26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Македонија не е започната имплементација на 5Г, птиците што паѓаат се...

Во Македонија не е започната имплементација на 5Г, птиците што паѓаат се резултат на лажни вести!

5Г технологијата не може да се користи на паметните телефони и уреди со кои во моментот располагаат корисниците на мобилна телефонија. Потребни ќе бидат нови мобилни апарати со посебни чипови. За целосна покриеност со петтата генерација на мобилна технологија, телекомуникациските оператори треба да направат огромни инвестиции во опрема и предаватели.

Пресметките велат дека за територијата на нашата земја ќе бидат потребни околу 700 нови предаватели. Во моментов има само два со кои беше овозможено пробното користење на 5Г пред неколку месеци

„5G технологијата работи на толку многу високи фреквенции од 40, 50 па и 90GHz кои по некои теории ќе ви го спржат мозокот. Од стратегијата на АЕК за 5G и од јавната расправа по однос на овој документ може да се види дека планираме да издаваме одобренија за користење на фреквенции за потребите на 5G технологијата за следниве спектри: 700Mhz, 1500MHz и 3,6GHz  што е далеку од лажните вести за користење на 90GHz. За да им биде појасно на читателите кои не се стручни за да ги разберат овие фреквенции, треба да се каже дека сега за потребите на сите досегашни технологии како 4G, 3G, 2G, LTE се користат следниве спектри: 800MHz, 900MHz, 1800Mhz, 2100MHz, 3.6GHz. Значи она што дополнително ќе се додели на користење за 5G  технологија воопшто не се разликува од она што и до сега се користи. Ако овие фреквенции до сега не го нарушиле здравјето на граѓаните тогаш и новододелените апсолутно ништо нема да променат, дури и силата на зрачењето ќе биде многукратно помала што се утврди и од нашите мерења“, вели за Денар првиот човек на АЕК, Димитријоски.

Воведувањето на нови технологии со поголеми брзини зависи од условите и побарувачката на пазарот, велат надлежните. Основен предуслов за телекомуникациските оператори да инвестираат милијарди евра во нови технологии е да има побарувачка од страна на пазарот. 5G технологијата е технологија за потребите на бизнисот, значи не е наменета за потребите на обичните корисници.

„Брзините на пренос на податоци кои до сега ги постигнуваме со постоечките технологии сосема ги задоволува потребите на стриминг на видеа со највисок квалитет како еден од најголемите побарувачи на брз интернет. 5G технологијата е потребна во производни роботизирани процеси каде илјадници роботи имаат потреба од меѓусебна комуникација и каде доцнењето на сигналот е пресудно. Најголемата придобивка од 5G не е во поголемата брзина на пренос на податоци туку во малото каснење на сигналот и големиот број на уреди кои можат да бидат поврзани на мрежата“, вели Димитријоски.

Контактиравме и дел од експертската фела, професорите од техничките факултети. Нивното мислење е дека главните технички и идејни концепти на 5Г се да обезбеди поголеми брзини на комуникација од тековните технологии, екстремно мало доцнење и доверливост на комуникацијата и поддршка за масивна конективност на уреди. Воведувањето на 5Г ќе ги отвори вратите за нови типови на сервиси и апликации, кои тековните технологии како 3Г (UMTS) и 4Г (LTE) не ги поддржуваат. Доц. д-р Валентин Раковиќ, професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) за Денар вели дека проблем со фобијата што владее околу 5Г е резултат на огромниот број на лажни вести. За разлика од минатото, денеска сите ние сме константно изложени на огромен волумен на информации во дигиталниот домен. За жал, оваа голема изложеност на секаков тип информации, пред сè лажни, лесно може да предизвика несакани последици. Затоа секој од нас треба да се стреми да ги филтрира изворите на информации врз база на нивната содржина и кредибилитетот на изворите.

„Секој од нас треба и има право да биде скептичен за секоја нова технологија што внесува големи и радикални скокови во начинот и квалитетот на живот. Имено, оваа манифестација на технофобија многупати се појавувала низ човековата историја. При првата индустриска револуција голем дел од населението било против употребата на машините во индустрискиот процес. Исто така, воведувањето на електричната енергија, автомобилите, возовите, употребата на телефонот, сите биле дочекани со голем страв и отпор од населението. Но, освен што секој од нас има право да биде загрижен, секој од нас мора да биде и добро информиран пред да настапи со осудување на кој било нов технолошки концепт“, вели универзитетскиот професор, Валентин Раковиќ.

Последниов месец социјалните мрежи беа преплавени од вести со негативна содржина за воведувањето на 5Г технологијата, не само во Македонија туку и насекаде во светот. Се објавуваа слики и видеа каде се гледа дека птици паѓаат на земјата поради близина и зрачење од поставени нови предаватели кои наводно имаат штетно влијание. Ваквите информации надлежните и експертската јавност категорично ги дематнираат.

По серија реакции на граѓаните на Општина Боговиње, градоначалникот  Албон Џемаили се обратил и до дел од министерствата и до АЕК да добие официјален одговор дали во општината со која тој раководи има инсталирано 5Г мрежа.  Добил експресен одговор дека не станува збор за никакви нови технологии во Општина Боговиње, туку само зајакнување на веќе постоечката интернет мрежа поради зголемено користење на интернет просторот од страна на граѓаните во време на оваа здравствена криза.

Надлежните демантираат и дека Словенија, Белгија и Швајцарија го забраниле користењерто на 5Г технологијата, бидејќи се споделуваа и информации од ваков тип.  Велат дека тоа е апсолутно неточно. Ниту една земјава во светот нема забрана за воведување на 5Г.

Поразвиените земји ќе успеат побрзо и поедноставно да ја имплементираат петтата генерација на мобилна телефононија. Она што е карактеристика и заклучок за помалку развиените земји, како Македонија, е фактот дека имплемнтацијата на 5Г ќе оди доста споро подади огромната инвестиција која ќе треба да ја реализираат мобилните оператори во земјата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП