече „мед и млеко“. Но, она што е заедничко за сите, е дека ниту една политичка партија не нуди финансиска конструкција колку тоа ќе чини ниту од каде ќе ги најде парите.

Институтот „Finance Think“ преку публикацијата “Може ли економијата да ги издржи економските изборни ветувања?“ преку пресметки прави симулација дали и колку од  економските предизборни ветувања можат да станат реалност за идниот четиригодишен мандат на партијата која ќе составува Влада. Според симулациите, ветувањата на сите политички опоненти, тешко можат да бидат остварливи и одржливи на долг рок. Ветувањата ги надминуваат реалните можности на економијата и буџетот.

Па така ветувањата на партиите за драстичен раст на просечните плати, според пресметките на „Finance Think“ во пракса се тешко остварливи. Или платите во земјава во најдобра варијанта до 2024 година можат да достигнат до 31.000 денари, што е далеку од она што го ветуваат најголемите политички партии во земјава.

Порастот на платите е симулиран во две варијанти, послаб пораст (во која ефектот од Ковид-19 е посилен и подолготраен) и посилен пораст (во која заздравувањето од Ковид-19 е побрзо и пократкотрајно). Пресметаната нето просечна плата во  2024 се движи во распонот од 28.955 денари до 30.961 денари. Овие бројки се еквивалент на пораст на просечната плата, споредено со 2019 година од 14.8% до 22.8%“, стои во публикацијата.

И сето ова би било остварливо под претпоставка дека падот на БДП годинава би бил 3.8%, а просечниот годишен раст за периодот од 2021 – 2024 би изнесувал 4 проценти. Потоа просечен годишен раст на работните места би изнесувал 2.3%, што е еквивалент на креирање околу 73.000 работни места во четиригодишен период,

Според Институтот, политиката за субвенционирање на придонесите на зголемувањето на плата во висина од 600 до 6.000 денари ќе постигне целосен ефект по намалувањето на ефектите од ударот на Ковид-19.

Паѓаат во вода и наддавањата за пораст и на минималната плата. Според пресметките на Институтот, таа до 2024 година оптимално би можела да се зголеми од сегашните 14.500 до околу 16.000 денари.

Порастот на минималната плата е најпрво проектиран според порастот на продуктивноста и тој пораст се смета за најоправдан и без можност да создаде притисок за затварање на работните места. Според овој метод, оптималното ниво на минималната нето плата во 2024 година е проценето на 16,228 денари (пораст од 11.9%). Сепак, носителите на политиките може да креираат политика на минималната плата според движењата кај просечната плата (што претставува ендоген процес, во кој неопходна е внимателност врз движењето на цените). Во врска со овој метод, ги применуваме двете сценарија од погоре, односно проектираме раст на минималната плата зависно од развојот на кризата со Ковид-19. Во тие сценарија, минималната плата би се движела од 17,149 денари до 17,978 денари, што споредено со 2019 е еднакво на пораст од 18.3% до 24.0%“, стои во анализата на „Finance Think.

Анализата покажува и дека предизборните ветувања за раст на пензиите се тешко изводливи бидејќи можат да го зголемат дефицитот во Фондот за ПИОМ.

Доколку пензиите се усогласуваат само со порастот на цените, пензискиот дефицит се прекршува и започнува негово намалување. Во апсолутна смисла, во 2024 година, тој ќе биде на нивото од 2019 година, но во релативна смисла, тој ќе се намали од 75% од приходите од пензиски придонеси на 55.5%, што е големо намалување. Но, ако пензиите се усогласуваат со порастот на цените и на просечната плата (50:50), пензискиот дефицит продолжува да расте, со благо релативно намалување на износот што ќе треба да се финансира од централниот буџет на околу 63% од приходите од пензиските придонеси. Корекцијата кај минималните старосни пензии додава на овој износ околу 8 милиони евра годишно, а засега околу 29.000 пензионери – приматели на старосна пензија“, покажуваат пресметките.

Во публикацијата  стои дека пензионерите останаа најпропулзивното гласачко тело за сите политички партии, па изборните ветувања често се фокусираа врз зголемување на пензиите, најчесто значајно над износите детерминирани со растот на економијата.

Како резултат на тоа, пензискиот дефицит – грубо дефиниран како износ што централниот буџет го префрла во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување над износот прибран од пензиските придонеси – се утростручи помеѓу 2007 и 2020 во апсолутна смисла, додека како удел во износот прибран преку придонеси го достигна својот максимум во 2017 од 79.9%. Со зголемувањето на стапката на пензискиот придонес во 2019 и 2020 година (кумулативно за еден процентен поен), настана значајна консолидација, при што износот што се трансферира од централниот буџет се намали на 70.1% од износот на пензиските придонеси, но со зголемувањето на пензиите од 2020 година, тој повторно почна да расте (75%)“, стои во публикацијата.

И намалувањето на директните даноци кои во програмите го ветуваат дел од политичките партии ќе го зголеми буџетскиот дефицит, или би не чинеле по околу 120 милиони евра годишно.

Изгубените буџетски приходи кај директните даноци се движат од 45 милиони евра во 2021 до 122 милиони евра во 2024, од кои околу 3.4 милиони евра во 2021 до 13.6 милиони евра во 2024 отпаѓа на делот за елиминирање на данокот на личен доход на нововработените млади. Износот на изгубените даночни приходи е еднаков на 1% од БДП, или повеќе од третина од просечниот буџетски дефицит“, покажува анализата.

А даночните промени  би предизвикале нагло зголемување на јавниот долг и буџетскиот дефицит.

Последното сценарио е најнеповолно, особено имајќи предвид дека кризата предизвикана од Ковид-19 ќе изврши еднократно и нагло зголемување на јавниот долг.  Како резултат на предложените даночни промени, јавниот долг би бил повисок за 0.4 до 0.9 процентни поени годишно, што е спротивно на заложбата за фискална консолидација. Слично, буџетскиот дефицит, наместо во претпоставениот ранг од 2% до 2.5% од БДП, би се искачил до 3%“, стои во публикацијата.

Според анализата, вообичаено како и до сега при секои парламентарни избори, со цел да се привлечат што повеќе гласачи, ветувањата на политичките партии ги надминуваат реалните можности на економијата и државниот буџет.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП