25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнисот со канабис со старо-нови проблеми

Бизнисот со канабис со старо-нови проблеми

Како и во секој друг сектор кризата се чувствува и во бизнисот со канабис. На крајот на ланската година оваа нова индустрија во земјава алармираше дека е пред колапс. Здружението Макканабис организираше неколку протести и бараше итни измени во Законот за контрола на опојни дроги. Денар побара објаснување од претставниците на овој сектор, како ја пребродуваат оваа здравствено-економска криза. Од Макканабис велат дека дел од компаниите ги промениле своите стратегии и производствени планови, соодветно на условите, дел ги пролонгирале плановите на определено време поради воведените ограничувања. Сепак, очекуваат дека набрзо со надминување на последиците од кризата ќе се стабилизира и бизнисот со канабис, а со донесување на законските измени очекуваат и значителен раст на дејноста.

„Измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции кои влегоа во парламентарна процедура кон крајот на 2019 година не се донесоа поради распишувањето на предвремените парламентарни избори. Очекуваме дека со изборот на новиот парламентарен состав веднаш ќе продолжат активностите за донесување на измените во законот со кои, меѓу другото, ќе се дозволи и извозот на сув цвет од канабис, кој и понатаму не е дозволен. Штетите кои ги трпи бизнисот се големи, бидејќи пласманот на сувиот цвет од канабис е ограничен, а соодветно на тоа штети трпи и државата бидејќи од извозот на сув цвет од канабис можат да се остварат големи приходи во државниот буџет. Имено, со измените во законот е предвидено, покрај редовните давачки кон државата, производителите на канабис да уплаќаат дополнителни 20% од остварената добивка.“

Бизнисот со канабис е прилично комплексен и специфичен и дел од лицата што влегоа во овој бизнис немаа претстава за предизвиците со кои ќе се соочат, објаснува за Денар Костадин Дуковски од здружението Макканабис. Глобалната корона криза има влијание врз работењето на фирмите, дел од нив ги изменија своите планови за инвестирање, прилагодени на ситуацијата. Она што ги  охрабрува бизнисмените од овој сектор се анализите на светските пазари од реномирани светски куќи кои предвидуваат раст на светскиот пазар со канабис во наредните години, поради што постои интерес и за нови инвестиции во оваа област во земјава.

„Особено поволно на инвестиционата клима во канабис бизнисот ќе претставува донесувањето на измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции со кои ќе се овозможи извоз на сув цвет. Тоа ќе биде дополнителен потстрек за неколку поголеми странски инвестиции кои се најавени, под услов да се дозволи извозот на цвет. Реплек има широка лепеза на производи од канабис кои се наоѓаат во слободна продажба, но и производи за третирање на неколку болести и состојби кои се издаваат исклучиво на рецепт издаден од специјалисти доктори“, вели Дуковски.

Интерес  постои  и кај други компании од фармацевскиот сектор за користење и производство на канабисот, вели Дуковски и додава дека  проблем е исполнувањето на меѓународните стандарди за производство на храна и други производи од канабис. Според него тоа е процес за кој е потребно подолго време за имплементација на стандардите и бара голема инвестиција. Дуковски е дециден, на пазарот треба да се испорача производ кој ќе биде пред се безбеден за потрошувачите. Информациите велат дека особено интерес има во делот на иновативните производи од канабис, за што се потребни и дополнителни истражувања во однос на канабиноидите кои ги има канабисот. Целта е првенствено да се испорачаат производи кои ќе влијаат на добросостојбата на корисниците на тие производи, без никакви нус појави од нивното користење.

„ Здружението „Макканабис“ ги поддржа предложените законски измени што влегоа во парламентарна процедура, но поради распуштањето на Собранието не беа донесени. Цениме дека и покрај тоа што има простор за подобрување на законот, се излегува во пресрет на дел од суштинските барања на бизнисот. Еден од нашите предлози е да се донесе посебен материјален закон за канабисот, со цел да се тргне од групата на опојни дроги, имајќи ги предвид светските трендови за декриминализација на канабисот и предлогот на СЗО канабисот да се тргне од листата на опасни дроги од Конвенцијата од 1961 година. Особено инсистираме да се овозможи да се користи целото растение канабис, а не како досега само цветот од канабис, бидејќи има широка примена во повеќе индустрии.“

Од здружението инсистираат дека првично треба да се постави добра законска основа која ќе биде разработена со подзаконски акти, за употреба на канабисот во исхраната, што ќе поттикне проширување на дејноста, но и развој на нови иновативни бизниси поврзани со канабисот.

Засега е рано да се пресметуваат штети, иако тие се навистина големи, уверуваат од Макканабис. Првичните прогнози на крајот на 2019-та беа дека индустријата ќе загуби 50 милиони евра бидејќи не е дозволен извоз на цвет од канабис. Од здружението Макканабис, тогаш побараа итно формирање на Агенцијата која треба да ја регулира оваа дејност. Постоечкиот Закон е на сила од 2016, та а до сега не е донесен ниту еден подзаконски акт кој треба да ја доуреди и развие оваа дејност. Се уште нема регистар на компании од оваа индустрија. Според информациите на здружението во Македонија има 40 компании кои произведуваат канабис за медицински цели.

Кон крајот на ланската година и од фармацевската компанија Реплек побараа од пратениците итно носење на измените на законот за опојни дроги со кои ќе се овозможи извоз на цвет од канабис во странство. На тој начин од компанијата сметаа дека драстично ќе заживее македонската економија и ќе се зголеми стандардот на граѓаните. Тврдеа дека располагаат со докази дека македонското поднебје е многу поволно за одгледување на канабис. Инаку, Реплек е првата македонска компанија која веќе 4 години ги пласира своите производи од канабис на меѓународните пазари, во Германија, Австралија и САД. Ставот на оваа компанија е дека македонскиот канабис е со најдобар квалитет во светот.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП