19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДа се осигуруваат туристичките аранжмани

Да се осигуруваат туристичките аранжмани

Состојбата со коронавирусот ги натера македонските граѓани и деловните субјекти да стануваат сè посвесни за предностите од осигурувањето. Проблематичната ситуација за водење бизнис, а особено во туристичкиот сектор ги принуди стопанствениците од оваа дејност да бараат решенија и преку осигурување на нивните производи, како што се аранжманите.

Во време кога сите патувања се откажуваат низ светот, туристичките работници предлагаат превентивни мерки за иднина. Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето сметаат дека едукацијата на граѓаните во оваа област е исклучително важна. Мора да се подигнува свеста на луѓето за важноста на осигурувањето. Во услови на динамично живеење сите деловни субјекти се изложени на многу ризици. Преку склучување на договор за осигурување, се прави трансфер на ризиците кон друштвата за осигурување. Дополнително велат дека веќе ниедна економија не може да опстане без осигурувањето.

„За развојот на туристичките активности, осигурувањето зазема важно место. Во денешно време, потребата за осигурување е поголема, посебно доброволното осигурување, кое е потребно за економските субјекти да ги покријат ризиците што не се опфатени со полиса за задолжително осигурување. Од друга страна, туристите, може индивидуално да се осигуруваат, против ризици, што не се вклучени со полиса за патничко осигурување. Така на пример:  Предмет на осигурување во една полиса за осигурување може да е законската одговорност на туристичката агенција за штета која таа ќе ја предизвика на корисниците на туристички услуги, а согласно Законот за туристичка дејнот.  Со ова осигурување, туристичката агенција обезбедува покриеност за штети како последица од непредвидлив, неочекуван, непознат штетен настан, поради пропуст или грешка од небрежност. Може да бидат осигурени случаи кои ќе настанат за време на организирање и спроведување на туристички патувања, екскурзии, туристички пакет аранжмани, излети  и други туристички ангажмани во земјата и странство, со кои се вклучени и давање туристички информации, вршење на услуги со туристички водич, продавање влезници за културни приредби, осигурување на патници и туристи и сл. Со полисата за осигурување може да биде опфатена и правна помош во случаи кога ќе бидат поведени судски постапки од оштетени лица.“

Алармантната состојба во туризмот беше едно од барањата кои се извадија на маса на туристичките работници во ова кризно време. Сметаат дека со осигурените аранжмани граѓаните ќе си бидат на чисто, за во иднина доколку се соочиме со слични ситуации тој сегмент да биде покриен.

„Новонастаната ситуација покажува дека треба да се изврши измена на Законот за туристичка дејност. Особено во начинот на осигурување, и мислам дека после санирањето на ситуацијата заедно со министерството за економија ќе мора да изнајдеме одредени мерки за да се „испегла“ законот за туризам“, вели Емил Димитровски, долгогодишен туристички работник.

Од министерството за економија пак, за Денар велат дека и сегашниот закон предвидува осигурување, односно не забранува осигурување на аранжмани.

„Министерството за економија, Предлогот за осигурување на аранжманите го има прифатено и предвидено во новите измени на Законот за туристичка дејност кој е поминат и во владина процедура. Во комуникација со осигурителните компании се предложени конкретни модели на осигурување на аранжмани и истите ќе бидат ставени при новите измени на Законот“, велат од министерството за економија.

Инаку, туризмот е една од најпогодените гранки во економијата во време на коронавирусот. Од овој сектор излегоа со дополнителни десетина барања до владата за намалување на штетите и одржување на ликвидноста на нивните компании. Тие бараат ослободување од плаќање на придонеси и даноци за личен доход во период од шест месеци. Дополнително бараат од владата да биде намален ДДВ-то на храната во рестораните од 18 на пет отсто. Во туристичкиот сектор активно работат околу 20 илјади лица.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП