6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНова зима - стара мака за туризмот во Македонија

Нова зима – стара мака за туризмот во Македонија

Зимската туристичка сезона во земјава и годинава поминува скромно. Неколкуте планини и ски-центри и оваа зима останаа без посериозни инвестиции кои би привлекле туристи и љубители на белите спортови. Поискусните туристички работници порачуваат дека без долгорочен план и повеќе годишна стратегија не треба да очекуваме дека работите самите ќе се променат.  

“Не е можно позабележително привлекување на туристи без национална стратегија”, вели Ангел Иванов долгогодишен туристички работник.

За Иванов е нејасно како може земјава да заостанува според сите параметри кои се дел од туристичката дејност во споредба со државите од нашето опкружување. Она на што треба да се работи е како подобро да се искористи престојот на странските туристи во земјава. Иванов, инаку е основач на првата приватна туристичка агенција во Македонија и вели дека просечниот  престој во Македонија на странските туристи е три дена а во тој краток период недоволно се користи нивното присуство.

„ Не ми е јасно како не можеме да направиме наше Банско на убавите македонски планини кога Банско имаме во дворот. И Маврово, Шапка, Крушево и ред други планински убавини, ретки се деновите во кои на нив има масовен зимски туризам. А пак во летниот период, Јуни-Септември низ Македонија минуваат 4 милиони транзитни туристи во двата правци низ ,,зелениот коридор,, Тиквеш, Росоман, Демир Капија, а земјоделците на протести го исфрлаат производство за кое немаат пласман: овошје, зеленчуци, мед, вино. Не сакам да давам идеи, не е ова ,,ден на идеи,, по толку платени советници во Владата..“

Најновиот извештај на Државниот завод за статистика за состојбите во туризмот покажува дека во ноември лани земјава ја посетиле 64 458 туристи, што претставува раст за 7510 лица во однос на истиот месец 2018 година. Извештајот покажува дека 21 илјади туристи биле домашни, а останатите над 40 илјади гости пристигнале од странство. Што се однесува до ноќевањата, овие гости во ноември лани оствариле речиси 136 илјади ноќевања. Градот Скопје, Езерските и Планинските дестинации остануваат најпосетуваните локации, како од домашните така и од странските гости. И во ноември најмногу гости во Македонија имало од Грција и од Турција повеќе од пет илјади, потоа следуваат туристите од Албанија, Бугарија, Србија и од Косово. По неколку стотини туристи допатувале и од западно европските земји, а благодарение на врзаните тури во регионот се почести гости во Македонија се и туристите од Азија.

“Добро е тоа што податоците велат дека од година во година туризмот остварува позитивни бројки. Има континуиран благ раст кај бројот на туристи и зголемување на бројот на ноќевања. Не е голем растот, се движи од пет од седум отсто но тоа е добро”, вели  Крсте Блажевски претседател на ХОТАМ. Според него доколку се случи нагло зголемување на растот во туризмот, може да се случат и  нагли падови што би била поголема  опасност за целокупниот сектор.

„По завршувањето на новогодишните празници во Охрид и Струга е многу мирно. Во принцип јануари и февруари се најслаби месеци во годината кога станува збор туризмот на охридското крајбрежје. Во првите месеци од годината најчесто се врши обнова, реконструкција, доградба или слични градежни зафати на сместувачките капацитети. Се прават подготовки за пролет, а во меѓувреме туристичките работници посетуваат семинари, одат на обуки или се дел од некоја работилница. Сега езерскиот туризам не е атрактивен, а најблискиот ски-центар е Маврово кој е на 90 километри од Охрид. Треба со автобуси секој ден да се носат гости од Охрид dо Маврово и да се враќаат во хотел назад. Во Маврово и нема доволно сместувачки капацитети“, вели за Денар Крсте Блажевски. “

Во време кога расте бројот на туристи, информациите од терен велат дека за некое ниво е подобрена услугата од страна на угостителските работници. Најголемиот проблем сега во овој сектор е недостатокот на кадар.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП