20 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИБАНКИВнимателно со даноците, нивното зголемување не е корисно за економијата!

Внимателно со даноците, нивното зголемување не е корисно за економијата!

Пред да се донесе било каква одлука за евентуално зголемување на одредени даноци поради моменталната криза, претходно мора да бидат консултирани сите чинители во општеството. Даночните експерти сметаат дека доколку се зголемат даноците куповната моќ на граѓаните драстично ќе се намали, а на тој начин нема да може да се развива економијата. Експертот од областa на даноците, Павле Гацов порачува дека треба властите треба да  бидат многу внимателни при одлуката дали, и кој данок би бил зголемен поради Корона кризата.

„Зголемувањето на  даноците во наредниот период се подразбира. Овде мислам на апсолутниот износ на собраните даноци кој може да биде резултат на зголемениот опфат на нови даночни обврзници од сивата зона. Зголемувањето на даночниот товар на актуелните даночни обврзници со зголемување на даночните стапки или со намалување на даночните ослободувања ќе го намали потенцијалот за економски раст поради што треба да се биде многу внимателен со ваквата мерка. Воведувањето на нови даноци како данок на финансиски трансакции, данок на готовина, прогресивен данок на добивка, здравствен данок, и сл. треба да се дискутира со сите општествени чинители и секако како последна опција, после расчистувањето со неоправданите буџетски трошења и со активирањето на сите механизми за борба против сивата економија“, вели за Денар Павле Гацов.

Очекувањата за брзо закрепнување на економијата според  Гацов се дека се прилично слаби. Најрано, од следната година би можело да се очекуваат позитивни сигнали бидејќи продолжената криза, бавното враќање на работа на економските субјекти, забавената потрошувачка, намалениот извоз, зголемувањето на невработеноста, намалената понуда, па дури и недоволната финансиска помош од државата според Гацов се само неколку од многуте насобрани проблеми што ќе ја навјасаат македонската економија во вториот квартал на 2020 година. Гацов смета дека и третиот квартал ќе ги наследи истите детерминанти. Ако се остварат прогнозите за пад на БДП за речиси 4% се назираат контурите на економските политики на новата влада:

„Намалените буџетски приходи ќе имплицираат намалено буџетско трошење. Ваквата аксиома на буџетирањето не оди во прилог на актуелната општествено-економска состојба со корона вирусот. Борбата против сивата економија и даночната евазија ќе се постави како императив во идниот период. После изборите отворањето на фронт против сивата економија ќе има најмала политичка цена. Истиснувањето на готовината, а заради намалувањето на сивата економија ќе треба да се претвори во темелна алатка на новата Влада. Евентуалниот неуспех во борбата со сивата економија и заузданото буџетско трошење ќе го зголемува притисокот врз јавниот долг, за жал просторот за ново робусно задолжување е максимално стеснет.“

Министерката за финансии Нина Ангеловска веќе беше прашана дали владата планира да бидат зголемени дел од даноците кои ги плаќаат граѓаните и фирмите. Таа засега изјавува дека по растот на акцизата на нафтените деривати не се планира зголемување на други давачки. Ангеловска потенцираше дека приходите во Буџетот од почетокот на април до средината на април во споредба со истиот период лани, се помали за 20,7 отсто, додека кај даноците и придонесите за 20,1 отсто.

Дополнително и фискалниот простор за нова финансиска поддршка на домашната економија е речиси искористен. Имено, износот на финансиската поддршка е веќе калкулиран со ребалансот на буџетот. Неискористениот дел дава можност за продолжување на поддршката за исплата на платите за месец јуни, односно можност за поддршка на производствените субјекти кои инвестираат во овој период.

Изгледите за брзо зкрепнување на македонската економија во наредниот период се непознаница со повеќе песимистички варијабли сметаат експертите. Слабата економија ќе испорачува слаби приходи во буџетот, а со тоа и слаби изгледи за нова поддршка на економијата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП