24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАММФ критикува, Владата си тера по свое

ММФ критикува, Владата си тера по свое

Стигнаа првите критики од Меѓународниот Монетарен Фонд за економските политики на земјава, кои треба да се имплементираат со буџетот за наредната година- Владата пак си тера по свое. Монетарците предупредуваат дека зголемувањето на минималната плата, платите во администрацијата и пензиите, како и враќањето на рамниот данок можат да ги поткопаат придобивките од претходните фискални реформи. Од ММФ, чиј тим престојуваше во земјава заради спроведување на редовниот годишен преглед на економијата, со свои укажувања посочија дека со стопирањето на прогресивниот данок под ризик е проектираното полнење на државната каса, а негативни ефекти по конкурентноста на економијата може да има и растот на минималецот и на платите на административците, зошто платите растат додека паѓа продуктивноста. Монетарците бараат реформи од Владата.

„Во овој контекст, плановите за модифицирање на елементи од неодамнешните фискални реформи би можеле да поткопаат некои од придобивките кои веќе биле остварени. Одејќи напред, зголемувањето на поголемата еднаквост на приходите и подобрувањето на животниот стандард ќе бара микс од фискална политика која е насочена кон раст и непоколеблива посветеност кон амбициозната агенда за структурни реформи”, стои во извештајот.

ММФ забележува дека одложувањето на прогресивниот данок на доход, како и стопирањето на данокот на капиталните добивки кој требаше да стартува од наредната година ќе го забави полнењето на буџетската каса.

„Веќе имплементираната мерка за поврат на ДДВ („Мој ДДВ”) – наменета за подобрување на наплатата на приходите ќе придонесе за зголемување на трошоците. Предложеното одложување на прогресивниот персонален данок на доход и данокот на капитални добивки ќе го забави растот на приходите. Истовремено, повисоките придонеси за социјално осигурување ќе генерираат дополнителни приходи. Прелиминарно, тимот проектира фискалниот дефицит да се прошири до 2,5 отсто од БДП во 2020 година, од сегашните 1,8 проценти во 2019 година“, стои во извештајот на ММФ.

Велат растот на минимналецот, нема да ја намали сиромаштијата, само ќе допринесе за намалување на конкурентноста на домашната економија која е поткопана од падот на продуктивноста. Забележуваат, минималната плата расте побрзо од продуктивноста на трудот, што е над регионалните стандарди.

„Нето минималната плата кумулативно ќе се зголеми за 45 отсто, сметано од 2017 година. Таа ќе порасне до над 50 отсто од просечната плата, што е високо според регионалните стандарди. Повисока минимална плата може да помогне во намалувањето на сиромаштијата кај вработеюпе. Сепак, застапеноста на сиромаштијата е многу поголема кај оние кои се невработени. Поради тоа, зголемувањето на минималната плата можеби нема да биде ефективно во намалувањето на сиромаштијата, особено доколку тоа делува кон намалување на формалното вработување. Мисијата на ММФ препорача да се зачува конкурентноста преку тесно усогласување на минималната плата со продуктивноста, притоа осигурувајќи целосно спроведување“, стои во извештајот.

Бараат и јавните трошења да се насочат кон инвестициите. Ги искараа властите и за лошото проектирање на капиталните инвестиции кои секоја година не се реализираат според плановите, па затоа годинава со ребалансот се кратат 50 милиони евра од капиталните расходи за да се закрпат други дупки во Буџетот.

„Имајќи ги предвид големите потреби од инвестиции на државата, мисијата препорача да се направи пренасочување на јавното трошење кон инвестициите. Ова би требало да биде поткрепено со мерки за зајакнување на рамката за управување со јавните инвестиции, вклучително и подобро дефинирање на приоритетите и справување со тесните грла при извршувањето на планираните проекти. За да се обезбеди заштита од фискални ризици кои произлегуваат од јавно-приватни партнерства, мисијата препорача да се почека со одобрување на нови проекти додека не биде воспоставана зајакната рамка“, велат од ММФ.

Проектираат раст на БДП за наредната година од 3,4 проценти, што е за 0,2 процентни поени повеќе од пролетната проекција на ММФ, но сепак е далеку понизок од владиниот раст на БДП проектиран на 3,8 проценти за наредната година.

Фондот укажува дека зголемувањето на пензиите поголемо од законски нормираното усогласување ќе предизвикува нагорен притисок врз трошењето, што повторно ќе ја наруши стабилноста на пензискиот фонд и во крајна линија, ќе предизвика пораст на вкупниот буџетски дефицит. И  според пресметките на институтот „Фајнанс тинк“, проектираното зголемување на пензиите во 2020 година ја запира консолидацијата на пензиските финансии и претставува извор на ризик за вкупните јавни финансии.

За министерката за финансии Нина Ангеловска забелешките на ММФ вели дека не се негативни. Вели  ММФ е институција која секогаш има конзервативен пристап и е претпазлива при давање на заклучоци.

„Во однос на Извештајот, пишува дека се очекува да забави растот на приходната страна заради релаксацијата на даночните политики. Тоа не значи дека се очекува да паѓа или дека е негативен коментарот. Од друга страна, коментарот на расходната страна вели дека овие мерки, номиналната плата и покачувањето, напротив ќе овозможат брзо инјектирање што ќе придонесе до раст на приватната потрошувачка која што очекуваме да го движи економскиот раст кој што е проектиран на 3,8 проценти“, рече Ангеловска додавајќи дека позитивно се оценети реформите и се охрабрува Владата да продолжи со нив.

Владата останува на ставот пензиите наредната година да се покачат за 700 денари плус дополнителните две усогласувања со што вкупното покачување треба да изнесува околу 900 денари. Ќе растат и платите во здравството и образованието. А се враќа и рамниот данок од 10 проценти од наредната година.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП