3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: Рамен vs прогресивен данок

Анализа: Рамен vs прогресивен данок

Рамен наместо прогресивен данок. Владата се враќа чекор назад и ја укинува мерката што ја воведе пред неполна година, а која беше и едно од главните предизборни ветувања. Што значи ова?

Прогресивниот данок – главен изборен адут

Прогресивниот данок беше едно од главните ветувања на СДСМ. Беше дел од сите предизборни програми во изминативе 10 години и во изминатите 4 изборни циклуси.

Праведниот даночен систем треба да воведе пониски стапки на данок за сиромашните, а повисоки за богатите, ветуваше СДСМ.

„Постојниот даночен систем во нашата држава делува во корист на најбогатите граѓани, а на штета на сите останати. Владата на ВМРО-ДПМНЕ го воведе таканаречениот рамен данок, според кој сите граѓани плаќаат данок на својот доход по една иста даночна стапка од 10%, без разлика на тоа колкави се нивните плати, пензии и останати приходи. Ова не е праведно. Ние тоа ќе го промениме“, пишува во „Планот за живот“.

Даночната реформа не издржа ни една година

Даночната реформа стапи во сила на 1 јануари годинава. Кога се носеа законските измени власта тврдеше дека од неа корист ќе имаат најсиромашните, дека ќе придонесе за намалување на нееднаквоста во опшстеството.

„Корист од рамниот данок имаат само најбогатите. Тој беше воведен во Македонија да им служи на малкумина кои заработуваа многукратно повеќе од најголемиот дел од граѓаните. Тој им дозволи на најбогатите да се богатат уште полесно, оставајќи го мнозинството да се мачи да ги задоволи своите основни потреби за живот. Праведниот данок и оди во прилог на целата економија и на сите граѓани“, изјави тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски пред една година.

Десет месеци подоцна откако Драган Тевдовски беше потфатен од „метлата“ на Зоран Заев новата министерка за финансии Нина Ангеловска на изненадување на сите, обзнани дека целиот проект се замрзнува на најмалку три години, дека се враќа претходниот даночен систем. Таа рече дека реформата не ги дала очекуваните резултати.

„Анализите со надворешни и домашни консултанти на ефектите од воведувањето на прогресивниот данок на личен доход покажаа незначително подобрување на распределбата на доходот, односно намалување на нееднаквоста за помалку од еден отсто, како и даночно избегнување, односно изгубени се 50 отсто од даночните приходи кои можеле да се соберат“, изјави Ангеловска.

Даноците – повод за партиски препукувања

Откако власта ретерираше и го врати рамниот данок опозицијата побара да бидат вратени парите кои во меѓу време биле собрани од фирмите и од граѓаните.

„А колку само ја бранеше оваа мерка, колку само викаше дека е оправдана, и колку само лаги ширеше кога му велев да не го прави тоа, а сега пред изборите вели дека било грешка, ама не се откажува целосно, туку само пред изборите зошто му требаат гласови, а после мисли дека ќе продолжи со истата чизма со која го гази народот. Но ова не е детска игра, ова се сериозни времиња“ изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Од друга страна премиерот Зоран Заев вели дека е доблесно да се признае грешка и дека не треба да се оди со главата во ѕид по секоја цена.

„Направивме исчекор, почнавме еве на крај на годината сме и признаваме дека не ги донесе резултатите. Ова е само израз на чесно владеење, што ќе продолжи оваа Влада да го практикува. Заради тоа што постоиме и работиме за народот и секогаш е почесно да ги признаете грешките и да повлечете чекор назад, отколку буквално да продолжите во нешто од пусти каприц и само да покажете дека сте исправен во тоа што сте почнале како политика“, изјави премиерот Зоран Заев.

Жестоки критики од експертите

Двоецот, Тевдовски – Јовановиќ, кој го воведе рамниот данок со жесток одговор на укинувањето на реформата.

Поранешниот министер Драган Тевдовски апелираше до пратениците да не гласаат за владиниот предлог.

„Пратениците на СДСМ, пред да гласаат за ова, нека помислат дали се за бришење на Социјалдемократски од името на СДСМ. Посебно од страна на луѓе што немаат врска со СДСМ“, напиша тој на социјалната мрежа Facebook.

Неговиот поранешен советник, Бранимир Јовановиќ, отиде и чекор понатаму – напиша дека на овој начин Владата ќе им даде 30 до 40 милиони евра на најбогатите 1% во државата.

„Не на сиромашните, не на работниците, не на земјоделците, не на студентите, не на младите, туку на Заевци, Кочовци, Нини, Камчевци и Мијалковци. И, ок, легитимно е. Легитимно е, па и логично, Влада водена од богаташи, да се грижи за богатите, а не за сиромашните“, напиша тој на Facebook.

И поранешниот министер за финансии и некогашен висок функционер на СДСМ Никола Поповски излезе со критика – вели дека вакви потези преземаат крајно десничарски влади. Тој вели дека прогресивниот данок е, всушност, цивилизиран данок кој е присутен во повеќето земји од нашето опкружување, пред сѐ, во земјите членки на ЕУ.

„Целта кон која Македонија се стреми е ЕУ. Ние не се стремиме кон оние две-три држави од опкружувањето кои се како нас, туку се стремиме кон ЕУ. Второ, прогресивниот данок е праведен, затоа што релативно ги оданочува повеќе оние што заработуваат повеќе“, објаснува поранешниот министер за финансии.

Поранешниот гувернер Петар Гошев за РСЕ изјави дека мерката се укинува врз основа на, како што вели, „никакви анализи“.

„Овој начин на одлучување покажува дека одлуките се носат надвор од системот, а потоа им се сервираат на куклите што го играат театарот во институциите, без интегритет. Ова не е одлука која е донесена од органите на СДСМ, туку од тесен круг на луѓе, ова мерка е резултат на лобирањето на најтесниот круг на богати луѓе кои немаат сочувство со огромниот број сиромашни луѓе во Македонија“, вели Гошев.

Бизнисмените задоволни – биле послушани

Од друга страна бизнисмените се задоволни. Велат дека нивните апели биле прифатени.

„Комората… упати јавен повик до надлежните институции да бидат преиспитани ефектите од воведувањето прогресивно оданочување. Ваквиот став се засноваше на резултатите добиени од анкетата и направената анализа… за ефектите од воведувањето на прогресивното оданочување и зголемувањето на даночните стапки кај оданочувањето на доходот од капитал“, велат од Стопанската Комора на Македонија (СКМ).

СКМ останува на ставот дека за системски промени со финансиски импликации врз бизнисот, задолжително и континуирано мора да се спроведуваат јавни консултации и дијалог со Комората како застапник на реалниот сектор во државата, во насока на обезбедување поволно деловно опкружување и создавање применлива законска регулатива.

Која е разликата меѓу рамен и прогресивен данок?

Пропорционалниот или рамен данок останува ист кога се менува даночната основа. Без оглед на тоа колкава е висината на основата, пропорционалната стапка секогаш ќе биде непроменета, со што односот меѓу основата и даночниот долг останува ист.

На пример, основата на еден даночен обврзник е 1.000 денари, основата на друг даночен обврзник изнесува 2.000 денари. Доколку се воведе данок од 20%, првиот обврзник ќе треба да плати 200 денари данок и ќе му останат 800 денари. Вториот ќе плати 400 денари, а на располагање му остануваат 1.600 денари. Како што даночната основа на двајцата е во сооднос 1:2, така и доходот по оданочување го задржува истиот сооднос.

Прогресивните даночни стапки се зголемуваат кога се зголемува и даночната основа. Порастот на прогресивните стапки може да биде: рамномерен (да расте со исто темпо како и основата), забрзан или забавен.

Рамномерниот пораст на прогресивните даночни стапки постои кога со ист процент се зголемуваат и даночната основа и даночната стапка. Доколку, на пример, даночната основа се зголеми за 100% и даночната стапка ќе го забележи истиот пораст.

Кај забрзаниот пораст на прогресивните даночни стапки, стапката се зголемува во поголем процент отколку даночната основа. Од друга страна е забавениот пораст на прогресивните даночни стапки, кај кои даночната стапка се зголемува со помала динамика од даночната основа и станува збор за регресивно прогресивни даночни стапки.

Кај примената на сите три видови на стапки, даночните стапки секогаш растат кога се зголемува и даночната основа, само различна е динамиката на пораст.

Рамен и прогресивен данок во Македонија

Во јануари годинава започна примената на прогресивниот данок во Македонија.

Годишната даночна основа до 1.080.000 денари се оданочуваше по 10%, додека лицата кои остваруваат од 1.080.001 денари доход плаќаа 108.000 +18% на делот на доходот што е над 1.080.000 денари.

Сега се враќа решението кое беше воведено на 1 јануари 2008 година, даночната стапка изнесува 10% без оглед на остварените приходи.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП