Во регистарот на туристички агенции во земјава има околу 650 туристички агенциии со активна лицена – покажуваат последните податоци на Министерството за економија. Но дали и колку граѓаните се задоволни од услугите кои ги нудат?!
Податоците на Организацијата на потрошувачи покажуваат дека иако се намалуваат, сепак не стивнуваат поплаките на граѓаните до нив, за несоодветно сместување, нереализирано патување, плаќање за една добивање друга услуга со понизок квалитет. Во последниот Годишен извештај на Организацијата на потрошувачи стои дека иако помалку, поплаки сепак има. Тие се стандардно меѓу поплаките кои се на повисоките места на листата.
„ Во однос на услугите, најголем дел проблеми потрошувачите имаа со туристичките патувања. Разбирливо поради летните одмори, бројот на поплаки за овие услуги се покачи, но во однос на сериозноста на проблемите, сметаме дека ситуацијата е подобрена, и дека недоследностите во исполнувањето на договорите со туристичките оператори, односно недоследностите при исполнувањето на обврските кон потрошувачите е помало во однос на минатата година“, стои во годишниот извештај на ОПМ за 2018 година.
Ресорот економија избројал вкупно 703 туристички агенции во земјава, но на педесетина веќе им истекле лицените и не им се возобновени. Мал дел е на тие кои им престанала важноста на лицените последните две години, додека поголем е тој на агенции со истечени лиценци пред 2016 година.
Поради неправилности во работењето пак, одземени се лиценци на само 5 агенции, а лани е одzемена само една лиценца.
Дека граѓаните се жалат дека се измамени од туристичките агенции, кои не избираат средства за што побрза и полесна заработувачка недамна реаgираа и туристичките агенции при Стопанската комора. Се пожалија дека тоа се овозможува со широката законска рамка и недоволната контрола од страна на надлежните институции.
„Со тоа што е дозволено да се регистрираат многу сезонски агенции, кои не ги исполнуваат основните услови за работа, се создаде нелојална конкуренција на пазарот преку нудење неквалитетни и лажни аранжмани. Сето ова придонесе дел од македонската популација до 55-годишна возраст своите аранжмани да ги организира преку разни онлајн-портали што, исто така, може да биде проблематично, бидејќи и тие се соочуваат со проблеми како несоодветно сместување, отстапување од она што го резервирале, откажување аранжмани“, реагираа тие. Побараа нов закон за туризмот, кој ќе биде подециден, ќе предвидува секоја агенција, со А и со Б-лиценца да обезбеди банкарска гаранција за клиентот што патува.
Инаку банкарска гаранција на 100.000 евра имаат само агенциите со А – лиценца.
ОПМ: Кои се правата на патниците со договорите за аранжманот?
Патникот има право на промена на датумот на поаѓање. Ако го менува терминот на поаѓање на истиот аранжман најмалку 15 дена пред денот на поаѓање, доколку е можно, организаторот ќе изврши промена на резервацијата и ќе наплати само манипулативни трошоци во износ од 10 евра, стои во најновата брошура на организацијата на потрошувачи.
Патникот има право и на намалување на цената – ако договорените услуги се нецелосно или неквалитетно извршени, но само ако поднел приговор до организаторот на патувањето најдоцна во рок од 8 календарски дена од денот на завршувањето.
Но и право да го раскине договорот – ако навремено се откаже од договорот во разумен рок (доколку не е поинаку наведено, тој рок е најдоцна до 31-от ден пред почетокот на патувањето). Исто организаторот може да земе само надомест за административните трошоци.
А може во секој момент да се откаже од патувањето, но ако тоа го направил до 30 дена пред патувањето и се наплатува 5%; од 29 до 22 дена пред патувањето 10%; од 21 до 15 дена пред патувањето 20%; од 14 до 8 дена пред патувањето 50%; за откажување од 7 до 1 ден пред патувањето 90%. А ако не се појави или го откаже аранжманот на денот на неговата реализација организаторот ќе го наплати целокупниот износ на аранжманот, односно 100%.
А во случај ако организаторот неоправдано го откаже патувањето, патникот има право на туристички аранжман кој му одговара или друг сличен пакет-аранжман од повисок квалитет таму каде што туристичката агенција може да му понуди како замена. Ако туристичкиот пакет-аранжман како замена е од понизок квалитет, туристичката агенција ќе му ја врати разликата во цената на патникот или за максимум 15 дена ќе му ја врати целата сума која ја платил по договорот- стои во најновата брошура на ОПМ „Туристички аранжмани“.