19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија vs регионот – помал избор и поголеми цени за облеката и...

Македонија vs регионот – помал избор и поголеми цени за облеката и електрониката

Ист бренд и ист модел, а различна цена. Најголем дел од производите кои се нудат во македонските продавници се поскапи во споредба со регионот. Ова особено важи за електрониката и за облеката.

Разликата не се должи на даночните стапки, тие во земјава се на исто ниво па дури и пониски во споредба со соседството. Зошто тогаш во Македонија речиси се се продава поскапо? Поради малиот пазар и малата побарувачка, барем така објаснуваат познавачите.

„Конкуренцијата е таа која ги диктира и цените и услугата. Кога имате слаба конкуренција можете да си дозволите и поголема маржа“ објаснува трговскиот аналитичар Синиша Томески.

Сепак, дури и оние производи кои се дел од големи брендови, пред се облеката, кои би требало да имаат унифицирани цени кај нас често се продаваат поскапо иако разликата не е толку драстична.

„Меѓународните синџири имаат препорачани цени кои се делат на неколку нивоа, колку пазарот е помал, понеразвиен, а куповната моќ поограничена толку диктираната цена е повисока поради помалиот промет“ вели Томески. „Малиот промет резултира со мали набавки директно од добавувачите, се носат само по неколку парчиња, нормално е тогаш да се добие и повисока цена“ дообјаснува тој.

Токму малиот пазар е и главниот ограничувачки фактор зошто големите брендови не се шират во земјава. Дури и Косово и Албанија почнаа да ја минуваат Македонија во однос на присуството на меѓународни брендови на локалните пазари. Србија и Босна се далеку пред нас, а веќе воопшто и не можеме да се споредуваме со соседите кои се членки на ЕУ односно со Грција и Бугарија.

„Пред да се влезе на нов пазар се прават опсежни анализи за оправданоста. Македонија едноставно не е интересна за директно вложување зашто има само два милиони жители со ограничена куповна моќ. Ова важи и за франшизите – за да се донесе странски бренд потребни се големи пари и исполнување на строги услови, а на крајот може и да не се врати инвестираното“ вели Томески.

Според Евростат, статистичката агенција на Европската Унија, најевтина облека има во Турција, а најскапа во Исланд.

Така алиштата во Турција се продаваат за 37% под европскиот просек, следат Македонија и Бугарија со 21% под просекот. На врвот на листата е Исланд со 52% над просекот, па Швајцарија и Данска со 34 односно 33%.

Сепак, овие податоци се за просечната цена на облеката, вклучително и локално произведените парчиња и не ги земаат предвид меѓународните и најбараните брендови, ниту периодите на попусти и распродажби.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП